Јоханови сведоци

21.09.2017 12:10
Јоханови сведоци

Не можам да ја разберам одлуката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да го вклучи Јохан Тарчуловски во градоначалничката трка за Општина Кисела Вода, но уште помалку можам да сфатам како оваа одлука минува толку мирно и нечујно кај народот, ако се земе предвид фактот дека станува збор за поранешен осуденик и затвореник кој извршил тешки воени злосторства. Едноставно, неговата кандидатура е претставена како толку нормална работа, што и самиот Ратко Младиќ би подразмислил дали да се кандидира за градоначалник на Сребреница.

И сè уште се поставува прашањето: Зошто Јохан и зошто Општина Кисела Вода? Дали на овој начин тој планира да се искупи за своите гревови од 2001 година, чесно служејќи му на народот? Дури и да е така, многу подобар потег би бил да се кандидира за градоначалник на Општина Бутел. Едно што е родум оттаму, а друго што во оваа општина припаѓа и Љуботен, каде што во август 2001 година полициската единица под негова команда влезе во селото, беа убиени шест невооружени Албанци, а тој обвинет и осуден за тоа.

Како градоначалник би можел евентуално да ги поправи и куќите на тамошните мештани, оние за кои некогаш издал наредба да бидат пеплосани до темел. Во каква формална, изборно-законска дупка може да пропадне овој суштински дел од неговата биографија?

Кандидатите за градоначалници мора да приложат потврда за неосудуваност пред да ја поднесат кандидатурата. Се прашувам, со каков доказ осудениот Јохан потврдил дека не е осудуван? Со кирилични или латинични букви? Со македонска или англиска поддршка? Има ли сведоци? Има ли пилот во авионот на ДИК?

Извор: Слободен печат