Убиството на судијката: илустрација на положбата на жените во Албанија

19.09.2017 00:17
Убиството на судијката: илустрација на положбата на жените во Албанија

Последниот случај на машко насилство над жените предизвика оправдан бес кај албанската јавност. Филдес Хафези, 39-годишна судијка во судот во Скадар, е убиена предминатиот четврток во центарот на Тирана пред повеќе сведоци. Извршител на убиството е нејзиниот поранешен сопруг, повеќекратно осудуваниот насилник Фадил Касеми. Иако убиствата на жени не се толку невообичаена појава во Албанија, овој случај сепак стана предмет на дискусии. За тоа постојат повеќе причини. Имено, Касеми документирано повеќепати ѝ се заканувал на Хафези, а имал и судска забрана за приближување и најпосле поради физичко насилство над неа е веќе осудуван.

Но, ништо од тоа не ѝ помогнало на Хафези, која успеала да добие развод на бракот во 2015 година, но не успеала да се заштити од поранешниот сопруг. Сосема оправдано, по неодамнешното пуштање на слобода на поранешниот сопруг, повеќепати ги предупредувала институциите и лицата околу себе дека се плаши за својот живот. Исто така, за проблемот ги предупредила и делегацијата на Европската комисија и амбасадата на САД, што според бројните коментари го илустрира нивото на доверба во државата. Фактот дека една судијка не може да го заштити сопствениот живот поттикна активни дискусии за положбата на жените во Албанија и нивната безбедност.

Иако нејзините предупредувања сите ги игнорирале, по убиството нема институција или актер кој не се труди да се претстави како шампион во борбата против „семејното насилство“. Во лицемерната трка се вклучија и претседателот на државата, премиерот, делегацијата на ЕК и амбасадите, шефовите на најголемите партии... Во меѓувреме, се испостави дека убиецот за претходните напади добил невообичаено блага казна и амнестија, иако очигледно постоела опасност од повторување на делото. И додека сите најавуваат дека треба „подобро да се заштитат жените“, можеби добар почеток би бил злосторствата на мажите над жените барем да се третираат со сериозност каква што заслужуваат.

Извор: Bilten