Писмо до Саше Политико или Нужно зло

12.09.2017 12:55
Писмо до Саше Политико или Нужно зло

Јас многу ја почитувам работата на Саше од Мактел и неговите заложби за демократизација на општеството, но сметам дека за некои нешта тој греши или е недоволно информиран. Порано тој беше под силен притисок, па дури беше и физички напаѓан и сметав дека би било неумесно да го критикувам. Но сега ситуацијата е изменета и можеме да продискутираме за следниве теми и дилеми.

Тој честопати го критикува авторитарното владеење на Путин (а јас се согласувам дека секој треба да биде подложен на критика), но во една прилика тој (Саше, не Путин) објави некаков клип за наводната „сиромаштија“ во Санкт Петербург, во кој беа претставени жители на тој руски град како чекаат редици за храна од некаква хуманитарна организација, што нема баш многу врска со реалноста. Во друга прилика, пак, Саше иронично говореше за некакви „лади и москвичи“, кои всушност веќе едвај можат да се видат на руските улици. За жал, тие статии повеќе не можам да ги најдам, па Саше нека ми прости ако не сум ги запаметил сите детали.

Види, речи го, Саше, Руската Федерација (РФ) ја шетам повеќе од 10 години уздуж и попреко, сум ги посетил (или сум живеел одреден период во): Москва, Санкт Петербург, Казањ, Јекатеринбург, Новосибирск, Вороњеж, Ростов на Дону, Краснодар итн., сум имал таму и некои љубови, а сам го научив и рускиот јазик, и можам да ти го кажам следново.

Како прво, би те замолил да го прочиташ мојот текст „Запад нè отпишуе, Исток нè прешишуе“. Нашите критичари на РФ бегаат од тој мој текст како „ђаво од крста“, зашто ги руши нивните предрасуди спрема неа, но јас сметам дека за сè треба да се говори објективно. Секоја земја си има свои "плюсы" и "минусы" - како што се изразуваат Русите.

Кога го спомнавме Санкт Петербург (нагалено: „Питер“ или „Северна Венеција“), тоа е велелепен град со стара архитектура и музеи со платна од Да Винчи и Рембрант, пред кој Скопје бледнее к’о Шопско Рударе. Тоа е втор град во Русија (5 милиони) и нејзина некогашна царска престолнина., па економијата таму е сосема пристојна (сеа, не на западно ниво, но сепак, пристојна). Присутни се: металургијата, бродоградбата, туризмот, машинската, прехранбената, хемиската, космичката и автомобилската индустрија (свои погони таму имаат: Ford, Toyota, Nissan, Hyundai и Scania, а до неодамна и General Motors). Посебно се издвојува машинскиот Кировски Завод. Градот излегува на убавата Нева и на уште неколку реки, како и на Балтичкото Море и тој е значајно пристаниште. Со оглед дека Финска е релативно блиску, многу Питерчани одат таму на шопинг. Накусо, тоа баш не е место кајшто некој би барал сиромаштија (пре ќе ја најдеш у Детроит).

Некој ќе рече: „Остај ти историски градби и музеи, погледни како живеат обичните Руси вон централното градско подрачје, во некоја нивна Железара или Сингелиќ“. Епа, јас токму тоа и го правам и забележувам дека среде оние нивни грди „комуњарски“ населби се никнати шопинг молови со хипермаркети, Мекдоналдси, Б’ргер кингови, Пица Хатови, Кентаки Фрајд Чикени, суши барови, 3D кино-сали, боулинг, базени и чуда. Скопје Сити Мол е заебанција у споредба со тоа. За ТЦ Бисер, Беверли или Буњаковец ич да не зборам, тоа е жалосно да се гледа. Зарем некој би инвестирал во сето тоа, доколку обичниот Русин е без скршена пара?

Саше, погледни ги оние ромски запреги со крастави коњи што ти шетаат усред „метрополава“, па размисли кој кому треба да се потсмева. Секогаш кога ќе се вратам од Питер, фрапиран сум од бедата, смрдеата, прљавштината и грдотијата на Скопје, без разлика дали говориме за кичерајското СК2014 или она претходното. А сега имаме и Албански Дизниленд, Shkupi 2014, со мозаици со Адем Јашари. Хуманизам и ренесанса...

Во РФ јас не се мешам во политика, тоа си е нивна внатрешна работа, но не негирам дека таму се вршат хајки и атентати врз неподобни; ниту дека има некои сиромаси; незадоволството расне, но протестите се забрануваат и/или нивните учесници се апсат; слободни избори нема; а присутни се цензурата, корупцијата, јавашлакот, непотизмот, клиентелизмот, како и империјализмот кон соседите, напр. кон Украина, што мене посебно ме револтира (и неа ја имам прошетано: Киев, Харков, Одеса, Запорожје, Доњецк, Луганск итн.). Постои и нерамномерен развој помеѓу битните центри и „глубинката“ (внатрешноста), а се случува тероризам, за кој се „шушка“ дека е масло на власта (false-flag).

Неодамна, непознати сторители до смрт го претепаа Иван Скрипниченко, чувар на местото на убиството на Њемцов, кајшто граѓаните спонтано полагаат цвеќе, а на Наваљниј му прснаа зелена боја у фаца (т.н. зелёнка, со која ги „обележуваат“ опозиционерите), што му го оштети видот. Луѓе наебуваат за најбанални коментари во соц. мрежи (чл. 280, точка 2 од Кривичниот закон на РФ -„ширење екстремизам на интернет“, што власта го злоупотребува за да ги замолчи своите критичари). Надзорната служба Роскомнадзор блокира сајтови (дури и dailymotion.com, до таму е забегано). Блогерот Руслан Соколовски го осудија на 3,5 год. затоа што „ловел Покемони“ на смартфон во црква, со што ги „навредил чувствата на верниците“ (чл. 148). Власта ги запазува само чувствата на доминантните конфесии, а Јеховините сведоци се забранети.

Руски специјалци тајно се праќаат на Донбас, од кајшто се враќаат во оловни сандаци и скришум се погребуваат. Меџлисот (собранието) на Кримските Татари е ставен вон закон, а нивниот лидер Џемилев не смее да се врати на Крим. Руските властодршци плукаат кон Западот, а всушност, нивните деца таму тераат бизниси или студираат на скапи универзитети, се журкаат и се расфрлаат со евра и долари. Ќерките на Путин живеат во Германија и Холандија; онаа на Лавров е во САД; а на Песков, во Париз; додека Медведев, наводно, поседува винарија и лозја во Италија. Голем број руски дипломати го загубија животот под матни околности: Чуркин (ООН), Кадакин (Њу Делхи), Маланин (Атина), Карлов (Анкара), Кривов (Њујорк), Ширински (Картум) и др., а некои сметаат дека ова е метење на доказите за вмешаноста во изборите во САД (кој да ги знае).

Но и покрај сите негативности, дури и западните посматрачи ќе ти потврдат дека економијата и меѓународната положба на РФ беа драстично подобрени под власта на Путин, во споредба со тоа како беше под Јелцин во 1990-тите. Рускиот човек живее подобро од нашиот, барем во побитните центри. РФ има некои 10-15 градови со над милион жители. Русинот може добро да заработи и во некои места „богу иза леђа“, кои се богати со природни ресурси: гас, нафта, јаглен, дијаманти, ураниум итн. (Норилск, Воркута, Магадан, Камчатка, Чукотка и др.). Економски проблеми, неспорно, има, особено во последниве години. Има некои сиромаси, жртви на транзицијата, кратење на работни места итн., а јас не сум економист, но сметам дека причините за тоа се: големата отимачина од страна на власта, глобалната криза (која не го поштеди ни Западот), трошоците за Крим и Сирија, и секако, санкциите. Кога велам „санкции“, можеби тебе пред очи ти се појавуваат грдите сцени од Србија од 1990-тите, но во РФ тоа воопшто не е така. Таму нема редици за леб, крадење бензин со црева по паркинзи, хиперинфлација и банкноти со куп нули, тотално беззаконие и сл. Животот во РФ и понатаму е пристоен (сега, барем во попросперитетните места).

Работа има ако некој сака да ја најде. Интернетот е полн со огласи за вработување. Еден висококвалификуван човек во Москва може да заработува по €1000-1500-2000 (сеа, не е сè така просто, но можно е). Ова особено важи за IT, енергетиката, градежништвото, HR, економијата, маркетингот, медицината, електро-машинството и некои други сфери. Што е за право, цените таму се многу повисоки од нашите, но ако не се расфрлаш, може да се живее добро (по 100-ти пат нагласувам, барем во попросперитетните места). Е сега, има некои работодавачи ветуваат брда и долини за на крај да те изиграат, има плаќања „во коверт“ и слични ујдурми, затоа што тоа е сепак Исток и многу нешта се прават „через жопу“ (низ газот) - како што се изразуваат Русите. Истотака, во РФ доаѓаат милиони гастарбајтери од посиромашните екс-советски републики: Узбекистан, Таџикистан, Киргизстан, Азербејџан, Ерменија, Молдавија и др., а логично, гастарбајтер не оди онаму кајшто нема пари. Да, тие работат валкани работи и се слабо платени, но затоа, многу подобро отколку во своите земји.

