Монструозниот план на Груевски

15.09.2017 01:02
Монструозниот план на Груевски

Дебатата за новиот закон за јазиците се случува во најлошото време за Македонија. Непосредно пред почетокот на кампањата за локалните избори и во екот на ксенофобичната кампања на ВМРО-ДПМНЕ со општинските референдуми за забрана за прием на бегалци, кои ги нема. Во исто време, СДСМ се соочува со серија пехови предизвикани од опозициската блокада на Парламентот, смислените интерпелации покренати против клучните министри во Владата на Заев, кадровските промашувања во јавните претпријатија и институции, контроверзниот тендер на компанијата на вицепремиерот за економски прашања, реакциите на некои општиски организации околу изборот на кандидати за градоначалници, пи-ар киксот со посетата на премиерот на затворот Идризово, чудната смисла за хумор на Генералниот секретар на Владата и така натаму и така наваму. Сите овие работи, зачинети со остри полемики на социјалните мрежи меѓу довчерашните соборци од Шарената револуција, од кои дел веќе се пасивзираат, изборите за локална власт ги прави крајно неизвесни.

Можеби не сум во право. Можеби анкетите на ТВ Телма се во право. Таму гледам голема предност на популарноста на Заев пред Груевски, а ниту јас, ниту моите пријатели не сме репер за некакво јавно мислење. Ама, сепак, ме јаде некоја чудна јанѕа. И така, лека – полека, сакајќи – несакајќи, почнав да си го барам одговорот или одговорите на прашањето – што ако ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори? Без оглед што сум апсолутно свесна колку релативна и растеглива категорија е поимот „победа на локални избори“, нема да навлегувам во проценки и претпоставки, туку само ќе споделам едно мое приватно размислување околу евентуалната победа на ВМРО-ДПМНЕ. Да бидеме начисто, членовите на таа партија сериозно си ја работат подготовката за кампањата која почнува веќе од утре, а за тоа имаат ресурси. И институционални (сѐ уште) и човечки и организациски и материјални и медиумско-пропагандни и секакви. Сите што и најповршно следеле избори, знаат што значи поимот „вмровска машинерија“. Значи, ситуацијата не е за потценување.

Од друга страна, претстојните избори во многу нешта се апсурдни сами по себе, бидејќи на нив учествува субјект кој е под истрага за сторени злосторства против сопствената држава и народ. Со спортски жаргон кажано, на теренот е истрчан натпреварувач осомничен за допинг, за лажирање резултати, за поткуп на арбитри и серија нерегуларности во неговата кариера. Македонскиот парадокс се состои токму во тоа многу едноставно прашање – што ако на изборите победи партијата, оквалификувана како „злосторничко здружение“? На тоа се надоврзуваат серија дилеми.

Прво, дали евентуалната победа на локалните избори ќе значи амнестија на Груевски и Фамилијата? Се разбира – не, бидејќи комуналната управа нема апсолутно никакви надлежности во процесите кои се водат на сосема различни инстанци и во сосема други институции.

Второ, дали евентуалната победа на локалните избори, законски и правно ќе значи успорување или, пак, дури и одложување на веќе започнатите случаи кои се водат против Фамилијата? Секако – не, бидејќи поднесените обвиненија од СЈО се влезени во фаза на процесуирање, а од друга страна, веќе е воочлива тенденцијата за распад на „сваровски“ судството и смена на обвинителската постава.

Трето, дали евентуалната победа на локалните избори, по автоматизам ќе значи и брзо распишување предвремени избори? Мојот лаички одговор е – не мора, ама може. Всушност, следејќи ја ситуацијата во која се наоѓаат двата доминантни субјекти од македонскиот политички блок, било кој од нив да победи на локалните избори, догодина нужно ќе има вонредни парламентарни.

Четврто, дали евентуалната победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните, ќе значи и добра шанса за победа на предвремените парламентарни избори? Мое мислење е – не, бидејќи и повторно да освои најмногу пратеници, на партијата со која никој не сака да коалицира, ќе ѝ се случи овогодишното сценарио. А тврдам дека не може да освои, бидејќи рејтингот од ден во ден ѝ се рони.

Со четирите прашања кои си ги поставив, се обидов да ја одгатнам дилемата – како преку изборите Груевски замислува да се спаси себеси, бидејќи не гледам ниедна друга причина човек што е обвинет за тешки кривични дела (во ефектуирање и во најава), толку фанатично да се бори. И тоа во ситуација кога поголемиот дел неговите некогашни најблиски соработници се пасивизираат или се кријат од лежење притвор, кога секојдневно излегуваат нови скандали за злоупотребите на вмровските директори и кога вртоглаво ја губи поддршката од јавноста.

Одговорот е многу логичен. Единствената и последна негова надеж е да предизвика немири, судири и дестабилизација на Македонија. До најшироки можни размери. Веќе се обиде тоа да го направи на 27 април и не успеа. Сега јава на бранот на ксенофобичниот национализам и собира пред Парламентот свои приврзаници за да протестираат против Законот за јазици. Веројатно очекува дека неговите лаги за бегалската инвазија ќе се совпаднат со неговите лаги за загрозеноста на македонскиот јазик, со што би поентирал во неговиот злосторнички воен повик за одбрана на татковината. Всушност, тој и неговите медиумски слуги, кои сѐ уште му се ставаат на располагање, од поодамна ја верглаат оваа тема.

Не верувам дека ќе успеат, ама чувствувам морална и човечка обврска да предупредам дека монструозниот план на груевистите е уништување на нашата држава. Нивниот квазипатриотски наратив е воинствен, клеветнички и црн. Својот спас го гледаат единствено во распалувањето меѓуетнички пожар, кој со децении ќе се гасне и трајно ќе ја урниса државата. Оттаму, си земам слобода да предупредам дека ВМРО-ДПМНЕ не влегува во изборната трка за да си ги измери силите на политички коректен начин, туку за да предизвикува тензии, инциденти и конфликти.

Не верувам дека ќе успеат, ама треба да се има на ум. Заради јанѕата.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото