Дали Македонија може да води надворешна политика која ги одразува националните интереси?

15.09.2017 03:35
Дали Р. Македонија може да води надворешна политика која ги одразува нејзините национални интереси?

Во една од моите претходни статии посветени на надворешната политика го спомнав името на кардиналот Ришелје, основачот на современото поимање на НП и творецот на поимот raison d'etat или национален интерес на една држава. Според Ришелје, НП на една држава може успешно да се спроведува само ако имате остварено успех во надминувањето на разликите во стојалиштата на разните политички групи во обидот да се остварат заеднички цели, кои се темелат на постигнување на внатрешно помирување наспроти јакнењето на внатрешните конфликти. За таа цел Ришелје направил историски потег со признавањето на правата на протестантите со што ги елиминирал внатрешните поделби и ја подготвил Франција за настап на меѓународната сцена каде набргу станува главен креатор на приликите во Европа.

Дали во Република Македонија имаме таква ситуација?

Иако на хартија или во програмските определби на сите релевантни партии во РМ може да се најдат истите стратешки цели кои подразбираат членство во европските и евро-атлантските асоцијации со што директно се прифаќаат вредностите на кои тие организации почиваат, во реалноста состојбата е значително поинаква при што однесувањето на одредени политички субјекти предизвикува сериозни внатрешни конфликти кои непосредно влијаат на способноста на РМ да води конзистентна НП.

Партијата ВМРО-ДПМНЕ како главен репрезент на поттикнувањето на внатрешните конфликти во своето 11-годишно владеење и особено по 2008 година водеше политики кои континуирано ја одалечуваа РМ од членство во споменатите асоцијации, при што таа нивна определба не може да се кaкарактеризира како протест поради фијаското со зачленувањето на РМ во НАТО на состанокот во Букурешт во 2008 година. Тој настан беше повод, не и причина партијата да го открие своето вистинско лице и чиј устрој, начин на делување и светоглед стои во спротивност на карактерот на државите кои членуваат во ЕУ и НАТО и е поблизок до оние политички елементи кои владеат во земји како што се Русија, Турција и Србија. Тие карактеристики на ВМРО кои не се само поглед на водачите на партијата туку ги одразуват погледите на значителен број граѓани на РМ (да се видат резултатите на анкетата на Телма за тоа кои земји се сметаат за најпријателски на РМ) се во остра спротивставеност на оној дел на граѓаните и политичките активисти собрани под крилото на СДСМ. Реално гледајќи ги работите, не постојат назнаки дека има поместување во напорите за надминување на конфликтите, иако новата власт се обидува со креирање на потолерантна клима да осигура предуслови за одвивање на дијалог за решавање на конфликтите. Состојбата е дополнително усложнета со континуираното постоење на прашањето на статусот на албанското население, чиј темелен документ, т.н. Рамковен договор, е предмет на оспорувања во поглед на причината за постоење од една страна до постојани забелешки дека истиот сѐ уште не е спроведен од другата страна. Главниот (сѐ уште) политички репрезент на Албанците во РМ, партијата ДУИ, иако дава впечаток дека е искрено посветена на остварувањето на стратешките определби во својата суштина сѐ уште се залага за т.н. етнички контролирана и поделена демократија, која во многу елементи е послична со карактеристиките на некои поинакви цивилизации отколку со вредностите на западната која е втемелувач и носител на гореспоменатите организации.

Кои се последиците врз водењето на НП?

Непостоењето на внатрешен дијалог за надминувањето на конфликтите значително го стеснува маневарскиот простор во спроведувањето на успешна и конзистентна НП. Како најочигледен пример за таа констатација се и последните случувања во српско-македонските односи кои кулминираа со одлуката за повлекување на целокупниот персонал на српската амбасада во Скопје, потег кој во дипломатската пракса претходи на објава на војна помеѓу засегнатите страни. Настаните беа обработени од голем број новинари, дипломати и аналитичари и беа дадени доволен број добри анализи за да се објаснат причините за таквиот потег на Србија. Ние во оваа анализа ќе се концентрираме на позицијата на РМ во контекст на горенаведените констатации. Имено, како што е очигледно, реакцијата на претставниците на РМ беше дефанзивна и насочена кон брзо смирување на состојбата што во секои познати модели на однесувања е карактеристика на држава која 1) е во подредена состојба на политички, економски и воен план или 2) земја која навистина е „фатена‘“ во непријателски дејствија насочени кон другата држава. Бидејќи нам ни е познато дека РМ во овој случај фактички е нападнатата страна, се поставува прашањето зошто се реагираше на тој начин? Зошто РМ дозволува да биде грубо третирана од страна на Србија чие однесување кон РМ особено по изборите од 2016 е крајно неприфатливо и личи на начинот на кои Русија ги практикува односите кон земјите на поранешниот СССР (без прибалтичките држави кои се членки на НАТО и ЕУ)? И секако, зошто ВМРО-ДПМНЕ ни со еден збор не се огласи за српските наводи и со ниту еден збор не повика на одбрана на сувереното право на РМ да води своја и од никого условувана НП која е одраз на нејзините национални интереси?