Иронично е тоа што руските опозиционери се всушност „деца на путинизмот“. Во која смисла? Благодарение на Путин, се создаде една средна класа, која е веќе поеманципирана, понајадена, пооблечена, побањата и попрошетана и таа сега има пристојни станови, аута, ајфони и ајпади и таа ги следи светските случувања. Тие луѓе веќе ја споредуваат својата земја со светот и бараат промени за да се фати чекор со него. Секако, тие имаат право да го бараат тоа, волјата на граѓаните мора да се почитува, но без Путин, таа класа не би постоела.

Руската опозиција вели дека една земја со толку ресурси би требало да биде побогата од оние западните и таа критика им држи. Не спорам дека Путин краде, но ако е некаква бедна утеха, тој може нешто ќе ти даде. Например, тој ќе украде миљарда долари, а тебе ќе ти даде илјадарка (0,0001%) и ти ќе речеш: „Ќути, бар ми фрлија коска со нешто мефце“. Русинот никогаш не живеел подобро отколку под Путин, ниту во царските, ниту во советските, а још мање во јелцинските времиња.

Лади и Москвичи речиси нема. Нови коли се купуваат толку многу, што се создаваат „пробки“ (заглавувања на сообраќајот). Секој пристоен Русин прави т.н. евроремонт („европски тип на реновирање“). Дури и зградата да му е грда, запуштена и „комуњарска“, станот му е цакум-пакум. Продажбата на нови станови е истотака голема. Некој ќе рече дека тоа се плаќа на рати / кредити / хипотеки, но за тоа да се одобри, човек сепак мора да има некакви примања. Во Москва дури веќе се оди на уривање на тие грди згради и градење на нови (додуша, ова е контроверзно и многу граѓани се плашат дека ќе бидат изиграни).

РФ е гигантски пазар и таму има производи и услуги, кои кај нас ги нема. Застапени се скоро сите светски брендови на облека, храна и електроника и има ресторани од сите национални кујни. Има радњи, кафичи и ресторани кои работат 24/7, а доста развиен е онлајн шопингот. Некои мобилни оператори нудат безлимитен интернет за разумни цени, па мнозинството Руси користат исклучиво 3G, а не кабелски. Додуша, понудата на увозни стоки сега може да се намали заради контра-санкциите на Путин и т.н. импортозамещение (замена на увозните стоки со домашни еквиваленти). Притоа, власта уништува големи количества на увозни прехранбени продукти (што е тажно), но сепак, изборот на стоки и натаму е богат (и далеку побогат отколку кај нас). Ако се ова санкции, тогаш дај и за нас (така иде зборот).

Авиони полни со руски туристи секојдневно летаат кон Анталија, Шарм ел Шеик, Гоа, Дубаи, Сејшели, Тајланд, Доминикана, Бали, Кипар итн. Единствен проблем за нив се Шенген визите, но амбасадите сега овозможуваат закажување на термини онлајн, па секој пристоен Русин може (релативно лесно) да си извади мултивиза (или преку агенција, која за надоместок посредува истото да се заврши полесно). Многу земји воведоа за Русите визна либерализација, во таа смисла и Р. Македонија, па дури и Албанија (барем за летната сезона). Албанците им се лутат на Русите за непризнавањето на Косово, но "Pecunia non olet" (Парите не смрдат). Многу Руси има и во Црна Гора, а оние поимотните таму купуваат недвижнини. Зарем сево ова би било можно ако тие умираат од глад? Пред многу години, јас среќавав Руси кои никогаш не биле во странство и дури никогаш не виделе странец, но сега тие веќе одат во Париз, Рим, Барцелона, Амстердам, Берлин, Прага...

Продукцијата (филмска, ТВ, музичка) таму е обемна. Кога таму ќе пуштиш ТВ, стално има програми од домашно производство: историски спектакли, сапуници, пуцњави к’о Рамбо, вариете шоуа, стенд-ап, јаки спотови итн., а сето тоа кошта. Нашиве ѕвезди ќе ги сретнеш у самопослуга на каса, а таму се недопирливи и вртат милиони (тука кока, јахти, силикони). Саше, ти едно време се обидуваше да направиш веб-телевизија, веројатно по примерот на "Young Turks" (секоја чест за ентузијазмот), но во Русија тоа веќе одамна го има. Таму имаш видео-блогери кои се веќе вистински ѕвезди и на Youtube тие праат добар кеш.

Летоска во Москва ги гледав Depeche Mode. Имиња од ваков калибар кај нас ретко доаѓаат. Билетите таму се изгор (фан-зона може да биде €100+), но арените се полни. Саше, човек што умира од глад не плаќа €100+ за концерт, а светски ѕвезди не одат кајшто нема пари. Таму им гостувале и Макартни, Ринго, Мадона, Боуви, Stones, Metallica, Aerosmith, а во следниве месеци им доаѓаат: Роби Вилијамс, Стинг, Иги и Елтон. Патем, оваа геј-икона веќе стопути има настапувано во хомофобната Русија, колку и тоа да те чуди.

Неспорно, во РФ има православни фанатици, закон против пропагирање на ЛГБТ и сл., но Русите не се дотолку конзервативни како што ти мислиш. Некои од нив знаат да бидат изненадувачки либерални. Сакаш да дупиш пички? Има, плати си - дупи си, проституцијата не е стигматизирана. Сакаш да те ебат црнци? Има, ќе ти донесат оригинал од Африка студенти, ќе те ебат. Сакаш БДСМ, стриптиз, геј барови, секс шопови? Има. Купи си пластичен курац, набиј си го у дупе, Москва е 12 милиони, никој со тебе нема да се бави. Тоа е модерна „Диктатура 2.0“ и таа те остава да си го тераш приватниот живот, сè додека не се плеткаш у политика, црква и други табу теми.

Тука се наметнува прашањето: дали Русија баш мора да го земе секое ѓубре од Западот? Колку за пример, онлајн дејтингот таму некогаш беше многу добар, имаше многу пријатни девојчиња, романтични, начитани, домаќински, па многу странци таму си бараа невести, но за жал, под влијание на феминизмот од Западот, ова се расипа. За ова пишував во статијата „Феминизмот е фејл?“. Сега девојките почнаа се трујат со западни фазони дека е "in" да бидеш "B.I.T.C.H. (Babe In Total Control Of Herself)", "childfree", "slut", "pro choice", се тетовираат од глава до пети к’о Јакузи, „кркаат ексери“ итн. Не сум некој конзервативец, секој има право да си одбере свој лајфстајл, ама, објективно, руската душа се губи во целава оваа глобализација и вестернизација.

Критиката кон власта во Русија навистина е ограничена, но ако е некаква бедна утеха, таму благонаклоно се гледа доколку се критикуваат комунални, инфраструктурни проблеми (распукани улици, диви депонии и сл.). Можеби ќе речеш дека тоа е само популизам (демек „власта го слуша народот“), но сепак, тоа е корисно. Таму, например, е нормално, ТВ екипа да му се втурне во кабинет на некој градоначалник и да го укорува. ТВ програми од таков вид таму има секојдневно, а гледачите се мотивираат да пишуваат до редакцијата за проблемите во своите средини.

Пред некоја година, компанијата Газпром сакаше во Питер да гради облакодер, кој се закануваше да го нагрди градот и тука скокна цела јавност (архитекти, историчари, новинари) и проектот беше напуштен, односно дислоциран. А кај нас? Грујо си го изгради СК2014, а во Чаршија се гради Албански Дизниленд, и уште, се говореше за некакво „унифицирање на излозите на чаршиските дуќани“ (WTF?!). Во Охрид пред некоја година беше извадена старата калдрма (наводно, таа е продадена во Германија) и таа беше заменета со некакви плочки за купатило (УНЕСКО треба да ги збрише!). Глупости се направија и во времето на Пенов со Камениот Мост (со она „белоно“ одозгора) и плоштадот („писта“), а на него, пак, никна Лумикс. Чаршијата беше нагрдена од хотелот Арка, а во Градскиот парк беше срушен Кермес. И? Никому ништо. Па ај ти кажи ми каде има повисока урбана свест? Во РФ има урбани мафии и слични проблеми (колку сакаш), но кога се во прашање места со некакво историско и културно значење, сепак се води (некаква) сметка.

Треба да знаеш и дека руската опозиција е многу хетерогена. Не значи дека секој противник на Путин се залага за либерална демократија, слободни избори, толеранција, ЛГБТ и сл. Меѓу неговите противници имаш и екстремни националисти, кои сметаат дека тој е премногу попустлив и политички коректен кон имигрантите (Узбеки, Таџики и др.) и дека издвојува премногу средства за закрепнување на Чеченија. Некои бараат тој да влезе во Киев со тенкови, да ги гаѓа САД со нуклеарки или да ги истреби Евреите, „педерите“ и сл. Тука има апла неонацисти, стаљинисти, исламисти итн. Во споредба со ваквите ликови, Путин делува демек трезвено, прибрано и пристојно.

Путин успешно балансира помеѓу разните општествени струи и гледа да ја подзадоволи (и со тоа да ја потсмири) секоја од нив. На националистите и монархистите тој им го даде Крим и тој сега за нив е голем император, а на комунистите - Деветомајски паради и носталгија за СССР и Стаљин. Оние поурбаните, побањатите, Путин ги замајава со дигање на стандардот, гаџети, патувања у странство, гостувања на светски ѕвезди. Тука е и Црквата, на која тој ѝдозволува речиси инквизиторско влијание во општеството. На Рамзан Кадиров, пак, тој му дозволува воведување на шеријатски закони во Чеченија, со што се задоволуваат исламските радикали. Дури и еден мост во Питер беше именуван според татко му, Ахмад Кадиров, поранешниот претседател на Чеченија. Не секој политичар е способен за таков „мултитаскинг“.

Важно е да се сфати дека Путин не е девијација. Тој си е логична појава во таа низа автократи (Иван Грозни, Јекатерина и Петар Велики, Стаљин итн.), само што тој е модернизиран (со ајфон). Русија нема демократски традиции и никогаш не била слободна, ниту во царските, ниту во советските времиња. Тамошните луѓе знаат да бидат помалку хаотични (особено кога ќе се напијат), па затоа, во IX век, тие го повикале Викингот Рурик да ги доведе во ред, со што настанала Древната Русь, првата држава на Источните Словени. Тие луѓе сакаат вождь. На вообличувањето на овој светоглед влијаело и монголо-татарско ропство. Петар Велики се обидел да ја европеизира Русија, но тоа било само делумно. Тоа е широка тема, но накусо ќе речам: автократијата таму е нормална како палма на Палма Де Мајорка. Сите обиди за демократизација во историјата на Русија завршиле лошо.

Пушкин напишал: „Јас, се разбира, ја презирам својата татковина од глава до пети, но ме иритира кога некој странец го разделува тоа чувство со мене“. Поетот Фјодор Тјутчев, пак, напишал: „Залуден труд - не, нив нема да ги вразумиш. Што полиберални, тоа побезобразни се тие. Цивилизацијата е за нив фетиш, но несфатлива им е нејзината идеја. Колку и да ѝсе поклонувате, господа, вам не ви следува признание од Европа. Во нејзините очи вие секогаш ќе бидете не слуги на просветителството, туку обични селанчишта“. Русите меѓусебно се жалат на состојбите во својата земја, но нема да плукаат врз неа пред странци. Тие нема да трпат олеснувачи, условувања и сл. Тоа е земја со голема гордост. Тоа значи дека демократските промени мора да дојдат одвнатре, а оној кој има намера да го замени Путин, сепак ќе мора да биде донекаде националист (напр. Наваљниј важи за умерен националист). Во спротивно, новиот лидер ќе биде сметан за натурен од надворешни сили (Сорос, ЦИА), за „бескоренен космополит“, „Јевреј“, распродавач на државата и спроведувач на туѓи агенди.

Да бидеме искрени и дека ни Западот веќе не е она што беше на економски план. А на политички план, тој направи еден куп гревови и испадна крајно лицемерен. Русите видоа што се случи во Либија, Ирак, Сирија, Србија и Косово и дека во некои земји-членки на ЕУ се живее полошо отколку во РФ (напр. во Бугарија, Романија). На ЕУ ѝсе случи Брегзит, навала на илегални мигранти, а тука е и глобалната економска криза. Верувал или не, Саше, Американци ми пишуваат дека дури и тие веќе едвај врзуваат крај со крај. Сево ова го урива угледот на Западот во очите на Русите и кај нив создава недоверба спрема него.

Има Руси, кои не негираат дека путинскиот режим е недемократски и корумпиран, но тие велат дека тој барем нуди некаква стабилност. Тоа таму е често повторуван збор. Кога просечниот Русин ќе стане наутро, тој знае дека ќе се најде некаква работа (макар и курата и недоволно платена); кога ќе пушти вести, тој знае дека таму нема да има изненадувања (Путин е увек претседател или премиер и нема радикални промени); а кога ќе замине на спиење, тој знае дека во државата има (каков-таков) поредок и дека некој се грижи за нејзината безбедност. Нему му е доста од револуции, радикални промени, жртви, неизвесност и сл. Тој ги поминал: Револуцијата од 1905 год., Февруарската и Октомвриската (1917), Граѓанската Војна (1917-1922), Перестројката и Распадот на СССР (1985-1991), Августовскиот пуч (1991), Уставната криза и тенковските напади врз Белиот дом во Москва (1993), криминалната транзиција под Јелцин итн... итн...

За разлика од тоа, Украина е послободна земја, што си има корени во Запорошките козаци и нивната рудиментарна демократија. Тие си имале свое собрание (рада), а своите водачи (хетмани), тие си ги бирале сами. Но за жал, Украина е нестабилна. Да, Украинецот може да ја тера власта у три лепе, но кога тој ќе стане наутро, прашање е дали ќе има работа, и ако ја има, прашање е дали ќе биде платен, а кога ќе пушти вести, стално има некакви шокови: тепачки у парламент, пратеник истрчува на говорница го зима премиерот у руки и го фрла низ прозор, паравојски од типот на Правий сектор и Свобода маршираат по улици со бакљи, демонстрации, улични борби, летаат камења и молотови коктели, афери, корумпирани политичари Кучма-Мучма крадат итн...

Саше, јас сфаќам дека ти си немирен и бунтовен дух, но стави се во чевлите на еден обичен Русин, сето тоа за него е шок, тој се плаши за своето семејство, нему не му требаат авантури и екстреми. Затоа, многу Руси сметаат дека засега, Путин нема соодветна замена. Се плашам дека тоа е така. Нагласувам, се плашам.

Ајде, Саше, тебе да те ставиме на чело на РФ, најголема држава на Планетава (ако нема живот на други планети, тогаш, најголемата во Универзумот). Заради твојот мек и либерален став, согласно тамошните сфаќања, ти ќе бидеш сметан за „слабак“ и ќе ти се распадне државата. Ќе ти избие џихад во Северен Кавказ, кој може да се прошири на Татарстан и Башкортостан, како и среде гастарбајтерите (Узбеки, Таџики и др.). Американците ќе ти ги заграбат ресурсите во Сибир и државата ќе ти ја сведат на колонија и депонија за нуклеарен отпад, а ти за сè ќе им се гузиш. Чеченците, Ингушите, Черкезите, Татарите, Башкирите, Алтајците, Бурјатите, Јакутите и Чукчите ќе се побунат дека биле насилно окупирани од Русите (а објективно, биле) и ќе се одделат. Калињинград (Кенигсберг) ќе ѝсе врати на Германија, Карелија на Финска, Курилите на Јапонија, Тува повторно ќе стане независна итн. На чело со лудаци како Жириновски и Лимонов, ќе се радикализира рускиот национализам, бројните нео-нацисти ќе зграбат оружје и ќе почне етничко чистење. Против тебе ќе се кренат козаците од Дон, Кубањ и Терек. Комунистите на Зјуганов ќе бараат враќање на „старите добри времиња“ на Стаљин, затоа што „демократијата испаднала фејл“. Армијата и тајните служби ќе ти направат пуч. Милијарда Кинези ќе тргнат малце да ја „корегираат“ својата граница со Русија на твоја штета (Русија и Кина не еднаш се тепале). Снаодливи „билмезмени“ (стереотипно, Евреи) ќе профитираат од целиот хаос. Ќе следат колони бегалци, глад, болести, бело робље, ќе се испореметат светските берзи и меѓународната рамнотежа. Без руската помош за Асад, Дамаск ќе падне под ИСИЛ (чедо на ЦИА, исто како и Ал-Каеда) и сè во него ќе биде попаљено, побијено и појебено. Следна мета ќе биде Иран. Блискиот Исток ќе се врати у Камено доба. Без руската помош ќе пострада и Махмуд Абас (студирал у Москва), па Израел и САД ќе ги збришат Палестинците. Куба и Виетнам повторно ќе бидат амерички бордели, слично нешто ја чека и Венецуела. Македонија ќе влезе во ЕУ (како дел од Велика Албанија), а на Србите во Митровица ќе им се случи погром (како оној од март 2004 год.). Истотака, не заборавај да примиш што повеќе мигранти, исклучиво мажи во боевоспособна возраст, само со бради и без мустаќи, па во земјата ќе почнат да ти влагаат сподоби к’о Ибн Ал Катаб покојниот. На крај, ќе те фатат како се криеш у некој ендек и ќе ти набијат калашњиков у дупе како на Гадафи. Но тоа не е најстрашното. Ти само моли се куферчето со кодовите за лансирање на нуклеарните ракети да не падне во погрешни раце...

Саше, реалноста е таа. Русија не може да се мери со западни аршини (да го парафразирам Тјутчев). Многу помудри луѓе не ја сфатиле. Таа е толку голема и полна со противречности и таа е толку битна за глобалната рамнотежа, што владеењето со цврста рака таму можеби е нужно зло. Нагласувам, зло. Силна Русија му е потребна на светот како еден вид на коректив на Западот. Онаму кајшто Западот заебал работа (Виетнам, Латинска Америка, Палестина, Сирија, Србија), тука била таа да му противтежи, и обратно, онаму кајшто таа се занела (напр. во Украина), тука е Западот да реагира. Не би сакал инсталација на путинскиот режим кај нас, но во РФ, тоа можеби е потребно, сè додека не се најде соодветна замена, а сите промени мораат да се спроведат тактично, по кинескиот принцип на „постепено попуштање на кучето од ланецот“.

