Писмо до Алаѓозовски

18.09.2017 10:21
Писмо до Алаѓозовски

Почитуван министре,

Во пресрет на локалните избори, вашето Министерство за култура и Владата на Република Македонија мораат итно и неодложно да ги преземат следниве радикални и драконски мерки за заштита на културното и историско наследство на Република Македонија.

Прво и најосновно, на локалните самоуправи, односно на градоначалниците, да им се забрани да управуваат со места од високо културно-историско значење, а истите мора да се управуваат од страна на Министерството за култура или од некое тело специјално формирано за таа намена. Фактички, апелирам во сферата на зачувувањето на културното наследство да се воведе еден вид „просветена диктатура“, колку и тоа грубо да звучи. Не може некојси партиски пиoн или локален шериф без грам познавања од историјата на уметноста, археологијата, архитектурата и слични области да решава за судбината на Охрид, Струга, Старата Скопска Чаршија, Крушево, Стоби, Хераклеја, Галичник итн. Не смее да се дозволи (се извинувам на израз) некој да си игра „курташак“ со овие локалитети. Тие не се нечија приватна сопственост, туку наше општо добро, па дури и дел од светското културно наследство. Не може на масите да им се дозволи со својот избор на градоначалник да ја креираат таа политика. Масата е „турбофолк“, што вие многу добро го разбирате, па државата мора да диктира стандарди и добар вкус. Ова значи дека во дадени населени места ќе мора да се укине локалната самоуправа или, пак, нејзе жестоко да ѝ се ограничат надлежностите. Градоначалник нека си се занимава со канализации и слично, не може тој да донесува решенија за места со огромно културно-историско значење. Што ако утре му текне да ја урне Св. Софија или Старата Скопска Чаршија за на нивно место да изгради катни гаражи? Можеби е поарно да молчам, да не им давам идеи. Или, на пример, на што личеше онаа умоболна идеја на Коце Трајановски да го „рестартира“ часовникот на Старата Скопска железничка станица, кој покажува 05:17, моментот кога се случил катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година?

Владата на Груевски го направи кичерајскиот проект СК014, а вистинските симболи на Скопје - Старата железничка, Камениот мост и Хотел Бристол сега се губат во морето неавтентична „староградска“ архитектура. Сето тоа е за осуда и еден ден ќе треба да се урне, но да не се лажеме, СК014 не е единственото злосторство против културата во оваа држава, туку такви имаше и во времето на претходните влади. Така, на пример, пред повеќе години, локалната самоуправа во Охрид ја отстрани старата калдрма од градското корзо (наводно била продадена во Германија) и таа беше заменета со некакви плочки за купатило! Во секоја нормална земја ова би бил скандал! Дали тогаш со Охрид управуваше Александар Петрески (СДСМ) или можеби неговиот претходник Никола Наумов, не се сеќавам, но ќе одговара ли некој за тоа? Каде е сега таа калдрма? Може ли да се стапи во контакт со тие Германци, на кои наводно им е продадена? И како може град со такво културно-историско значење да биде управуван од хирурзи или кардиолози како Наумов и Бакрачески или, пак, од сообраќајни инжинери како што е Петрески? Која е таа логика? Дали тие работеле квалитетно во своите сфери, не би навлегувал, зашто немам познавања од истите, но колку тие ја познаваат историјата на уметноста, археологијата, архитектурата и сл.? Некои Охриѓани ми раскажуваа дека нивни сограѓани пробувале да „фаќаат кривини“ при изградбата на куќи во стариот дел од градот, кои мора да бидат поставени каскадно, но тие се обидувале да додаваат на висина. Во земји со богато културно-историско наследство, на локација од такво значење, човек не смее да смени ни шрафче без прво да дојде комисија! УНЕСКО треба да го збрише Охрид од список! Дали вие знаете дека од тој список е веќе одамна избришан Дрезден? Јас дури се чудам што толку се церемонат со Охрид (или може заборавиле дека постои). Патем, кога веќе го спомнав УНЕСКО, вашата влада не смее да поддржи влегување на Косово во оваа меѓународна организација за заштита на културното наследство, затоа што на една држава во која се уништуваат средновековни цркви и манастири таму не ѝ е местото.

Сведоци сме и дека во Старата Скопска Чаршија се гради некаков Албански Дизниленд, Shkupi 014 или Плоштад Скендербег, со мозаици како од времето на Енвер Хоџа. Ќе одговара ли некој за тој кичерај на самиот влез на Чаршијата? И тоа не е сè! Пред извесно време се говореше дека во Чаршијата ќе се спроведувало, цитирам: „унифицирање на излозите на дуќаните“. Побогу, министре, има ли во оваа држава било каков ред и закон, ќе го спречи ли некој уништувањето на Чаршијата?!

И што бара таму Скендербег? Тоа е ТУРСКА Чаршија, а Скендербег бил борец против Турците и прашање е дали тој воопшто некогаш стапнал на таа локација. Дотолку повеќе, Скендербег бил еден вид „крстоносец“ против исламот, зашто тој ја добил титулата Athleta Christi од страна на римскиот папа лично! Па што бара таква личност во доминантно исламска средина? Тоа ви е како да го ставите Хитлер во Еврејско маало! Не можеше ли да се најде некоја посоодветна личност, еве на пример, османлискиот патеписец Евлија Челеби или познатиот лик од фолклорот, Насрадин Оџа? Во османлискиот милет (народ), како што знаеме, покрај Турци имало и Албанци и други муслимани, па меѓу нив сигурно може да се најде посоодветен кандидат за споменик. Нијази Бег, например? На крајот на краиштата, споменици на чаршијата ниту ѝ се потребни, ниту „ѝ личат“. Претставување на живи суштества (во таа смисла и човечки) низ слика или скулптура не е во согласност со исламската уметност, која доминира во тој дел од Скопје, а која се карактеризира со аниконизам. Изненаден сум од тоа што турската етничка заедница не реагира на овој вандализам и варваризам што ѝ се случува на ТУРСКАТА чаршија. Каде е некогашниот министер за култура Ѓунер Исмаил? И зошто не реагира амбасадата на Република Турција, барем со некое мислење, совет, било што, па има ли таму аташе за култура?! Добро бре луѓе што е ова?! Како се дозволи некојси Изет Меџити да решава за едно толку значајно место?!

Во Скопје, да потсетам, глупости беа направени и во времето на Ристо Пенов. Врз Камениот мост беше ставено она „белоно“ одозгора и успејаа да ја урнат Стражарската кула; Плоштадот Македонија го претворија во „писта“; веднаш до Чаршијата никна она модернистичко ругло Хотел Арка; а во самиот центар и Лумикс. И, што се случи со ресторанот Кермес во Градскиот Парк во времето на Трифун Костовски? Исто така ме интересира, кој го одобри варварското подигање на црквата на Плаошник во Охрид во времето на Љубчо Георгиевски? Луѓе, ваквите супер лажни (ре)реконструкции се тотално нелегитимни! Дали, на пример, ние сега треба да отидеме во Хераклеја или Стоби и врз оние антички столбови да изградиме покриви за да „реконструираме“ како тие градби изгледале кога биле целосни? Дали е ова нормално?! И кој е тој „геније“ кој на подот на веќе споменатата црква го постави 16-кракото сонце од Вергина?!

Г-дине министре, ова дивјаштво, варваризам, вандализам и самоволие го има само уште во Сирија под ИСИС и истото мора да се задуши со најбрутални мерки, па макар биле непопуларни. Не може споменици на културата кои преживеале повеќе векови, земјотреси, поплави, пожари, војни и други катастрофи да бидат уништени од разни Ојлевци-Дојлевци. Во државава немаме Венеции, Луври или Ермитажи, а она малку убаво што го имаме среде општата грдотија, мора да се зачува. Вие имате историска шанса да преземете нешто за нам никогаш повеќе да не ни се повтори СК014 и слични глупости. Во спротивно, на градоначалничките функции може повторно да дојдат некои Груевци, Меџитовци, Трајановци, Петровци, сеедно, и пак може да имаат некои „генијални идеи“. Затоа, под итно, не утре, туку СЕГА, свртете телефони, нека се испратат вооружени единици да ги запоседнат сите позначајни културно-историски и археолошки локалитети, да им се даде наредба да пукаат во месо ако треба и со тоа еднаш засекогаш да им се каже на сите штеточини дека забавата е завршена!

Слики: Александар Јосифовски
vbb.mk

 


 

ОкоБоли главаВицФото