Сталин, јазикот и ние

12.09.2017 04:18
Сталин, јазикот и ние

Онака како што почна да зема замав и да се вжештува јавната расправа за службената употреба на албанскиот јазик во РМ, онака како што се појавија два вида или, уште подобро, два табора (Митрев) македонисти: едни, со нивниот Совет (под водство на проф. д-р Љ. Спасов) за македонски јазик на страната на новата реформска власт и други - бурна, бучна и громка опозиција на тој Совет која, за љубов на вистината, не го критикува, но затоа пак мошне остро (вид утеха-оддишка за кроткиот, „превентивен“ долгогодишен молк под камшикот на груевизмот?) го прави тоа со предложениот Закон за употреба на албанскиот во јавниот живот, така почна сè почесто и сè побрзо да ми се врти во главата помисла дека ќе треба, во нашиот сегашен јазичко-политички контекст, да ја препрочитам добро познатата книшка на Јосиф Висарионович Сталин од 1950 под наслов „Марксизмот и проблемите на лингвистиката“.

Од каде помислата дека, во таа книшка на Јосиф Висарионович, има некоја сугестија која може да фрли нешто светлина врз нашите, понекогаш бурни и жолчни, понекогаш забавни и, не толку ретко, самоцелни (пак Митрев) јазичко-политички „междусебици“? Можам да кажам тука дека мене ми останало во живо сеќавање дека, во завршниот дел таа книшка, тогашниот водач на Советскиот Сојуз кој доби нов, силен ветер во грбот по победата над хитлеризмот, почнува решителна битка против, дотогаш, доминантната јазичка теорија во советската службена наука за јазикот. Доминантна беше теоријата на знаменитиот лингвист Николај Јаковлевич Мар (1865-1934). Таа доминација потраја дури 16 години по смртта на Николај Јаковлевич. На три години пред својата смрт (март 1953) Јосиф Висарионович реши да ја ликвидира и таа доминација. Реши, затоа што нема доминус (господар) кој поднесува ривалска доминација.

Шкотланѓанец по татко (како Лермонтов) и Грузиец по мајка, Николај Јаковлевич беше современик на Бодуен де Куртене (еден од комисијата што ја оценуваше дипломската работа на нашиот К. П. Мисирков), Шахматов, Трубецкој и, нешто подоцна, Јакобсон. Сите тие важат било за големи претходници, било за протомајстори на формалната школа во руската лингвистика. И во теорија на литературата, се разбира. Зошто? Затоа што Роман Осипович, во својата студија „Лингвистика и поетика“ јасно кажа: денес било дури анахронизам еден лингвист да не биде упатен во теоријата на литературата, а пак литертуровед да не биде добро упатен во модерната лингвистика. Тука и, сега засега, го тргам настрана прашањето: колку се, нашите громогласни македонисти, упатени во литературата, а колку пак нашите тивки литерати во – лингвистиката?

Николај Мар дотурка дури до потпретседател на Руската академија на науките. Тој беше голем познавач на кавкаските и ерменскиот јазик и, во тоа својство, основач на еден институт за палеолингвистика. Се прослави со неговата „инваријанта“ која велеше дека, во сите јазици на светот (живи и мртви) се крие длабинска, прото-структура која се сведува на извиците: sal, ber, yon и rosh, затоа што тие извици се некој вид нуклеус на секој јазик, може да се каже дека сите потекнуваат од еден единствен јазик-мајка.

Таа „инваријанта“ беше, треба да се додаде тука, еден од посветените, клучни поими на руската формална школа. Благодарение на Роман Осипович Јакобсон, тој поим влезе во техничкиот јазик на Прашкиот лингвистички круг. Се најде потоа и во техничкиот јазик на германската Морфолошка школа. Најде место и во антропологијата на Клод Леви-Строс (францускиот структурализам) за, најпосле, да стигне на Харвард-универзитетот во САД каде што, заедно со Јакобсон, работеше славистот Хорас Лант, авторот на првата граматика на модерниот макeдонски, објавена на амеро-англиски во 1952 г.

Во таа 1950 година, кога Јосиф Висарионович реши да расчисти со остатоците на формализмот во руската лингвистика, тој, види чудо, се издигана до степен на модернитет во западниот свет на „гнилиот капитализам“. А што може да значи тоа издигање? Што друго освен дека тој „гнил капитализам“ има, така да се каже, своја силна структура-експозитура. Нешто како змија во пазува, во самото срце на првата земја на „народната демократија“?

Иако Сталин, како и неговиот голем претходник Ленин (тој велеше: добро организирана банда од десетмина е посилна од 100-илјадна неорганизирана маса) дојде на власт со помошта на силна структура каква што беше партијата на болшевиците, тој не поднесуваше силни структури. Затоа и ги уништуваше уште во зародиш, со помошта на својата ударна тупаница – тајната полиција: ЧЕКА, НКВД, КГБ итн. Последна беше онаа на Мар и неговите ученици.

Значи ли тоа дека, кога се „структури“ во прашање, исходот е, помалку или повеќе – ист? Независно од тоа дали имате некоја тоталитарна или демократска „структура“ на власт? Ако може да се суди според еден, донекаде, благо-огорчен коментар на сегашните македонисти, остри критичари на Законот на употреба на албанскиот (помина на Комисија на Парламентот) кој вели: „кучињата лаат, караванот си минува!“, би требало да - значи. Како и зошто значи кога се во прашање силни „структури“, со тоа ќе се позанимавам во друг напис.

Извор: Плусинфо
Слики: Роман Клонек

ОкоБоли главаВицФото