Средбата со „стечајците“ во Куманово

20.09.2017 13:11
Средбата со „стечајците“ во Куманово

Средбата со „стечајците“ ми беше највпечатливото нешто овие четири месеци како сум во Министерството.

Влегуваме со салата на Комитетот во Куманово, Мила Царовска, две нејзини советнички и јас. Салата - преполна. Луѓето стануваат кога нѐ здогледуваат и почнуваат да ни аплаудираат. Слушам треперлив глас на некоја жена - е, фала богу, и на нас некој да се сети.

Мила почнува. Тука сме за да поразговараме со вас, да ги презентираме нашите предлози за решавање на овој долгогодишен проблем, да ги слушнеме вашите мислења. Аплауз.

Продолжувам јас. Министерството за финансии ќе најде средства за да се исправи оваа голема неправда која ви беше направена. Уште еден аплауз.

Го презентираме предлогот. Луѓето почнуваат со прашањата. Мене ми фалив два месеца стаж, може ли ипак да улегну? Мене ми фали една година старост, може ли и ја да добију помоќ? Ја ги испунују свите услови, ама работу с'га у едну приватну фирму, што да праву, мора да се преживи...

Се јавува незадоволство поради нашите негативни одговори, некои почнуваат и да ја напуштаат салата.
Земам збор јас, овојпат на кумановски. Људи, много добро ве разбирамо. Ама разберете нѐ и ви нас. Не можемо да ги решимо свите проблеми одма. С'га треба да ги решимо најголеми, да ги помогнемо на онија кои су највише погодени. За други, ќе има и други мерке натамо, а некои од вас можев јоште да работив и не ни треба да добивав помоќ.

Уште еден аплауз, по што си заминуваме.
Цел пат назад во главата ми се мотаат лицата на овие луѓе. Тажни, напатени, но и благодарни.

Ете, поради ова ми е ептен мило што се донесе законот за "стечајците".