Национален срам

18.09.2017 13:52
Национален срам

Некакво чудно (не само) македонско историско проклетство е кога кривонасадени полуписмени „организации“ – модерно нарекувани партии – се мешаат во сѐ и сешто, па и во државни работи. И не само таму туку и во културата, па и во уметноста. Зашто тие, во нивната неспособност, секогаш имаат проблем(и). Со сите, и со сѐ. Зошто? Па затоа што, главно, имаат неписмен, или полуписмен „кадар“ – пазете: кадар, човек ќе рече дека токмаците биле школувани и обучувани за ова што се денес, а всушност тие останале тоа што биле, такозвана сељачана! – кој не разбира подалеку од носот, ама ужива да се плетка токму во тоа што не го разбира. Е тоа е само наш изум, и производ!

Ене ја мојата „љубимица“ Бетка, ја оставиле на собраниска комисија самата да се бори со титански категории како „национален уметник“, а таа пустата не знае ниту што е тоа уметник, а камоли – национален. За неа, како впрочем и за целата нејзина (не само) културно неписмена партија, сето тоа е исто: занаетчија, пазарџија, водоводџија, кавалџија … алваџија за бозаџија … сето тоа за нив е с’што како исто, само ако тие решат – или, попрво, ако реши „главниот архитект“ – дека тоа и тоа е уметност. Па дури и со големо У. А впрочем, како инаку таква тутурутката ќе станеше главен архитект, па главен музеалец, па главен издавач … ако не со такви како Бетка, па библиотекарон „из Београда“, ама и некој други помошници во таа такозвана МАНУ, кои ја смислија, односно ја купија од Русија, Белорусија или којзнае која бусија формулата за „национален уметник“ и ни ја пресадија како Коце палмите. Па колку палми се фатија во Скопје, толку се фати и формулата пресадена од словенските браќа, и тоа во културата на Македонија во дваесет и првиот век. Да се чудиш колку оние југомакедонски комуњари биле понапред од оваа полуписмена булумента кога не сакале ни да помислат на нешто такво, „во име на народот и партијата“! Кај овие – нема гајле. Што будалата (ќе) гледа, тоа будалата (ќе) прави!

Елем, наша Бетка, а низ нејзината „медна“ уста и нејзината крахирана партија, запнала да го брани неодбранливото, да брани изживеана формула, пресадена „палма“ однапред осудена на смрт односно сушење. Зашто, како и сѐ друго што допреа – исушија, уништија, усмрдеа, запустија. И избрукаа уште едно чудо народ. Иако во случајот со националниот уметник „носителите“ самите се избрукаа, да не речам изрезилија, заради многу нешта. Прво и основно: не може денес да се трти еден уметник дека е некаква авангарда, некаква топ класа – тука и во светот – а да паѓа на усрани партиски формули наречени „национален уметник“. Да прифатиш таков статус значи да си (најблаго речено) провинцијалец, неук, неморален, тутмак, непринципиелен … Зошто? Зарем навистина треба елаборација? Мислам – не. Умните ќе разберат, „националните“ не разбрале ни тогаш кога ги бирале, нема ниту сега. Или, можеби, само се правеле дека не разбираат? И тие ли го живееле митот за стогодишното владеење на неписменине, па мислеле дека и нивното ќе трае?

Сеедно, ама и тоа многу говори за нив. Зашто, за да прифатиш, на четириесетина, или некоја година повеќе, да те озваничат за „национален уметник“ во втората деценија на дваесет и првиот век, па згора и во целата немаштија на македонската култура секој месец да инкасираш по илјада евра на име на таа будалаштина, е мора да си нешто малку од претходните „епитети“ (провинцијалец, неук, неморален, тутмак, непринципиелен …), ако не и сите заедно. А згора на сѐ, да го прифатиш тоа од рацете на оној фашизоиден диктатор и од неговата продолжена рака во културата наречена тетка Бетка, е тогаш мора да си и повеќе од оние епитети. И тоа е така и никако поинаку не може да биде! Добро, некои (со право) ќе приговорат дека слична беше постапката и за неколкумина навистина сериозни странски творци – од калибарот на еден Кундера, Ршумовиќ, Памук, Стопард, Милер … а во режија на полтроните од „Табернакул“ – ама тоа сепак не е исто. Зошто? Затоа што тоа сепак беше само еднократна награда, иако повторно од шепите на диктаторот, во износ од 5 илјади евра. Износ што нашиве го инкасираат за пет месеци, континуирано! А до крајот на животот … ехееј, цела Нобелова награда! (Апропо, што стана со таа наша „престижна“ награда што божем ја доделуваше „големиот креатор“ на македонските нешта? Се загубија и полтроните што ја смислија и оној малоумнион „креатор“ што божем ја даваше. А зошто? Нема веќе светски имиња кои треба да се наградат, или секна изворчето, а малоумниот не сака да дава свои пари, научен е само да – зема?).

Тие кои сакаат да го бранат концептот на национелан уметник во дваесет и првиот век во македонската култура треба итно да го посетат проф. Чепреганов! Ако професорот е уште активен – се надевам дека е и во добро здравје. Зашто ум, особено креативен, кој прифаќа таква награда, згора и од такви луѓе, е – пореметен ум, или ум кој само се претставува дека е креативен, културен, прогресивен. Исто, впрочем, како и оној статус на „културен амбасадор“. Да умреш од смеење кој се’ не се стекна со таква резил титула. А за што? За две-три отпечатени книги, одиграни претстави, снимени филмови …! Ебави тоа „творците“, фашизоидни во умот како и вашиот (политички) ментор од кого што сега сакате „брже-боље“ да се раатисате. Е ама бељата – да беше барем само беља – ќе ве следи цел живот. И треба. Ќе си бидете во друштвото на изрезилените мртви поети, ги има доста: среброљупци, властољупци, наградољупци, ќе се споредувате со нив, можеби ќе влезете и во некоја македонска енциклопедија, ама ќе излезете – дефинитивно – од големата граѓанско патриотска книга на живите на оваа држава. Иако вашите ментори мислеа дека тоа е исто. Е – не е! И не може да биде. И не треба!

Слики: Александар Дојранлиев

Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com/

ОкоБоли главаВицФото