СЛОБОДА, ЉУБОВ, СОН: издвоени раскази (1)

13.09.2017 13:44
СЛОБОДА, ЉУБОВ, СОН: издвоени раскази (1)

Покрај наградените раскази на конкурсот СЛОБОДА, ЉУБОВ, СОН на конкурсот за микро расказ, издвојуваме уште дванаесет раскази кои иако не се меѓу наградените, заслужуваат да им се обрне внимание. Денес ги објавуваме првите шест од изборот, а деновиве ќе објавиме уште шест.

 

ТОЈ СВЕТ
Драгана Гунин

Ги собравме сите играчки и неколку книги. Мајка ми спакува облека. Ја молев да ми ги стави омилените чевлички. Татко ми нè тераше да побрзаме. Таа кутрата не знаеше главата кај ѝ е. Однадвор се слушаа силни звуци. Мислев дека е огномет.

Не знаев каде одам, ни што треба да правам. Татко ми само нè качи во кола и возеше далеку од дома. Се обидував да мислам на сè што оставивме и сè што не ме оставаше. Не смеев да заборавам. Сестра ми за првпат молчеше. Знаев дека нешто се случува. Нешто неубаво. Немав поим како се изговара тоа чувство ниту како се пишува.

А во глава ми одѕвонуваше само: Сакам назад, сакам назад, сакам назад.

Одеднаш се појави силна светлина придружена со експлозија.

И оттогаш наваму ништо повеќе не паметам од тој свет.


ЗАД КЛУЧАЛКАТА
Гордана Јовиќ Стојковска

Со години, повремено, кога ќе го почувствува студенилото на оковот го бара клучот. Тука е, знае, всушност помни, дека сама го затурила. Тогаш почнуваат ноќните мори да ѝ седнуваат врз градите. Ѝ го крадат здивот и го носат преку далечните води, истите оние води што сака да ги премости, можеби и да ги преплива, ако се мора, само за да се фати за другата страна.

Сè на таа страна е предизвик. Не знае што има таму, но знае колку многу сака да допре до неа, да ја истражи. Таму животот ќе почне одново, без грешки, без болка, таму е крајот на ѕуницата, таму е почетокот на волшепствата.

Само да не се овие окови. А тие не се ни посебно тешки, не се ни премногу тесни, само се граница. Предолго е прикована. Заклучена. „Каде ли сум гo загубила?“ Понекогаш некој црв ѝ го рие умот; можеби тој го фрлил, предобро ја познава, веројатно ѝ ги насетува копнежливите мисли. Очите секогаш ѝ биле отворен ракопис.

Ноќта созрева. Немирот во неа расте, се претвора во оган што ќе еруптира, оковот се стеснува, почнува да ја насетува ладнотијата. Пружа рака кон него, се припива на неговите гради. Тој отвора очи, ја прегрнува силно, ја милува поспано, навидум од навика. Таа трепери од студенилото, го буди нејзиниот неспокој. Ја завлекува раката под нејзината маица. Со усните ги бара забрзаните дамари во нејзините гради. Со забите го трга синџерчето чиј приврзок е речиси залепен за нејзината кожа.

Клучето блеснува низ неговите заби. Ја пружа раката да го грабне, но неговите истражувачки усни ја пресретнуваат нејзината дланка. „Ми требаше, нешто важно мора да се отклучи... не, сега воопшто не е важно“.

 

 

ДВОРОТ
Адријана Ананиева

Ме сече стомакот, бабо, ми се чини ќе пукнам. Нема ден да не те помислам…

Ти донесов букет, одвај го собра во вазната. Ти исчистив и клупава ја измив и пребришав. Не знам дали знаеш бабo, ама онаа приказна дека сме имале една љубов или барем до тројца љубови во животот, била само за нас - девојките. Не важела таа за момците. Само нас нѐлажеле, нив не. Само нас нѐ малтретираат со приказни за маж, деца, семејство… само ни трубат. Нема мира девојче да облече и кратка сукња и да се нашминка, па и сама да прошета. Нема мира бабо, сама кафе да седне да испие.

