СЛОБОДА, ЉУБОВ, СОН: издвоени раскази (2)

16.09.2017 08:12
СЛОБОДА, ЉУБОВ, СОН: издвоени раскази (2)

Објавуваме уште шест раскази кои пристигнаа на конкурсот за расказ на тема СЛОБОДА, СОН, ЉУБОВ.

!КАБАРЕ
Петар Џајковски

Господин Хондрик се разбуди на една клупа во некој бар. Веројатно беше ноќ, барот беше голем и осветлен од многу мали ламби. Имаше многу маси со дрвени клупи на двете страни. Кружниот театарски плафон и ложите околу него го натераа да погледне зад себе. Веднаш зад неговиот грб имаше огромна, длабока сцена. Се насмевна и уште еднаш по којзнае кој пат му заблагодари на сонот што го донел на вакво место. На клупата до него седеа Сара и Анастасија, а од другата страна на масата Бендор, Свртко и Петрич. Додека спиел започнале некој разговор кој сега се беше претворил во песна. Од насмеаните усни на Сара излегуваа само самогласки. Петрич го празнеше лулето на масата со кратки отсечни удари во ритам. Свртко со згужвано чело и криви веѓи пелтечеше заглавен на еден ист слог. Анастасија ја движеше главата како да гледа авионче од хартија кое се превртува во водухот над неа. Праменчињата дива коса ѝ играа како гранчиња од врба на ветер. Со усните како дете кое се учи да свирка ги влечеше безвучните согласки П и Ф и С и Ш. А по некое И и У се слушаше кога нејзиното замислено авионче ќе се вивнеше нагоре или нурнеше надолу. Бендор ја беше исекол кременадлата на мали парченца. Со левата рака ја движеше вилушката од чинијата до устата и џвакаше, а во десната рака ја држеше коската високо крената над шапката и диригираше. Господинот Хондрик помисли дека можеби е време да се сврти кон сцената, но не сакаше да ја прекине хармонијата на масата. Му сигнализира на келнерот да донесе нова рунда литар со литар бело вино и кисела вода. Сара прва забележа дека им се придружил и престана да пее. Се погледнаа и заедно се свртеа кон сцената, седејќи обратно на клупата со рацете на штицата за потпирање. На сцената почнаа да излегуваат музичари. Цел еден симфониски оркестар со инструменти и без. Некои носеа со себе по два, некои и по три инструменти. Еден постар мустаклија облечен во фрак носеше дрвена флејта, ситара, фагот и чинела како капа. Една дама со дајре во рацете застана на средината на сцената и од дајрето истури диви багреми пред рацете на г. Хондрик. Авиончето на Анастасија слета точно над свежите багреми.

 

ФЕЈСБУК
Тони Димитров

Ја запознав на Фејсбук. Случајно ја додадов. Ми се појави во оние препораки, каде обично алгоритамот ти нуди згодни девојчиња како опција да станете пријатели. Кликнав „додади“ без некоја посебна интенција. Едноставно, така правев со секоја згодна девојка. Но само со оние кои препознавав дека беа стварни. По нејзините слики почувствував дека не се работи за лажен профил. Имаше тука доза на реален живот. Брат, пријатели, слики од прослави, дипломирање... Ме прифати. Оттогаш сѐ е поинаку. Почнавме да разговараме. Да се запознаваме. Пополека. Не инсистирав на ништо. Само разговаравме. Разговаравме на сите теми. Од општествени, политичко-социјални, економски, духовност и религија, геополитика или пак за локалната ситуација. Тука беа музиката, филмот, уметноста и сѐ што спаѓа општо во културата. Сите теми беа опфатени. Сексот не изостануваше, како теорија, но и во пракса. Секако, виртуелен. Си праќавме слики. Беше сестрана личност. Разговорот одеше лесно и без застој. Доколку некој од нас имаше работа и извршуваше реални обврски во приватниот живот, едвај чекавме да заврши, да се врати и да продолжиме да разговараме. Да живееме во нашиот свет. Споделувавме линкови. Си испраќавме и анимирани гифчиња. Емотикони. Се смеевме. Се запознавме дури и повеќе одошто се познававме со личностите од она што го нарекувавме стварен свет. Тие веќе станаа небитни. Со нив не комунициравме и обајцата сѐ помалку ги среќававме, да не речам ги избегнувавме. Се среќававме само ние. Таму, во виртуелниот простор каде се одвиваше нашата љубов. Тоа беше нашиот свет. Нашата слобода.

 

ЦРВЕНА ПАНДЕЛКА
Гала Ивановска

Врза црвена панделка околу вратот и ја крена косата нагоре.

