1000 hPa
94 %
13 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 04:59
Во Крушево, од 20-23 септември, Младински Сојуз Крушево во соработка со УНЕСКО, организира регионална конференција „Креативните индустрии како двигатели на социјални промени“.
Во фокусот на конференцијата се иновативни акции за развој и градење капацитетите на младите луѓе кои се активно вклучени во креативниот сектор во регионот. Уметноста и културниот сектор имаат капацитет значајно да продонесуваат кон општествените, економските и социјалните потреби на општеството. Овој проект беше инициран токму имајќи ги овие вредности на ум, со тоа што партнерите на проектот препознаа дека културната размена и признавањето на културните разлики можат да доведат до поголема толеранција, намалување на дискриминацијата, до уметничка и културна соработка, и конечно да создадат блиски врски меѓу луѓето од регионот.
Земјите партнери на проектот се Бугарија, Грција, Романија, Србија и Хрватска. Главна цел е да се поттикнат младите луѓе кон креативно изразување и ангажман, интеркултурен дијалог и социјална кохезија, поддржани преку уметностите, како и да се опремат со нов сет вештини и начини на размислување кои би им помогнале во понатамошната работа во земјите и локалните заедници од кои доаѓаат.
Покрај тоа, во текот на конференцијата ќе се развијат препораки и мерки за поддршка на креативните индустрии и регионалната соработка и ќе се воспостави нова регионална мрежа на креативци која ќе служи како основа за идна соработка. Оваа конференција ја гледаме како одличен и иновативен начин да се доведе градот Крушево во фокусот на јавноста, преку користење на јавните простори и институции на прекрасниот но потценет град - Крушево.
Отварањето на конференцијата, инаку, се одржа на локацијата на поранешното училиште „Никола Карев“, кое во моментов е речиси целосно запуштено. Просторот кој ќе се користи за настанот во старото горно училиште е последниот кат, каде се наоѓа неодамна обновениот театар, кој по долго време е повторно отворен, благодарение на напорите на неколкумина театарски ентузијасти и професионалци кои сега работат во тие простории. Иако условите за работа на оваа локација се незавидни, со оваа одлука организаторот на конференцијата сака да ја посочиважноста на овие напуштени места од културното наследство на Македонија.
Останатите активности, меѓу кои се креирањето мапи со помош на Креативна Младинска Акција (КМА) Крушево, креативното пишување, работилницата за графити и други, ќе се одвиваат во Домот на Културата, гореспоменатиот театар и јавните простори во Крушево.
Организаторот верува дека активностите и заклучоците од конференцијата ќе служат како позитивни примери, со цел културата во Македонија да продолжи да се децентрализира, а регионалните соработки да бидат дополнително поттикнати.