Мислевме сме се ослободиле, а позаробени од кога било сме. Сами во себе непрестајно се караме, ломотиме без врска, посматраме, а ништо не учиме, само повторуваме грешки и чекаме. Чекаме, чмаеме бабо. На правиот момент да се сретнеме чекаме. На правиот момент кој мора да имаме верба дека ќе го дечекаме. Оти ни познанства, ни споделувања не вредат. Или ни е пишано или не. А мислев дека не сум фаталист. Мислев изборот е барем на повеќемина… а тој да ти бил сосем тесен.

Есен иде, ќе засадам еден црвен трендафил покрај новата камена ограда. Ќе личи на белиот камен одзади. И зелена трева ќе посадиме, нова. И косилка ќе треба да купиме. Ќе заличи дворот бабо.

Шимширите само ги фатила некоја болест, некоја пепел по лисјата одоздола ги фаќа и паѓаат за една недела. Велат им немало спас, сите во околината ги изништило. Ги прскам секој ден и нагоре стеблото е здраво, само долу малку пепел има. Белки ќе се спасат.

Мислам и широки, високи од зимзелените да купиме да не го гледам вампирот отспротива. Нервите ми ги кине, копка само по камењата. Рови. Како не го копне нешто одозгора…

Остави бабо, да ти кажам уште ова. Прошетавме Струга, Охрид за викенд, нема жива душа по улиците. Зјаат празни дуќани, некаде затворено, луѓето немаат… Скоро и ние одиме бабо. Поретко ќе ти идам. Биди ми поздравена, баби.


СЕМЕЈНА МАЧКА
Ана Кнежевиќ

Нана ме сака. Нашата куќа има четири соби, но јас никогаш не сум бил сам, таа e секогаш во онаа во која сум и јас. Ползам на четири нозе во спалната, таа е до мене, ми помага да се исправам. Јадам во кујната, го протнува опашот меѓу моите стапала. Спремам испити во трпезаријата, нејзините шепи се врз скриптите. Го облекувам палтото и го стегам куферот, таа кружи околу мене во дневната додека им велам: си заминувам.

Излегувам на улица, сите имаат зелени очи, возат коли и мјаукаат. Влегувам во станот, го отворам куферот. Алиштата ми се мокри и одрани. Нана се породила.

 

ЧОВЕКОТ-КЛАРИНЕТ
(Херојски расказ)
Неби Ибрахимовски

Веќе седум години никој не знае каде исчезна македонскиот кларинетист Т.О., член на оркестарот на Македонската опера и балет. Мистеријата се ширеше од ден на ден. Некои зборуваа дека пребегал во далечна земја и свирел под туѓо име. Други зборуваа дека тој заминал, а кларинетот останал во неговата изнајмена мансарда во кулите кај Вардар. Постои дури и документ од органите за внатрешни работи, кои кога извршиле увид и претрес во станот, покрај неговите лични работи, книги, костими, пронајден бил и еден голем црн чадор врз кого пишувало: „Јас ќе се вратам“.

***

Единствениот настан кој во тие седум години се случи во врска со мистеријата на исчезнувањето на Т.О. е објавувањето на неговиот портрет во музичката ревија „Македонска музика“, од перото на новинарката Ирис Пијанманов. Таа тврди дека се работи за музички гениј, којшто од својата рана младост се посветил на тајните на инструментот кларинет, дека знаел со невидена страст да ги преплетува десетте прсти на своите раце со осумнаесетте клучеви-дирки на својот инструмент. Новинарката прашува во овој текст зошто оваа земја не ги објави неговите интерпретации на Моцарт, Сидни Бешет, Бени Гудман, или неговата џез варијанта од познатото македонско Невестинско оро. Зошто оваа држава не објави потерница по Интерпол за да се утврди каде исчезна Т.О. во исто време кога толку илјади млади луѓе заминуваат без трага и глас. Портретот завршува вака: „Една полноќ, покрај камениот мост на Вардар видов светло низ отворениот прозорец на неговата мансарда. Ја слушнав неговата последна композиција, чии партитури ми ги предаде случајно еден негов ученик. Го видов неговиот кларинет како долета до мене и ги допре моите усни. Знам тој е сѐ уште жив. “

***

Во предворјето на Музејот на град Скопје, во почетокот на септември 2017, на свеченото отворање на фестивалот Македонска музичка есен неочекувано заврна дожд и се почуствува здив на тих ветер. Над главите на присутните леташе Црн Чадор.

