Гардијан за климатските промени: Ќе се видиме на суд

16.09.2017 08:35
Гардијан за климатските промени: Ќе се видиме на суд

Изминативе денови гледавме како Хјустон во Тексас буквално потона под огромното количесво дожд, додека Карипските острови беа опустошени под налетот на силни бури што се тркалаа низ Мескиканскиот залив; сега гледаме како куќите во Флорида ги урива Ирма, најголемиот од трите урагани, настанати во Атлантскиот базен. Климатските промени предизвикани од човечки активности, речиси сигурно, имаат своја улога во овие настани. Порано, научниците беа претпазливи кога глобалното затоплување го посочуваа како причина за екстремните непогоди. Сега, тоа веќе не е така. Денес, научниците докажуваат дека има поврзаност помеѓу климатските промени и суши во Кенија, рекордниот број на зимски сончеви часови во Британија и обилните врнежи во југозападна Кина.

Вмешаноста на екстремните временски услови во злосторството на глобалното затоплување е интуитивно очигледна: се смета дека во период од само три години, Хјустон го погодиле три поплави од оние што „се случуваат еднаш во 500 години“, значи само два пати во еден милениум. Кога ќе се случуваат три години едноподруго, тие поплави укажуваат на тоа дека минатите климатски услови веќе не се сигурен водич за временска прогноза. Следува заклучокот дека се променила самата клима.

Таквото размислување треба да го алармира светот кој мора да сфати дека единствен излез од оваа неволја е темелно да се променат начинот на производство, дистрибуција и трошење енергија. Да се сфати во колкава мерка тоа ќе ја наруши реалната економија. Додека со Парискиот договор за климата, владите го сигнализираа крајот на ерата на фосилните горива, енергетските гиганти ги узурпираа политичките процеси со кои државите одлучуваат како ќе ги постигнат поставените цели поврзани со намалувањето на последиците од климатските промени.

Компаниите за производство на фосилни горива, јагленоводородните милијардери и нивните сојузници, особено на запад, веќе со години финасираат софистицирани кампањи од огромни размери со кои ги лажат гласачите за прашањето на штетноста на последиците врз околината од загадувањето со јаглен. И за тоа имаат добра причина: една значајна студија открила дека само 50 корпорации се одговорни за повеќе од една петтина на вкупната количина јаглерод испуштен во атмосферата, од почетокот на индустриската револуција па досега. Тоа пионерско истражување помага не само да се утврди законската одговорност за климатските промени, туку и да се ослабнат сите видови корпоративни оправдувања за наводно непознавање на законите.

Големите загадувачи не можат да кажат дека продолжиле со своите активности затоа што не знаеле дека нивните производи предизвикуваат огромна штета. Корпорациите остварија еднормни профити додека планетата се загреваше за степен повеќе отколку што треба. Загадувачите го приватизираа профитот од фосилните горива, а трошоците им ги префрлија на сиромашните нации, на даночните обврзници ширум светот и на идните генерации. Кога енергетските гиганти и оние што ги застапуваат тврдат дека нивното лобирање е само израз на демократските права, звучат како тутунската индустрија од времето кога ги отфрлаше тврдењата дека пушењето е опасно за здравјето.

Три значајни судски процеси ќе го доведат во прашање таквиот начин на размислување. Прво на Филипини, каде се утврдува дали загадувачите ги прекршиле човековите права на Филипинците со својата улога во создавањето услови за појавата на тајфунот Хајан, најсилната тропска бура на сите времиња што го зафати копното и зад себе остави повеќе од 7.000 мртви. Потоа во Германија, каде против една германска комунална фирма е отпочната судска постапка заради трошоците поврзани со поплавата предизвикана од излевањето на глечерското езеро во Перу. И на крај, во САД, каде два округа во Калифорнија покренаа судска постапка против 37 компании за производство на нафта, гас и јаглен. Тие ги обвинуваат дека знаеле оти нивните производи ќе предизвикаат растење на нивото на морето и бројот на поплави на крајбрежјето, но не ја намалиле количината на гасови од стаклените градини.

Компаниите за производство на фосилни горива треба да ја преземат одговорноста за последиците од климатските промени. Правната војна има двојна цел: од една страна, да го реформира моделот на работење на престапниците и да ги натера да ја почитуваат глобалната обврска за постепено исклучување на фосилните горива и ограничување на растот на температурата за 1,5 степени целзиусови; од друга страна, да ги натера да ја платат штетата настаната заради глобалното затоплување. Климатските судски процеси се неизбежен резултат на неуспехот на преговорите изминатите две децении. Но тие се и важен начин да се редефинира климатската криза како итен случај на повреда на човековите права.

Извор: The Guardian, 10.09.2017.
Фотографии: Џералд Херберт

ОкоБоли главаВицФото