Огнен Чемерски, ученикот што го надмина учителот

15.09.2017 16:11
Огнен Чемерски, ученикот што го надмина учителот

Почитувано семејство Чемерски,
почитувани колеги и студенти,
пријатели и почитувачи на делото на Огнен Чемерски

 

Камо среќа да бевме вака и овде збрани за да прославиме некој работен успех или да споделиме некој радосен миг во животот на нашиот Огнен, но за жал, тука сме за да ја споделиме само огромната тага и мака што тој веќе не е со нас, со своите колеги и студенти, како што веќе не е ни со своето прекрасно семејство.

Светото писмо ни вели дека сите ние сме сал гости на овој свет и дека нашиот престој во него е како сенка. Ако е тоа така, тогаш зошто заминувањето на некој кој ни е многу близок и мил нѐ исполнува со тага? Некој, порационален од мене, ќе рече: тагата е вообичаена човечка емоција, нешто што нѐ прави тоа што сме – луѓе и смртници на кои раѓањето им буди радост, а смртта тага, и дека тоа треба беспоговорно да се прифати како такво. Велат, пред фактите и мудрите молчат, но прераната смрт на Огнена кај мене, покрај длабоката тага, предизвика и гнев, проследен со прашања од типот: Зошто токму него? Зошто токму сега?

Кога ја примив веста за неговата прерана смрт, мојата првична, инстинктивна и затоа веродостојна реакција, со насолзен поглед вперен кон небесата, беше: Па ова не е фер, ова нема смисла, ова нема никаква логика! Но како што вели големиот поет Џон Милтон (кој кај Огнена постојано предизвикуваше стравопочит, чудење и неименувана привлечност), како може смртник да бара отчет од Бога? Тој при себе си го зема тоа што го сака и кога што сака, а притоа за смисла или логика не прашува. Како и да е, гневот поради таквата божја одлука кај мене сепак сѐ уште не сака да си замине, тлее во мене, ми рие во душата, во свеста и потсвеста, ми доаѓа на сон во кој Огнен по којзнае кој пат ме прашува прашања на кои и Бог би се подзамислил, а камоли ментор-смртник.

Еден стар Зен-мудрец има речено дека голема радост е да си учител, уште поголема е да си ментор на ученикот што си го учел, а најголема е, на крајот да станеш ученик на својот ученик. Јас му бев учител на Огнен, а тоа ми причинуваше големо задоволство што не престануваше дури и потоа, кога тој сесрдно ми покажуваше и докажуваше дека тоа што го научил од своите учители успеал да го надгради, за на крајот, по след на околностите, да му станам и ментор низ докторските студии. Во тој период не сакав, но и не можев со должна строгост да му ги скротам раскошните амбиции, кога неговиот велелепен талент и научна љубопитност ѕиркаа и буричкаа насекаде и тогаш, кога веќе си мислев дека, ете, дојде ученикот чиј ученик можам на старост да станам, нештата се свртија наопаку.

Тогаш, како во лошa јакобинска трагедија, на Огнен му се случија низа трагични и стресни ситуации, низа тешки загуби што, чинам, му нанесоа длабоки рани врз душата. Во такви ситуации, доколку човек и учител не може многу да му помогне на својот ученик, единствено што останува е да не му одмогне и постојано да му котка надеж и да му нуди блага утеха. Знам дека утехата e потврда на несреќата, но знам и дека само со утехата несреќата станува поднослива. Затоа му пружив утеха во рамките на моите можности, со надеж дека несреќата е неминовно искуство што нѐ прави посилни, дека од секое искушение извлекуваме горки поуки за животот и нашиот аџилак во него, дека несреќата нѐ прави порешителни во нашиот наум да не останеме само сенка, туку да станеме зрак што ќе остави трага од нашето битисување во него и дека, ако ништо друго, тој зрак ќе фрли троа светлина врз новите неизодени патеки на поколенијата што следат.

Кога разбрав за природата на неговата болест си мислев дека и таа е само уште едно дополнително искушение во низата, со кое пргавиот дух на Огнен (што впрочем сосема му одговара на името), сепак успешно ќе се справи. Така и се чинеше, сѐ дури не му попушти плотта. Дали тоа сакаше од неа да си го ослободи духот за тој непречено да се справува со предизвиците во вечноста? Дали тоа сакаше да не се измачува и да не нѐ измачува повеќе со спознанието за сопствената и нашата смртност. Тие прашања што често ги начнувавме кога разговаравме за поезијата и ги толкувавме силните, но често сматни стихови на Хомер, Џон Милтон, Т. С. Елиот или Дилан Томас, ќе ми останат недокрај разглобени и одговорени.

Затоа, Огнене, ученику мој, спремај се, како што и јас се спремам во текот на сето ова мое гостување во животот, за нашата идна средба, кога, како што вели великиот Џон Дан, смртта за нас ќе е мртва, средба што можеби ќе е вечна и кога јас, ако тоа ти ми го дозволиш, можеби конечно ќе станам твој ученик. Дотогаш ќе го негувам и обмислувам секој наш разменет збор, секој наш направен и неисполнет план, секој наш напишан и ненапишан збор, за секој наш направен или ненаправен превод или стратегија за негово обмислување и правење, што овде, на овој свет и во овој живот, ни заврши со споделен пораз, за таму, каде што сега се наоѓаш ти, да го преиначиме во заеднички тримф, за да не би останале запомнети само како мали жртви на обидот.

Дотогаш, фала ти за прекрасното содружништво, содејство, соговорништво, за секоја визија, без оглед дали била исполнета, дали воопшто била исполнлива или не, и... Огнене, ученику мој, учителу мој несуден, слава ти.

Скопје, 13. 09. 2017

ОкоБоли главаВицФото