Се најдовме во крајно непријатна ситуација, некои луѓе на Блискиот Исток сега со носталгија да се сеќаваат на „старите добри времиња“ на Гадафи, Садам, Асад и други крајно брутални и корумпирани дикатори, затоа што она им што се понуди како замена е како од најлошиот кошмар. Порано, студенти од овие земји се испраќале на студии во странство (ги имаше и во Скопје), од кајшто се враќале како инжинери или лекари; тие имале некаква (макар и курата) социјална заштита, бесплатни станови, здравство, образование; а таму имало и извесни обиди за еманципација на жената. Мораш да сфатиш дека некои народи можат да бираат само помеѓу ’лошо’ и ’полошо’. Без лажна политичка коректност мораме да заклучиме, дека некои делови од светот, просто, не се подготвени за демократија, а многу често, во револуционерниот метеж, на врвот не се наметнуваат оние најблагородните и најмудрите, туку најнасилните и најбескрупулозните.

Некои сметаат дека нужно зло се и диктаторите: Назарбајев (Казахстан), Рахмон (Таџикистан), Бердимухамедов (Туркменистан) и Алијев (Азербејџан). Да, тоа се одвратни азијатски деспоти, а некои од нив се на власт по 15-20-25 години, но Саше, земи го в предвид контекстот. Дали ти сфаќаш дека говориме за сиромашни и нестабилни земји и дека некои од нив се граничат со Авганистан или Иран, што создава огромен ризик од радикалниот исламизам? Навистина, тие деспоти ја репресираат демократската опозиција, но истотака и исламистичката. Тие спроведуваат брутални секуларни политики (забранети се бурките, носењето на долги бради, дури се уриваат џамии, доколку во нив има екстремистички активности), па без тие деспоти, тие делови од светот (Средна Азија и Кавказ) можат лесно да се воспалат. Како конкретен пример ќе наведам дека во Таџикистан се водела граѓанска војна (1992-1997), во која имало инфилтрација на авганистански муџахедини. Дури и Американците соработуваа со некои од овие земји и поставуваа бази во нив (Узбекистан, Киргизстан) заради борба против тероризмот и продор во Авганистан.

Од овие земји, посебно се издвојува Казахстан, кој, благодарение на огромните природни ресурси има доста перспективна економија (сеа, не ја споредувам со онаа западната, но таа е сепак најсилна во дадениот регион). Тука има ураниум, гас, како и нафта од Каспиското море. И Азербејџан истотака ја експлоатира таа нафта, па и таму има потенцијали за развој. Ќе те потсетам дека таму се одржа Евровизија 2011. Тогаш, соседен Иран го критикуваше Азербејџан дека „скршнал од исламскиот пат“ и дека организира „геј парада“. На ова, Азербејџанците одговорија со демонстрации пред амбасадата на Иран и со барање, тој да не им се меша во внатрешните работи. Кавгата кулминираше со тоа што обете земји ги повлекоа своите амбасадори. Далеку од тоа дека Азербејџан е една фина, демократска и толерантна земја, но во дадениов контекст, тој испадна прилично прогресивен.

За да не речеш дека сум поддржувач на таквите деспоти, ќе ти цитирам што Владимир Милчин напиша за покојниот узбекистански претседател Ислам Каримов: „Во април 2016 година не можев да го препознам Ташкент. Беспрекорно чисти улици, големи и уредени паркови, зеленило пред зградите и меѓу нив. Со еден збор, метропола со урбанизам кој води сметка за потребите на граѓаните. Нигде не можев да видам напукнати и искршени плочки и столпчиња затоа што во Ташкент тротоарите и улиците не се градат со бекатон. Архитектурата е модерна, монументална и со не многу нападни традиционални локални црти. Новите згради изгледаат солидно и на нив нема ни трага од стиропор или гипс-картон, омилените материјали во обезличувањето и задушувањето на Скопје 2014 во кое само тарабите се долговечни. Ако судам за автократот Каримов само според тоа како денес изгледа Ташкент, не можам да му одречам извесна просветеност, што никако не можам да го сторам во случајот на автократот Груевски. Дури и во случајот на Каримов да се работи за лукавост, таа несомнено стои повисоко од марифетлаците на Груевски“ (затворен цитат).

Некои во списоков би го додале и Лукашенко (Белорусија). Неспорно, тој е последниот дикатор во Европа, но тој има извесна поддршка, заради тоа што тој зачува одредени елементи од советскиот систем, благодарение на што, во Белорусија не се случи криминална приватизација и крах на стопанството како во повеќето пост-комунистички земји и во неа нема толку новопечени олигарси. Многу фабрики и земјоделски комбинати таму продолжија да работат во државна сопственост, доста луѓе ги зачуваа своите работни места и иако тие живеат скромно, тие барем земаат некаква плата (макар и курата). „Нешто се гради“, да го ебам. И тоа не е празна фраза како кај нас, затоа што во Белорусија се произведуваат камиони, трактори, автобуси, локомотиви, ладилници, телевизори, има земјоделие, млекарство, дрвопреработувачка и текстилна индустрија итн. Истотака, во неа се зачувани некои елементи на социјална држава (бесплатно здравство, образование или сл.). Далеку од тоа дека мене ми се допаѓа советскиот систем, но едноставно, обичниот Белорусин веќе бил навикнат на него. Можеби тука треба да се додаде и претседателот на Чеченија, Кадиров. Типот е патолошки убица, силувач и расипник, но пред неговото доаѓање на власт, таа земја беше црна дупка на светската мапа, дувло на бандити, фанатици и беззаконие. Сега, нејзиниот главен град Грозни е сепак колку-толку пристојно место за живеење, барем во споредба со тоа каков тој беше во времето на војните во 1990-тите.

