Заврши ДРУГА ПРИКАЗНА #2

12.09.2017 03:11
Заврши ДРУГА ПРИКАЗНА #2

На 10 септември, во недела, заврши второто издание на скопскиот книжевен фестивал Друга приказна, кој се одржа во Музејот на современата уметност, а започна на 8 септември.

Последната, трета вечер, започна со промоција на едицијата Друга приказна, која ја промовираа Оливера Ќорвезироска и Никола Гелевски.

Потоа следуваше разговорот на тема Уметноста и револуцијата, во кој учествуваа Роберт Алаѓозовски, Милан Ѓурчинов, Елизабета Шелева, Сафет Ахмети, Владимир Јанчевски, Миклавж Комељ и водителот Никола Гелевски.

„Дискурсот на револуцијата и во општеството и во уметноста беше силно присутен во изминатите години во Македонија, неретко идеите за мирен пресврт или револуција беа во конфликт. Сега, периодот на реформи е уште потежок бидејќи просторот за радикални интервенции е мал, ако сакаме да се држиме до законите, но ќе инсистираме на реформи“, рече на почетокот на дискусијата министерот Алаѓозовски.

Академик Милан Ѓурчинов рече дека ја следел и ја поддржувал Шарената револуција: „Револуцијата е утопија, но утопија во позитивна смисла, која можат да ја направат само младите. И натаму верувам во револуција“, рече Ѓурчинов. Тој побара од министерот за култура да овозожи средства во земјата да гостуваат врвни светски мислители како Жижек или Чомски.

Сафет Ахмети, историчар на уметноста говореше за манипулацијата со уметноста односно со таканаречените споменици. „Се работи за манипулација со термините како уметност или споменици, со намера да се создаде погрешна слика за настаните, да ни се наметне што е пожелно да градиме и да мислиме. ‘Скопје 2014’ е токму таков пример на манипулација“, рече Ахмети, а со тоа се согласи и Владимир Јанчевски, историчар на уметноста, кој се осврна и на историјата на преплетувањето на уметноста со револуционерните движења.

„Уметноста сама по себе тешко дека може да направи промени во општеството, но таа секогаш е покрената од некој обид да се направи промена“, рече Елизабета Шелева.

Миклавж Комељ, поет и историчар на уметноста од Словенија, говореше за односот кон партизанската уметност во неговата земја.

По дебатата, Румена Бужаровска и Славчо Димитров ја промовираа книгата „Велалучка колиба, под Водно“ од неодамна починатиот преведувач и професор Огнен Чемерски.

Второто издание на фестивалот „Друга приказна“ во МСУ беше заокружено со настап на музичарите Ненад Тонкин и Љупа Ангелов.

Книжевниот фестивал посветен на малите фикции, годинава беше поддржан од Министерството за култура, имаше десетина гости од Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Лауреат на годинашното издание е писателот Влада Урошевиќ, чиешто творештво беше претставено со разговор и анимирано-документарен филм. Се одржаа промоции, музички настапи, книжевна работилница и разговори поврзани со темата на фестивалот – СЛОБОДА, ЉУБОВ, СОН.

Фотографии: Жарко Трајаноски

Слични содржини

Книжевност / Култура
Книжевност / Култура / Музика
Активизам / Книжевност / Култура
Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Настан

ОкоБоли главаВицФото