Тело одречено од пливање

18.09.2017 00:22
Тело одречено од пливање

ПО БУРА

Слушај,
се цепи ноќта во својот корен
како тврда корица од телефонски именик.
И ти се јавувам тебе.

Се чисти од себе небото, се гледа;
планетите пијано ја бараат својата куќа
што на бајачките им предизвикува главоболка
и недоумица.

Се нишаат високорастени јасики,
птиците го мерат градот,
автобусот е веќе на постојката.
Ќе дојдеш.
Небото се откожува од своето минато како
зелена змија.
Се појавува брод со знаме и сонце на
хоризонтот.
Кон мене плови плисок чиста вода.


Крајот на светот; давеници

Тоа беше одамна предвидено.
Плима, осека ја нарекуваме магијата на
месечината
што сака да се облече во нашите мориња.
Оттаму е шумот во школките;
вода што се кине, езера што се бистрат од
лебеди, истребени птици, неименувани бури.
Нема да мислам на ноќта што ќе ги покрие
светот и океаните.
Ќе замислам желба што паѓа и краевите на
светот ќе се наполнат со копнежот за сонце.

Реките дотекуваат по правилата на компасот;
на нив се арките од утре; семки, магазини за
среќен живот, учебници по историја.
Види колку е чисто времето поради нас.
Сѐ што е тука: пурпурни зајдисонца, пепелно
цунами, густ дожд;
светот знае дека завршува.

Тоа беше одамна предвидено.
Залудно си ветувам семејства поради
супермесечини.
Ја спремам нашата вечера.

Ти велам:
„Да живееме!“
И со последната здравица ги кршиме чашите
вино.

***

Всушност, сакам невремиња.
Тогаш можам да го видам морето.

БРОДОЛОМНИКОТ И ПОСЕЈДОН

(Високо на јарболот што стрели кон средиштето
на морето се пилат сенки и тие исти сенки
имаат деца.)

Доба здробена од врисок и од разглобени
дланки.
Мрак мелез на Кракен и Тартар
пукаат едра.
Крмата собира коски.
Од небото боја бисер се спушта триножец,
пука молња.
Упокој се сега, небо, и пушти ме во тишина
да пропаѓам и да се враќам во водата
со тело разделено меѓу штиците.
Длабоко е, еднаш шушти и еднаш се стишува.
Тежок ветер гребе.
Море мртвина смрди.
Во грлото останува здивот што го дели амин од
молитвата
во дланката последниот стисок со небото.
Отсега ќе љубам сирени.

ДОСИЕ

Неверојатно неверојатна беше таа случка на
мешање со тебе.
Мојот прв корен наоѓаше земја со злато. Ми се
разлисти пред очите.
Бев стебло што се тресе и прибира птици пред
бура.
Се плашев,
треперев како стар мајстор што делка во
својата последна кора,
глупаво вкопував имиња во себеси со резба,
имитирав љубопитно дете што талка по твојата
душа.
Ја барав азбуката за тебе.
Гледав симболи под лупа.
Ја барав собата на твојот сон,
се губев и се наоѓав,
умирав и се раѓав точно кога се дели денот на
два
и, сѐ на сѐ,
кога ќе се сетам,
ти си, всушност,
толку убаво место во моето време.

ПРИОЃАЊЕ

И пак;
лето.
За жетва жедно ’ржи класјето.
Кога е тука –
на бор и студ мириса дождот.

Со најмекото е постелен август.
Како сите глуварчиња да се набрале на едно
место.
Ноќе месечината ќе одбере наследник во мене
и ќе ме учи на
трите јазици што ги зборува темницата
и еден од него,
љубов,
ти.
И јас те зборувам, љубов,
ноќе на реките,
со зрак злато им кажувам; таму е така,
таа ме чека.
Ретки птици нека го поздрават она што се
шири од тебе,
љубов.
Како месечина ти доаѓам.
Некогаш со срп, а некогаш со леб и
со сенката што му ја прави еден облак на друг.

ВСУШНОСТ, ГЛУПАВО Е; ПОВЕЌЕ НЕМАМ БОГ, НО...

Лицата на луѓето што заминаа ги паметам како
фрески.
Во нивните пукнатини ги познавам молитвите
за времињата што ме поминуваат.
Очите на луѓето ги паметам и ги делам според
свеќите што гореа во нивните дланки.
Сите тие беа верници.
Сега на моите нокти има восочни лузни и бели
облаци;
мора да се тоа тие; би требало да се тие. Тие се.
Всушност, глупаво е; мојот матичен доктор
вели дека мора да имам анемија.

Насуканите реки ги делат градовите од
сопствената далечина.
Болни се и бучни. Всушност, умираат.
И реките. И градовите
Всушност, глупаво е.
Во сите градови во кои нема да бидам нема да
го сретнам ехото што ми недостига и мирисот
што не сакам да го мирисам.
Всушност, глупаво е колку многу мразам
погреби.

Извор: Тело одречено од пливање, Култура, Скопје, 2017.
Слики: Енди Диксон

Митко Апостолов (1987, Тетово). Дипломира на Машинскиот факултет во Скопје. Почнува да пишува поезија и кратка проза на блог.мк. Објавувал песни и кратки раскази во неколку книжевни списанија. За стихозбирката „Тело одречено од пливање“ ја добива наградата Антологија на болката за најдобра необјавена дебитантска поетска збирка. Живее и работи во Скопје.

ОкоБоли главаВицФото