Политиката на деполитизација

16.09.2017 01:13
Политиката на деполитизација

Американскиот претседател Доналд Трамп ја избра Саудиска Арабија како место каде на Иран ќе му одржи лекција за недостатокот на демократија. Токму тој, кој благодарение на специфичниот изборен систем дојде на местото претседател со три милиони гласови помалку од својата противкандидатка. Потоа, во говорот во Мајами, пред уважената публика во која се најдоа и некои учесници од пропаднатата воена инвазија на ЦИА во Куба 1961 година, чија цел беше рушење на владата на Фидел Кастро, ја наведе „слободата на кубанскиот народ“ како причина за повторното воведување санкции против Кубанците.

Тука се и француските избори, само помалку бизарни од претходните два примери за славење на демократијата. Двете најголеми партии, социјалистите и републиканците, ги избраа своите кандидати на предизборите кои привлекоа големо внимание, за во првата рунда да ги нокаутира Емануел Макрон, лидерот на релативно младата партија чија кампања ги обединуваше празните фрази, убавиот изглед и солидната медиумска поддршка. Бидејќи гласачкото тело за (единствениот) ривал во вториот круг ја избра Марина Ле Пен, кандидатка од екстремната десница од која се згрозуваат две третини од Французите, неговата победа беше загарантирана. Во тој момент, сè што му требаше на новиот претседател за да може навистина да владее беше парламентарно мнозинство. Мнозинството го сочинуваат личности кои досега ѝ се малку познати на јавноста и својата нова позиција му ја должат на Макрон, а потекнуваат од повисоките ешалони на општеството: 46 од нив се бизнис лидери, а нема ниеден од работничката класа. Заради необичноста на гласачкиот систем, неолибералната политика на Макрон ја поддржаа само 44,02 проценти од гласачите во првиот круг од претседателските избори1, но во парламентот ја поддржуваат 90 проценти од претставниците2.

Откако е воспоставено гласачкото право во Франција, никогаш не се случило толку мал процент на гласачи да излезат на парламентарни избори (над 57 проценти од гласачите апстинираа, во споредба со 16 проценти на изборите во 1978). Овој сиромашен одѕив, во американски стил, стави точка на „и“ речиси непостоечката национална кампања, испрекината со чести случајни „скандали“, „Вотергејтови“ од помал калибар, за кои медиумите известуваа бескрајно, како да сакаат да го оправдаат своето асистирање во кампањата на Макрон. Дали појавувањето на нови лица меѓу избраните парламентарци е нешто изненадувачко кога политиката се редуцира на споредување пописите со гревови на политичарите? Се чини веројатно дека ќе ги оспоруваат стратешките економски одлуки3.

Во предизборниот период, во медиумите три дена се бруеше за кандидатката која се онесвестила по удар од непознат напаѓач, а големо внимание доби и казненото дело кое се случи пред повеќе од 30 години. Истовремено, едвај се споменаа политиките на Европската унија, грчката должничка криза, вонредната состојба во Франција и францускиот воен ангажман во Африка и на Блискиот исток. Така, она што Пјер Бурдие го нарече „политика на деполизација и демобилизација“, постигна значајна победа, но битката штотуку почна.

________________________________________________________________

1. Процентот се однесува на вкупниот број гласови кои во првиот круг ги добија Макрон и републиканскиот кандидат Франсоа Филон (24,01 и 20,01 проценти). Останатите кандидати, барем декларативно, го денунцираа неолиберализмот.
2. Исто така, во таа смисла некои социјалисти ќе бидат „конструктивни“.
3. Razmig Keucheyan i Pierre Rimbert, “Skandali javni, revolt privatni”, Le Monde diplomatique, hrvatsko izdanje, svibanj 2013.

Фотографија: Данко Стјепановиќ

Извор: http://lemondediplomatique.hr