Промената во НП во правец на забрзано пристапување кон НАТО и ЕУ и која во сегментот на регионалните односи подразбира отклон од политиката на ВМРО со Србија како главен сојузник во корист на оската Тирана-Скопје-Софија (плус Приштина како неодминлива точка на чвориште на овој дел од Балканот), како земји кои припаѓаат или се на пат да станат дел од интегративните асоцијации, неминовно ја поставија РМ на удар на Србија, која иако декларативно изразува желба за пристап во ЕУ, a никако во НАТО, во суштина сѐ уште има внатрешен конфликт кој се води помеѓу про-ЕУ и про-руското крило, со што се става себеси како земја значајна, но не и пресудна за интересите на РМ за кои односите со споменатата оска добиваат стратешко значение. Во таа ситуација, ударот и заканите од Србија би требале да се третираат со значителна одлучност која, меѓутоа, изостанува поради внатрешната слабост и повеќегодишното креирање на јавно мислење каде Србија е претставена како единствен пријател, а другите земји во соседството се непријатели на Македонија. Стравот на сегашната власт дека отворениот судир со Србија ќе донесе дополнителна нестабилност внатре во земјата ја намалува способноста на РМ за водење на НП во согласност со нејзините национални интереси. Би сакал да повикам на претпазливост од пофалбите кои доваѓаат од одредени меѓународни чинители кои по којзнае кој пат ги занемаруваат своите принципи во замена за остварување на некакви поднивелирани цели наменети за овој регион. Иако како земја ни е неопходна нивната поддршка, нивните перцепции не мора да се нужно точни (напротив, списокот на нивни погрешни процени е поприлично долг), односно никој не е подобар чувар на сопствените интереси од нас самите. Но, за да имаме успех во водењето на НП која е основна алатка за остварување на националните интереси на земјата на меѓународен план, неопходно е да иницираме:

Отворање широк дијалог за дефинирање на карактерот на нашето општество. Не е доволно да се повикуваме дека сите релевантни политички партии се за градење на демократски вредности темелени на западниот модел (дополнети со нашите специфики за градење етнички соживот и мултиконфесионална толеранција). Напротив, со отворањето на дијалогот мора подробно да се објасни кои се тие вредности, какво е нивното влијание врз општиот напредок и, на крајот на краиштата, дали тие истите се прифатливи за најголемиот дел на граѓаните на оваа земја. Бидејќи во моментот на политичката сцена имаме состојба во која главната опозициска партија де факто е предводник на политики кои ја оддалечуваат Македонија од европските интеграции и чија евентуална реформација е сѐ уште под знак прашање, на сцена треба да настапат креаторите на јавното мислење (независни интелектуалци, академската заедница, јавните медиуми и невладини организации) кои би требало досега во себе да ги расчистат дилемите за тоа каде Р. Македонија припаѓа во континентален и цивилизациски поглед, со активно промовирање на споменатиот дијалог и - ова е мошне важно - во активно модерирање на дијалогот помеѓу политичките партии кои сакале или не се оние чинители кои политиките на оваа земја ќе ги инкорпорираат низ државните структури, давајќи им на истите легалистичка супстанца. Резултатот од тој процес треба да биде дефинирање на базичните вредности кои Македонија како држава ќе ги гради и промовира низ сопствен развој и со другите држави и асоцијации со слични или идентични вредности. Еднаш кога тоа ќе се оствари на внатрешен план, НП која, како што рековме, е алат за реализација на интересите на државата на меѓународен план, ќе има можност истите да ги реализира одлучно и без потреба да балансира помеѓу разни опции кои произлегуваат од внатрешните дилеми. Сојузите во кои треба да пристапиме и кои ќе ја зајакнат позицијата на Р. Македонија ќе бидат гарант за нејзината безбедност и полуга за развој кој ќе доведе до подобар живот на сите нејзини граѓани.

 

Авторот е поранешен македонски амбасадор во Ватикан

 

Слики: