Весна Пешиќ: Србија личи на државата на Мусолини

13.09.2017 03:30
Весна Пешиќ: Србија личи на државата на Мусолини

Граѓанскиот сојуз на Србија не беше граѓанско движење собрано околу локални прашања, туку политичка партија која се бореше против српскиот национализам, војните за голема и етнички чиста Србија и се чувствуваше морално одговорна за злосторствата и геноцидот во Сребреница, што ги направија припадниците на српскиот народ во наше име.

 

Таквиот профашистички, екстремен национализам, по дефиниција е авторитарен, злосторнички, дискриминаторски и економски деструктивен, вели во интервју за „Danas“, социологот и некогашната претседателка на ГСС, Весна Пешиќ, одговарајќи на прашањето како гледа на сегашниот тренд на граѓански движења во српската опозиција, како некој што во 90-тите години ја водеше партијата со предзнак „граѓанска“ во борбата против Слободан Милошевиќ. Според неа, ГСС (Граѓански сојуз на Србија) до денес, остана единствена појава на политичката сцена. „ГСС се залагаше за конституирање на граѓанска либерална држава наспроти уставниот национализам според кој еден етнички народ е сопственик на државата. Се залагавме за уставна демократија и модерна нација како политичка заедница на рамноправни и слободни граѓани. Сметавме дека Србија е доволно голема во своите неспорни граници и во тоа сфаќање на државата, бевме единствени до денес“, вели Пешиќ.

Дали верувате дека сегашните граѓански движења и нивните активисти можат да ја загрозат власта на Српската напредна партија (СНС) и Александар Вучиќ?

Не верувам дека лабавите локални граѓански движења можат сериозно да ја загрозат власта која е агресивна и до најмали детали организирана од еден центар. Нашата земја сега има управник што одлучува не само за судбината на државата, туку и за сите детали - кој колку пари ќе добие, кој што ќе биде во државата, кој ќе оди во затвор, кој ќе биде тужен, кој ќе добие работа... Ова најмногу личи на корпоративната држава на Мусолини (или на Путин). Тоа е држава што го голта целото општество. Грешат оние што велат дека таков систем имавме и пред доаѓањето на власт на Вучиќ и СНС. Се разбира дека има континуитет, но сега имаме поинаква ситуација: политиката се распадна, укинати се слободните избори и јавноста, сега тоа е систем на една хегемонистичка партија, а останаа само ситни и омразени партиички чиешто место треба да го преземат граѓански движења „нерасипани од политиката“. Тоа нема да го реши проблемот, нам политиката ни треба. Добро е да ги има, особено го почитувам и поддржувам движењето „Не да(ви)мо Београд“, но политичкиот одговор на оваа тотална окупација бара широка и ефикасна соработка помеѓу партиите и движењата.

Судејќи според Вашите текстови и реакции на социјалните мрежи, според Вас, партиите не се нешто надминато?

Зошто партиите би ги сметала за надминати и каде се тие надминати? Политички необразованите луѓе сега сешто кажуваат. Кај нас се случи распад на политиката затоа што не успеавме да одржиме нормален повеќепартиски систем во кој се регулирани слободните избори и политичките институции. Партиите се носители на организираната политичка борба, различните цели и јавните политики што ги решаваат проблемите. Не ги спротивставувам партиите со движењата и со цивилното општество затоа што политички активните граѓани го сочинуваат општеството отпорно на авторитарни претензии. Нашето општество е слабо, неразвиено, морално пропаднато во воените порази и непокајничките злосторства, од врвот до дното изедено од корупцијата.

Има ли лек?

Нема лек ако прво не погледнеме кон минатото и во 90-тите години што доведоа до ваква состојба. Нема лек без искрено и радикално откажување од злосторничката политика и сосема нови соседски политики што водат кон помирување. А токму оние што, во 90-тите години, водеа погубна политика што економски, политички и морално ја уништи Србија, денес се на власт. Со нив на тој терен треба да се пресметаме. Проблемот на опозицијата е што не го презема водството во моралната обнова и вредносниот пресврт за да ѝ го покаже на Србија новиот пат во согласност со 21. век и развиениот и слободен свет.

Своевремено Вашето присуство на говорницата пред демонстрантите ѝ даваше граѓански предзнак на опозициската коалиција. Дали денес е можен сличен настап – партиите и движењата во еден блок?

Тогаш имавме сериозни и големи партии, а и мали кои го чуваа моралниот образ на Србија, како што то беше ГСС. Ништо од сето тоа го немаме и ситуацијата е сосема поинаква. И надворешниот свет драматично се промени, од надвор се поддржува клептоманијата и лажната стабилност кај нас, лажна, зашто овие би војувале да имаат со што. Не верувам дека денес е можен заеднички настап на опозицијата и дека е потребен. Тука имате многу умислени ликови, дилетанти и аматери без политички талент, а главно доминираат конзервативците и националистите. Во партиите и движењата има и некои добри луѓе, веќе кажав на кои мислам.

Што би направиле да сте на местото на Саша Јанковиќ? Дали во неговото Движење на слободни граѓани го гледате како наследник на Граѓанскиот сојуз на Србија?


Би собирала луѓе и сите блиски организации, но се чини дека тој ги брка. Не сакам да се впуштам во коментари за причините, затоа што тоа не е мојот избор. Не го одобрувам оној измислен и умислен напад врз ДС (Демократска странка), тоа и лично му го кажав на Јанковиќ, затоа што со тоа што го направи ѝ нанесе удар на и онака слабата опозиција. Не би го споредувала Движењето на слободни граѓани со ГСС, затоа што немаат допирни точки. Што треба да се прави, тоа треба да си одлучи Движењето на слободни граѓани.

Дали верувате дека сегашната Демократска странка може да стане стожер на опозицијата и повторно да се врати на власт?

Како ќе дојде некој на власт, без оглед дали станува збор за ДС или за некоја друга партија, е големо прашање во ситуација на демократска пустина, голема сиромаштија и губиток на политичката свест, надворешна блокада и медиуми што станаа преторијанска гарда на Вучиќ. Ако не може, тогаш и не треба да се прави една колона, за почеток, јас би отворила процес на перманентна соработка во вид на дебата и размена на идеи, договарање и заеднички акции во редовите на опозицијата и на нивните симпатизери, па да видиме со што располагаме. Идеолошкиот микс на конзервтивни националисти, од едната страна и либерално-демократски и социјалдемократски партии, на другата страна, според мене, не треба да се прави, без оглед што сите, секој од свои причини, се против Вучиќ.

Како поранешна амбасадорка, како ја коментирате неодамнешната дипломатска криза со Македонија и како ја оценувате надворешната политика на Вучиќ и Дачиќ?

Ние бевме и останвме удбашка држава, па не само овде, туку и во соседството поставивме шпионски гнезда кои треба да роварат за некои српски и руски интереси. Македонија е таков случај и таму роваревме против демократски избраната власт, која се оттргнува од српското и руското влијание и сака да се сврти кон развиениот свет. Тоа ѝ пречи на оваа власт, а заради божемното чување на изгубеното Косово, односно сопствената власт. Подмитуваме и плаќаме некои надворешни луѓе, некои неумерено ги фалиме, правиме некои смешни рамнотежи кога се прави владата и се одредува бројката на воени вежби. Малку да му угодиме на Путин, малку на Меркел, а како што сме тргнале, сè подалеку сме од ЕУ. Нема одговор на прашањето каде плови овој брод, освен дека во моментов, бесцелно лебди. Еве и една пофалба, добро постапивме во бегалската криза и тоа го почитувам.

Извор: Danas