Излезе од дома со брзи чекори и стигна до сообраќајните светла. На тротоарот стоеја луѓе со безизразни лица, поматени очи, чекаа. Некои од нив чекаа на пешачкиот со години, им пораснаа канџи и долги неугледни бради и коси, други чекаа цела вечност да се појави знакот да поминат. Помина преку улицата обидувајќи се да не стапне на лешевите.

Се надеваше дека денес ќе тргне автобусот, ја пресретна редица луѓе кои чекаат пред вратата, збутани едни во други, си дишеа во вратовите, си ги крадеа мирисите. Други се обидуваа да преминат преку ред. Некои ќе им довикнеа „Меееее“, „Мааааа“, веќе некое време голем дел од луѓето го имаа напуштено обидот за комуникација преку содржајни реченици. Еден од прозорците самоиницијативно падна навнатре, татнежот на ситните стакленца одекнуваше низ безвремениот простор. За момент изгледаше како да ќе има некаква реакција од страна на аморфната обезумена редица.

Продолжи пешки. Помина низ маалото на прозрачните куќи, се наѕираа семејства со чинии полни меса. Внатрешноста на куќите беше беспрекорно чиста. Од прагот нанадвор беше оградена патека кон надворешноста. Оградата го држеше настрана сметот, депонии вдолж улиците и гаврани кои се гостеа од отпадот и задоволно гракаа. Ја покри устата и носот со синтетичка марама и го забрза чекорот. Надворешноста, не беше во ничија сопственост, никој не си ја припишуваше.

Пристигна до металната зграда чиј кров го красеше разнобојна вртачка спирала на која светеше натписот „Б_НКА“, една буква беше прегорела. Во банката стоеја сведнати луѓе, плафонот беше понизок од просечниот човечки раст. Уплати пари преку автоматот кој ја свиреше Клавирската соната бр. 14 оп. 27, бр. 2 во цис-мол популарно позната како „Месечева соната“. Залепена веднаш до банката се издигнуваше станбена зграда налик трапез со конкавни страни. Ја бутна влезната врата со лепенка „Затварај врата“. Се качуваше по големите скалила, потпирајќи се со рацете на колената и се протнуваше низ тесните ходници бришејќи ги ѕидовите со фустанот.

Пристигна до зелената врата и истропа комплексен ритам со тупаницата. Се слушна ѕвечкање на многубројни клучеви и брави. Сопственикот ја подотвори вратата и набрзо ја одмери пред да ја повлече внатре. Застана на чекор од него и избра со очите еден свиок од пукнатина каде што го сосредоточи погледот.

Полека ѝ ја одврза црвената панделка и почна да ја стега цврсто околу нејзиниот врат.

 

ЌЕЛИЈА
Сања Балоска

- „Колку долго си тука?“, ја праша новата цимерка.

Софија ја погледна бледо и зјапаше во неа неколку минути. Очите не ѝ се насолзија. Всушност, солзите се појавуваа на нејзиното лице само првите пет години. Потоа, секојпат кога ќе ѝ донесеа нова цимерка, рамнодушно ги погледнуваше и одговараше со тивок глас.

- „Утре 15 години.“

Јована не знаеше дали и како да продолжи понатаму. Впрочем, не сакаше уште од првиот ден да прашува многу работи затоа што знаеше дека ќе имаат многу време за зборување. Но, Софија сама одлучи да продолжи.

- „Утре 15 години како пречекувам нови луѓе тука. Некои си заминуваат за неколку месеци, некои за неколку години. И јас ќе си одам наскоро, ќе се ослободам.“
- „А...?“ , се двоумеше и не сакаше да ги доискаже зборовите.
- „Зошто сум тука?“, Софија ја погледна директно во очите и се насмевна. „Поради љубовта. Убив. Убив еден млад човек.“

Речениците ѝ беа кратки, зборовите чудно сурови, а гласот речиси рамнодушен. Софија накратко ѝ раскажа како пред 15 години го уби човекот кој неизмерно го сакаше онаа вечер кога тој ѝ кажа дека повеќе не сака да биде со неа. Софија беше девојка која растеше сама и отсекогаш копнееше по вистинска љубов која ќе ѝ пружи заштита, па кога се заљуби во сликарот со зелени очи мислеше дека нејзиниот сон се исполнил. Нејзиниот ум не ѝ дозволуваше да ужива во љубовта, па често знаеше да помине непроспиени ноќи гледајќи го нејзиниот маж како спие и прашувајќи се дали е сѐ во ред, сѐ до онаа вечер кога не успеа да сфати дека љубовта завршила, па со неколку убоди го усмрти оној кој го сметаше за заштитник.

Јована слушаше со внимание, а откако завршија со разговор, легнаа да спијат. Софија едвај заспа. Сите нејзини спомени се враќаа со секој нов човек кој ќе влезеше во собата. Долго време сонуваше еден ист сон. Ја сонуваше плажата која се гледаше од малиот прозорец и се гледаше себеси како трча по песокот. Имаше уште пет години за да може слободно да шета по плажата. Но, сега знаеше дека наскоро ќе биде слободна и порано отколку што мислеше.

Длабоко во ноќта кога сите спиеја, се слушна страшен писок и сите чувари потрчаа кон собата од каде доаѓаше звукот.

Утредента, Јована зјапаше во празниот кревет во нејзината соба. Собра сили, стана и погледна кон плажата. Софија е слободна, си помисли.

 

АД ХОК ЧЕТВРТА АГРЕГАТНА СОСТОЈБА
Мануела Златкова

Јас и ти денес се наоѓаме над зелена планета. Се нишаме два метри под небото.

Висиме долго во воздух и нозете ни лебдат на чуден начин. Се наоѓаме во чудна позиција и имаме доволно време за размислување дали климата ни води инает (иако јас уште отсега велам не). И двајцата мислиме дека сме ја победиле гравитацијата, а таа сè уште ни праќа љубовни писма.

Престудено е во овие времиња да висиме во воздух, главите брзо ни се полнат и ние заглавуваме меѓу ветровите и плимите испратени од некои чудни поети.  

Време е за форматирање, а Нина Спирова звучи толку добро во овој неодреден простор, нешто слично на ничија земја. Да знаевме да практикуваме длабока медитација, би немало болка, ни студови и згрчени рамења. Ние занемуваме и Нина Спирова пее сè погласно. Се топиме во четвртата агрегатна состојба.   

 

СЛОБОДАТА СЕ НАОЃА МЕЃУ МОРЕ И ПУСТИНА
Сара Попова

Бевме на брод кој од разгневено море ја црпеше моќта. Нѐ фрлија во темна соба без излез со мирис на кисел здив и таму нѐ оставија. Бевме скриени од млакиот пролетен ветер со години. Толпа меѓу толпата, со доволно време остана само отсуството светлина и понекогаш кога некој зрак од далечен прозорец на среќа до нас ќе допатува, сите го ѕверат како во него да нашле непријател и потем повторно ништо освен глад и топлина од мочта на старци заковани по ќошевите. Често ќе наидев на дете со поглед на грешник и талкачи низ просторот со тап поглед кон таванот вперен, и луѓе поинакви, на земја чучнати како со кренати раце во вис испуштаат плачлив крик. Не можев да ги соберам луѓето на куп, да ги избројам. При секој обид барем една душа згасната, а и видот матен и низ воздух жед за одмазда. Една група од петмина до столбот сред соба испружени како да не е тоа што е, а можеби за нив и никогаш не било. Така тие потпрени, секогаш земаа различен облик и со затворени очи раскажуваа прикаски. Некогаш ќе изустев и јас по некоја ако дозволев да надојде тишина и потем повторно исто: немоќ и бол, страдање, плач срце ти корне, мрмор на лудак качен врз дете со чаршав на вратот и раце во измет збори со Бог и тогаш трупот до тебе кој лежи обезживотен со мигови се врти, те гледа, се клешти цртајќи лик во прашина. Твојот. Заплеткана бројаница. Но ете, не било сѐ болка и пцости, низ ништото се провлече убавина. Во тивка ноќ преку исушени раце и паднати ликови забележав две фигури во клопче заплеткани, од таинствен процеп осветлени, љубовници. Беа направиле легло над сите гадости и седеа со поглед упатен еден кон друг. Кротки насмевки им го украсуваа ликот, а размената на нежни допири ми го разбистри видот. Се приближив, намирисав јоргован и тие исчезнаа. Враќајќи се кон своето место в темнина, со очи замижани ја претскажав нивната иднина. Тие лебдат над река, небесно-сина, со весел бран придружена. Тие слетуваат на мермерна карпа гордо исправена, низ која се протега венец од цветови. Ластовици со спокоен лет ги бојат облаците розови, а љубовниците танцуваат на звуците кои ги создава детелина при допир со пеперутка. Се засолнуваат од дождот под пајакова мрежа, од радост се опијанети. Го пречекуваат утрото со раце ширум отворени и уморот го мијат со насмевки. Го допираат и млакиот пролетен ветер и имаат и деца кои разменуваат сказни со месечината. Тие живеат во градина полна овошки. Така ги гледам веќе со години и кога отворив очи се најдов стуткан, легнат сред река. Пред мене мазно камење, гради одморалиште за риби. Земам здив и низ мене се провлекува парче среќа. Не исчезнувај. Студот ми ги замрзнува солзите и те гледам тебе, реко, те сонувам.

Слики: Макс Ернст

Слични содржини

Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото