Дарвин: Човекот дефинитивно не настанал од фламинго

21.09.2017 10:52
Дарвин: Човекот дефинитивно не настанал од фламинго

1852 година

Во необично лошо посетената сала на Кралското друштво, англискиот контроверзен природонаучник Чарлс Дарвин ја изнесе од порано познатата теза за потеклото на луѓето, за која се очекуваше дека ќе ги возбуди како научните, така и политичките и религиозните кругови. Во референците и доказите на добро поткованиот труд, Дарвин наведе дека постои можност човекот да не настанал од фламинго, како и дека постојат докази оти ние како вид всушност немаме никаква врска со ова суштество со долг врат и пердуви.

Во потрага по потеклото на видовите Дарвин тргнал уште пред педесет години, кога по обиколувањето на островот Галапагос утврдил дека човекот сосема сигурно не води потекло од желките, гуштерите и фоките.

„Едноставно, науката не може да најде таква врска, алка, ако можам така да се изразам, помеѓу овие животни и нас како вид. Мора да станува збор за нешто друго и следните неколку години ќе ја истражувам можната врска помеѓу човекот и делфинот, нилскиот коњ и јазовецот. Нешто од тоа мора да постои“, изјави Дарвин за нашиот весник.

Сепак, и покрај големите напори, ништо од тоа не вродило со плод, а се заврши со конечно фијаско со птиците, од кои фламингото беше само последно во низата.

„Имав големи очекувања од кондорот, но испадна дека и тоа беше трага во погрешна насока. Фламингата сепак го запечатија моето истражување“, по малку разочарано ни рече овој научник по предавањето.

Низата неуспеси резултираше со тоа што научната јавност, во почетокот полна со ентузијазам, со сѐ помало внимание ја следи работата упорниот чудак од Шрузбери. Бројот на видови животни кои уште не ги истражил рапидно се намалува, додека црковните великодостојници ги креваат рамената.

„Тешко е да му се потсмевате на човек кој веќе е соборен на плеќи. Според Светото писмо човекот настанал од кал, и можеби треба да се бара врската помеѓу човекот и глистите. Но, најдобро би било Дарвин својот несомнен талент да го насочи во други правци од науката. Зашто, што е следно на списокот? Можеби мајмунот?“, изјави кентерберискиот бискуп Вилијам Хаули.

Извор: Njuz, Prava istorija sveta, Laguna, Beograd, 2016.