За Огнен Чемерски

14.09.2017 00:03
За Огнен Чемерски

За Огнен Чемерски не можам да зборувам во минато време зашто за него не можам да размислувам во минато време. Тој е поголем од животот, севременска, надвременска личност, а за нив, како што е познато, во македонскиот јазик се користи сегашното време. Зашто досегаат до најдалечното минато и, уште повеќе, до бескрајната иднина. Такво е и неговото познавање на македонскиот јазик, овековечено во најмалку две надвременски дела ‒ „Триста ветрила! Или за преведувањето и за пребродувањето“ и „Моби Дик или Китот“.

Ако ме прашате како би го опишал нашето пријателство, би ви рекол: многу едноставно ‒ јас сум му најголем обожавател. Единствено, можеби, поголем е само син му, зашто не можеш да имаш таков татко без да го обожаваш бескрајно.

Многумина нема да поверуваат во податокот дека со Огнен се познаваме нецели четири години. Впрочем, да знаеја дека е така, веројатно немаше да ми ја доверат честа да напишам нешто за него. А честа е голема, иако не сум ѝ дораснат.

Стапивме во контакт на Фејсбук. Откако и двајцата бевме активни на групата Пуздер, Огнен ми пиша: „Симоне, баш би сакал да се подружиме вака ‒ како ‘постари малолетници’, надвор од оној ‘Сиви дом’. Се надевам ќе се видиме и во ‘градинка’ и ќе испиеме по едно млеко во занимална.“

Толку се збилиживме во меѓувреме низ честите преписки на Фејсбук, што, кога конечно се запознавме, изгледаше како цел живот да се познаваме. А се запознавме на одбраната на магистерската теза на нашата колешка Зорица Петкоска на 6 мај 2014. На првата пауза му пристапувам и му велам: „Огнен, здраво, јас сум Симон.“ Се насмевна благородно, како што знае, и рече само „еееј“.

А како изгледаа тие наши чести преписки на Фејсбук? Главно се консултиравме за преводни решенија. Едно такво, на пример, беше соодветниот збор во македонскиот јазик за англиското фидбек. Го прашувам што мисли за „воздејство“, тој ми одговара дека користел „повратни информации“, но дека треба да се утврди на каков фидбек точно се мисли. Вели: „Мислам деκа во новиот збоρ, аκо се исκова, тρеба да се отслиκа меѓусебноста.“

Потоа додава: „Инаκу, ми се допаѓа, ама не сум сигуρен деκа стρуκата ќе го пρифати зашто звучи цρκовнословенсκи, а алеρгични се на тоа. Јас сега мислам деκа возвρат е уште поопшт и поточен збоρ, зашто е синоним на одговоρ, но може да опфати и дејство. Го има κај Петρушевсκи. Што мислиш? Фала ти за овие пρашања и ρазмислувања, оти многу благотвоρно ми го ρазмρдуваат ρазмислувањето, па што и да излезе, мислам деκа сме добаρ тандем!“

А сега дозволете да ви кажам точно каков тандем сме Огнен и јас. Ист таков каков што биле Микеланџело, кога ја создавал Ла пиетà, и оној што ја забришувал прашината од ремек-делото. Обрнете внимание на тоа дека не велам „што го полирал ремек-делото“ зашто тоа би било претерување. Жива вистина! Дека не претерувам со споредбата ‒ еве ви доказ. Кога ја лекторирав неговата магистерска ‒ патем да кажам, вистинско ремек-дело ‒ му обрнав внимание дека зборот што го употребил послеживот стандардно би бил поживот. Мојот придонес во тандемот е толкав, а тоа што веледостојникот на македонскиот јазик го извлече од тој мој коментар е сосема негова заслуга ‒ негови се асоцијациите, негова е преработката на таа информација, негова е креацијата на мислата што произлегува ‒ иако можеби нему не му се чини дека е така, затоа што е премногу великодушен. А што извлече Огнен во конкретниот случај од мојот коментар, за што неколкупати, повторно многу великодушно, изјави дека сум го просветлил. Неговиот генијален ум нурнал многу подлабоко во сите значенско-формални аспекти на зборот и го извадил од длабочините следново:

Кованката поживот е надоврзување на преводното решение послеживот на Драги Михајловски. Cf. Бенјамин, Валтер, „Задачата на преведувачот“ во Под Вавилон (Скопје: Каприкорнус, 2008) стр. 223-237, и Дерида, Жак (1996) „Кулите вавилонски“, превод од англиски Драги Михајловски во Lettre Internationale 3. Кај Бенјамин стои Überleben, а кај Дерида survie. Греам, преведувачот на Des Tours de Babel, во својата белешка кон преводот вели дека за да го долови овој концепт, морал да „мами“ со адаптацијата sur-vival (Derrida 1985: 206). Преводните решенија што ги користиме за поимите на Бенјамин и на Дерида се потпираат врз преводите на Драги Михајловски од 1993 и 2008 година, а кованката поживот ја предложи проф. д-р Симон Саздов при лекторирањето на овој текст. Сметам дека е одлично решение, бидејќи со новообразуваниот збор се опфаќаат двата аспекта на поимот Überleben, односно дека преводот живее повеќе и подобро (поживот како послеживот и како од живот поживот), за што ќе се расправа понатаму. Ве молам, обрнете внимание на неговото образложение во последната реченица. И после ‒ ние двајца сме биле тандем. Да, сме биле ‒ колку и двајцата погореспоменати.

Веќе споменав дека Огнен е великодушен, ретко несебичен човек, но е и многу повеќе од тоа, зашто прави работи без преседан во македонската јавна практика. Еве ви само еден пример, а тие се многубројни. При својот настап на телевизиско интервју кое не трае повеќе од десет минути, тој наоѓа простор и потреба да ме спомне со име и презиме како лектор со кого има многу добро искуство. Тоа, инаку, никој друг не го прави, што другите и не ги прави лоши луѓе, не ги прави ни себични зашто, во крајна линија, тоа се нивните десет минути ‒ што има да ги делат со друг? Но не и Огнен. Не може тој да не му оддаде некому признание, без разлика што другиот и не го заслужил. Појако од него е тоа, таа одлика му е вродена, да биде голем, маркантен, див, да сподели заслуги кои објективно само нему му припаѓаат. Наоѓа задоволство и смисла во поделбата на успехот со друг.

Огнен е и многу внимателен. Ме праша дали би му напишал реценција за објавување на магистерската, а јас со најголемо задоволство прифатив, иако не можам да се мерам ни оддалеку со книжевниците во поглед на изразувањето. Кога дојде време да го бираат во звањето лектор, ми пиша: Симоне, се пишува рецензија за мојот избор во лекторско звање и во неа се користат твои зборови од рецензијата за објавувањето на магистерската, но не како цитат, туку во рамките на текстот без референца. Јас ги предложив, оти побараа од мене да издвојам нешто. Се согласуваш?

Му одговорив дека ич не треба да ме прашува такви работи, дека сме доволно блиски и дека нема потреба од тоа. Потоа му реков: „Ти пожелувам поскоро избор во звањето што одамна си го заслужил (не доцент, туку професор - да имаше звање професориште, и тоа веќе си го заслужил).
Колку е Огнен брилијантен во „Триста ветрила!“ и во „Моби Дик“, за жал, не можам да ви доловам со мои зборови. Тоа само можете, а и треба, да го доживеете. Затоа, само со уште еден наш дијалог, ќе се обидам да ве поттикнам, а вие, сигурен сум, ќе ми бидете благодарни.

Го прашувам: Огнен, тебе ли ти текна поинаку да го поставиш прашањето за оригиналот и преводот, зашто ако е така, ептен си добар, човече!

Огнен: Да, мене ми текна. Ваква беше логиката (па ако некој друг го кажал тоа, независно сме го направиле). Всушност, го пресликав прашањето за човештвото и за Агни и Праџапати, каде што синот е постар од татка си (а на таа тема сме збореле со татко ми уште од дете). Прашањето за староста на човештвото не е мој изум, но само го пресликав на преводот и се надоврзав на споредбата на зборовите на Бенјамин и на Дерида за преводот како дете што има моќ самостојно да расте и да се развива (таму ги цитирам со референца). Но идејата дека преводот може да е постар од оригиналот е моја.

За Огнен можам уште многу да пишувам и ќе пишувам во други пригоди. Како инаку ќе остане со нас?

На крајот, ако случајно си помисливте дека сум многу фин, скромен, па дури и дека ме бивало да раскажувам ‒ се лажете. Можеби само на кратко, и тоа сосема малку, ме допреле природата и генијалноста на Огнен.

ОкоБоли главаВицФото