Ќе прашаш дали Груевски беше нужно зло за Македонија? Одговорот е не. Под негова власт немаше драстично зголемување на животниот стандард и/или зацврстување на безбедноста, стабилноста и меѓународната положба на Р. Македонија. Тој ниту ги победи нејзините непријатели, ниту територијално ја прошири. Во негово време Талат Џафери беше министер за одбрана и беа повлечени Хашките случаи, па неговото повикување на некаков патриотизам беше неубедливо. Автократијата на Груевски беше без „нозе“, тој ја нема апсолутистичката и империјалната традиција на Русија зад себе за да може да се повика на неа, ниту огромна армија и ресурси, како што тоа го има Путин. Нашиов „џуџест путинизам“ беше само една јадна копија на оригиналот, несоодветно пресадена онаму кајшто не ѝе местото (како оние скапани палми на Коце). Уште од воведувањето на плурализмот и осамостојувањето на оваа држава постоеше консензус меѓу сите политички сили дека ние ќе ги следиме западните вредности.

Шарената револуција беше потребна. Тоа беше легитимен протест на сите граѓани (без оглед на етно-религиозната или сексуалната ориентација) против деспотијата, корупцијата, заташкувањата на убиствата, антиквизацијата, расипништвото итн. Но, Саше, дали оние мозаици во Чаршија се подадена рака за соживот и мултиетничко шаренило? Или можеби оној дронот на Морина на натпреварот Србија - Албанија? Зошто револуцијата од општограѓанска и шарена стана албанска? Зошто на крај сè се сведе на она балканското, етничкото, Албанците ова, Албанците она? И дали има смисла, министерката за одбрана, Шекеринска, да ја критикува РФ за мешањето во нашите внатрешни работи, додека банди од Косово влегуваат во државава и додека Еди Рама дава непримерени изјави и си прави некакви „платформи“? Зошто „нашава“ антиквизација е лоша (а лоша е), а албанската антиквизација, не е? Не, Саше, јас не сум шовинист, но очигледно е дека некој друг е шовинист против мене. И зошто Западот е толку пристрасен кон Албанците и не ги укорува, како што тоа ни го прави нам? Зошто ни еден битен Косовски Албанец не е осуден во Хаг за воени злосторства? И зошто тој ист Запад десет години го тинтраше Грујо, а реагираше дури откако тој почна да кокетира со РФ? Ќе признаеш, Саше, тука има многу зезнати дилеми, па нека не те чуди што многу луѓе се загрижени за опстанокот на Македонија и гледаат заштитник во Путин.

Дури и некои западни земји ѝ се обраќаат на Русија заради остварување на своите политички или економски интереси. Навистина, нивните уредувања се некомпатибилни со нејзиното, но нуждата закон менува и идеолошките разлики се тргаат настрана. Да те потсетам, на пример, дека заколнатиот антикомунист Черчил влегол во коалиција со Стаљин против нацистичка Германија; по терористичкиот напад врз Шарли Ебдо, францускиот претседател Оланд се сретна со Путин за да ги координираат воздушните удари против ИСИЛ; Чешка, Словачка, Унгарија, Турција и некои други членки на ЕУ и/или НАТО одржуваат врски со РФ (вопоголема или помала мера); РФ ѝ продаде оружје на Грција и договараше користење на пристаништа или аеродроми на Кипар (што се толкуваше како нејзин обид да создаде своја база на островот); Бугарија одржува извесни контакти со Русите, со оглед дека, пред точно 140 години, тие ја ослободиле од османлиското ропство, што не смее да се заборави; а сега дури и кај Меркел се забележува омекнување на ставот кон РФ. Сакале или нејќеле, Саше, ние ќе мораме да комуницираме со таа земја, а влегувањето во ЕУ или НАТО, како што гледаш, нема врска. Дури и Албанија сака да привлече руски туристи и инвестиции. Ваква или таква, РФ е сепак фактор и таа си има свои потенцијали и успеси. Не е сè така црно-бело.

За крај, те молам да не го сфатиш ова како ретерирање од моите осуди за авторитарните режими, далеку од тоа. Под таквите режими ние, како блогери, први би наебале.

Слики: Константин Звездочетов

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Култура
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Балкан / Свет
Општество / Свет / Култура

ОкоБоли главаВицФото