Т.О. или човекот-кларинет беше единствен во Македонија кој ја знаеше шамлај техниката на кружно дишење, која овозможува континуирано свирење без пауза за вдишување воздух. Рачката на Црниот Чадор се претвори во кларинет, што ја отсвири композицијата „Јас не се враќам, јас доаѓам“.

 

 

МРТВА ТЕМНИЦА
Леонора Фини

Раскошните крошни ги голтаа последните звуци на градот додека мене почнаа да ми се тресат колената и да ми се моча, ужасно многу. Сепак, тивко ги следев неговите далеку подолги чекори кои самоуверено газеа во шумата. Пурпурниот спокој надвиснат над нас додека возевме кон овој, за мене, непознат правец, сега се претвори во црн превез. Не гледав каде одам. Како ли тој гледаше?

Кога бев решена да застанам во место и тврдоглаво да запнам: „Не сакам да одам подалеку! Сакам да мочам, да бидам во град, да бидам во кревет или било каде освен во оваа страшна, црна шума со звук на жаби!“- се случи нешто магично. Една по една, почнав да гледам стотици, илјадници, не, милиони светулки како збрлавено летаат околу нас. Летаа во сите можни насоки, се гасеа, се палеа, создаваа триголници, кругови, квадрати и секакви други форми во воздухот тежок од влага. Танцуваа на музика кои сами ја создаваа. Тивко седнавме на земјата. Светулките сѐ поинтензивно брмчеа вљубено. Јуни е нивната сезона на парење. Почнаа да се доближуваат, да нѐ лазат по раце, да ни влегуваат во уши и да ни трепкаат пред очи. На земјата веќе стануваше ладно. Тој стана, ги подаде прекрасните, долги дланки и ме повлече нагоре.

Кога продолживме да чекориме побрзо, погласно и повозбудено, некои пригушени звуци од зад дрвјата почнаа да нѐ стигнуваат. „Кучиња?! Волци?!“ − почнав да паничам и да гледам лево и десно наизменично. „Неее. Верверички и срни, можеби“ − кажа тој несигурно. Го помирисав стравот на неговата наежена кожа. Веќе очајно сакав да си одам и сѐ помалку му верував, иако силно ја стискав неговата рака и му ги заривав ноктите во кожата без да забележам. Веќе бев блиску да се измочам во гаќи, но ми беше страв да одам позади дрво, а и срам да мочам пред него. Моравме да си одиме. Веднаш.

Стоевме на еден мал крстопат кога конечно го убедив дека ова беше прекрасна авантура и сѐ беше сјајно како светулка во сезона на парење, но дека крајно време е да тргнеме кон колата. Се свртевме наоколу неколку пати. Сите четири патишта изгледаа идентично. Ова беше третиот мал земјен крстопат кој го поминавме. Немаше никакви знаци наоколу и немав никаква идеја како да се вратиме назад. Го погледнав со плачливи очи на дете, единствениот човек за мене во тој момент.

„Зошто тргна во шума со некој што едвај го познаваш во непозната земја?“ – праша гледајќи ме директно во очи, речиси прекорно. „Знаеш, ако те убијам тука, во шумава, никој нема да те најде“ − кажа сосем ладно и ги извади големите бели заби кои како ѕвезди светнаа во мртвата темница. Се сврте и почна да чекори кон една од патеките. Неколку секунди подоцна, стискајќи ги нозете навнатре, повторно тргнав по него.


(Напомена: Последните два раскази го надминуваат максимумот дозволени зборови според пропозициите на конкурсот, но ги издвојуваме надвор од натпреварувачкиот дел, бидејќи сметаме дека заслужуваат да бидат објавени.)

 

Слики: Макс Ернст

Слични содржини

Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото