Умира ли истражувачкото новинарство

30.07.2010 13:28
Умира ли истражувачкото новинарство

Намалувањето на трошоците последниве години посебно ги погоди американските истражувачки новинари. Во овие тешки времиња тие станаа луксуз кој многу редакции повеќе не можат да си го дозволат.

Објавувањето десетици илјади тајни воени документи за војната во Авганистан на интернет повторно го отвори прашањето за иднината на истражувачкото новинарство. Со оглед на високите трошоци, многу американски редакции се откажуваат од него. Но, на маката се гледаат јунаците. Истражувачко новинарство постои сè уште, но таа работа сè почесто ја извршуваат здруженија на новинари кои не зависат од одредена редакција, а се финансираат преку донации.

Бројките се сурови. Американските медиуми мораат да излезат на крај со сè помалите пари. Само во 2009 рекламите во весниците се намалиле за една четвртина; негативниот тренд е забележан и на телевизија, во списанијата и на радио станиците. Од 2007 г. 15 000 американски новинари останале без работа. И тоа главно прескапите истражувачки новинари.

Ник Пениман од Huffington Post Investigative Fund смета дека овој вид новинарство е уметност во изумирање. Истражувачкото новинарство би требало да биде општокорисно и непрофитно, а не ориентирано на заработка. Huffington Post Investigative Fund претставува еден добар пример. „Ова не е единствениот, туку еден од начините со кои можеме да го одржиме ваквиот вид новинарство во живот“, вели Пениман.

Ова здружение на новинари се финансира од донации. И ProPublica, фонд за истражувачко новинарство, кој собира 32 новинари и многу волонтери, зависи од добротворните прилози. ProPublica ја води Пол Стајгер, поранешен главен уредник на Wall Street Journal. На 65 години, возраст кога повеќето негови колеги заминуваат во пензија, Стајгер се придружи на експериментот: „новинарство кое предвид го има сеопштото добро“.

Различните здруженија различно делуваат. ProPublica преку донации ги финансира своите истражувања и бесплатно учествува во објавувањето на вестите со еден „традиционален “ медиум, во случајов New York Times. Други здруженија, како Investigative Reporting Workshop, се финансираат преку универзитетите. Но сите се соочени со истиот проблем: парите, истражувањето добри приказни и нивното широко објавување.

Извор: deutsche welle