Повик за патување

20.09.2017 10:38

   Ти што си ми сестра или дете,
   помисли: да појдеме во ветен
крај и да живееме таму двајцата ние!
   Да се сакаме таму в бескрај,
   да согориме в љубовна треска
во земјата што како сестра по убост ти е!
   Сонцата водени, влажни, жешки
   од небесата маглени, тешки
за мојот дух исти волшепства и чари плетат
   и од нив иста тајна се точи
   како од твоите итри очи
кога, преполни со предавство, низ солзи светат.

Таму врз сиот крај убавината се лее,
среденост, спокојство, страст и изобилство сè е.

   Делови од мебел тешки, сјајни
   од години многу и од тајни,
на сите наши соби раскошен украс ќе се;
   мирисот на цвеќињата ретки
   ќе се меша среде тие глетки
со на амбрата мирисот нејасен и лесен;
   украси што секаде се вијат,
   огледала што понори кријат,
ориенталното богатство, уште од прагот,
   на душата ќе ѝ зборат страсно
   со јазик за кој е веднаш јасно
дека од ист крај е, како таа, преполн благост.

Таму врз сиот крај убавината се лее,
среденост, спокојство, страст и изобилство сè е.

   Погледни, во мирните канали,
   спијат бродови, големи, мали,
во секој од нив порив за лутање се крие;
   и за најмалата желба твоја
   на располагање ќе ти стојат
и дури од крајот на светот ќе дојдат тие.
   Сонцата во крајморскиот песок
   го фрлаат својот убав блесок
сиот од златна прав и од зумбулов цвет лилав
   врз градот и врз полето сето;
   еве веќе заспива светот
среде светлина топла и густа како свила.

Таму врз сиот крај убавината се лее,
среденост, спокојство, страст и изобилство сè е.

Превод: Влада Урошевиќ

 

Слични содржини

нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото