Ива Дамјановски добитничка на наградата „Игор Исаковски“ за најдобра необјавена дебитантска стихозбирка

13.09.2017 02:27
Ива Дамјановски добитничка на наградата „Игор Исаковски“ за најдобра необјавена дебитантска стихозбирка

Ракописот „Тие“ на Ива Дамјановски ја доби наградата за најдобра необјавена дебитантска стихозбирка „Игор Исаковски“. На конкурсот кој за првпат се објавува годинава пристигнаа пет ракописи, од кои жирито во состав Владимир Мартиновски, Елизабета Баковска и Тихомир Јанчовски одлучи наградата да ја добие овој наслов.

При разгледувањето на пристигнатите ракописи, комисијата ги зеде предвид пропозициите на конкурсот и поетскиот израз на авторите. Бидејќи се работи за дебитантски книги на млади автори, одлуката се донесе и во насока на она што комисијата го препозна како потенцијал за понатамошен поетски раст и развој.

Би сакале да им се заблагодариме на сите автори кои доставија свои ракописи на конкурсот. Со задоволство истакнуваме дека сите добиени ракописи се напишани на писмен и литературен македонски јазик и би сакале да го пофалиме вниманието кое младите автори му го посветиле на јазикот. Едновремено, би сакале да ги охрабриме и понатаму да го истражуваат јазикот и поезијата, со цел да изградат свој автентичен, оригинален поетски израз.

„Блесок“ ќе ја објави наградената збирка и ќе ја промовира на роденденот на Игор Исаковски, на 19 септември 2017 година. Сите автори кои конкурираа за наградата ќе добијат подароци од изданијата на „Блесок“.
----------------------------------------

Наградата „Игор Исаковски“ е востановена со цел да се промовира пишувањето поезија на македонски јазик кај помладите генерации и да се чествува името на основачот на културната установа „Блесок“. Се доделува на автори на возраст до 21 година, кои претходно не објавиле авторски книги.

Игор Исаковски (1970 – 2014), поет, прозаист, уредник, преведувач. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии). Тој е основач на Културната установа Блесок. (www.blesok.mk), каде што работеше како главен и одговорен уредник од 1998 година до неговата смрт. Објавил повеќе книги поезија, и уредил четири антологии. Преведувал поезија, проза и есеи, од (и на) македонски, англиски, српско-хрватски-босански-црногорски, и од словенечки на македонски. Во негов превод на македонски, објавени се 60 книги. Поезијата и прозата му се преведени и објавени на шеснаесет јазици во дваесетина земји. Застапен е во голем број избори и антологии во Македонија и во странство.

Извор: Блесок

ОкоБоли главаВицФото