Макијавели за напредни

19.09.2017 01:31
Макијавели за напредни

Со една послободна интерпретација на теоријата, би можело да се каже дека во историјата може да се идентификуваат два вида на диктатори: оние кои испаднале глупави и оние кои се покажале како паметни. Ваквите меѓу себе се разликуваат главно во компетентноста на време да ја препознаат и да ја спречат критичната точка после која општествената мобилизација се врти против нив и ја започнува спиралата на нивното паѓање од власт.

Груевски, на крајот, не се покажа како премногу паметен диктатор. Тој направи потполно погрешна проценка на она што, во неговиот кабинет, му го донел Заев во ноември 2014 година како избор од колекцијата на докази за начинот со кој владее: не се работи само за комплетното потценување на „црпнатиот од Муртино“ како политички противник, туку и на димензиите на скандалот што во јавноста ќе го предизвика шокот од масовното прислушување. Всушност, Фамилијата не сфати дека на мнозинството во Македонија веќе му беше здодеано од Груевски и дека во поголемиот дел од општеството само се чекаше некаков посолиден повод за голема мобилизација против власта. Фамилијата ги загуби инстинктите, „заспана“ во чувството дека со разработената мешавина на пропаганда, закани и клиентелизам можат да го „цедат“ и да го контролираат општеството до бескрај!

Во ретроспектива, сигурен сум дека Груевски денес бескрајно жали што после првиот состанок со Заев, наместо да оди на договор за сопствена менаџирана демисија, замина на пат без политичко враќање, започнато со одлуката Заев да се апси со панично смислените заговорнички сценарија за пуч и жолти комбиња… Тогаш да покажеше поголема самоконтрола и помалку ароганција, Фамилијата денеска – на наша штета – можеби ќе се сончаше на некоја карипска плажа и ќе се грижеше само за правецот на движење на летните урагани.

Во таа смисла, вреди да се потсетиме на 17-то поглавје на советите на Макијавели до благонадежните принцови каде тој, во суштина, вели дека помеѓу љубовта за и стравот од владетелите треба да се препорача избалансирана мешавина од тие две чувства, но бидејќи тоа е многу тешко да се постигне, тој советува дека е „многу подобро да ти се плашат одошто да те сакаат, ако веќе не може и двете.“ Макијавели тврди дека, во принцип, луѓето (поданиците) се „неблагодарни, превртливи, лажговци и измамници“, па кога заканата е магловита, тие се лојални кон владетелот, но кога опасноста наближува, се разбегуваат кој каде ќе стигне! Според тоа, вели Макијавели, оној кој владее со предизвикување благодарност кон себе самиот, си го копа сопствениот гроб; оној, пак, кој владее со предизвикување страв кај подредените – како безмилосниот Ханибал, на пример – се ползува од лојалност, но и единство и дисциплина којашто произлегува од ефективноста на казната со која се заканува. Или, макијавелистички интерпретирано, стравот кај луѓето подобро се контролира од нивната љубов.

Но – и во тоа е целиот диктаторски трик! – Макијавели дава и едно важно напатствие, а тоа е дека луѓето треба да ви се плашат, но не и да ве мразат! Како тоа да се постигне? Макијавели препорачува заканите на владетелот секогаш да бидат кредибилни, но да не се однесуваат на имотот или на жените (sic!) на оној кому му се закануваш. Ако владетелот тоа не го почитува, одмаздата на народот набргу ќе го стигне. Според Макијавели.

Со сево ова ве врткам и ве плеткам, затоа што мислам дека е важно да не се откажеме набрзина од анализирањето на нашата неодамна падната диктатура и на постапките на нашиот мал диктатор кој сега седи уплашен во големата бела зграда. На премногу луѓе им чепна и во имотот и во „жените“ и, на крајот, го остави мнозинството само да му се плаши. Е, потоа мнозинство ја постигна критичната точка во која престана да се плаши, а диктаторот не беше доволно паметен да го почувствува пресвртот. Сега, спиралата на неговиот пад нема да заврши ниту со локалните избори. Тие ќе му дојдат само како еден мал падобран пред конечно да се тресне од земја на заминување од македонската политика.

Сакам да кажам, ако веќе сте се фатиле за Макијавели како врвен авторитет за учење на вештините за владеење, никако не се обидувајте неговите совети да ги спроведувате дома и во друштво на почетници.

Слики: Александар Дојранлиев

Извор: http://www.plusinfo.mk