Кога бакнежот не е само бакнеж

22.09.2017 01:16
Кога бакнежот не е само бакнеж

Она што се случило кога Дастин Бејкер и Ендру Дерас отишле да го гледаат својот омилен бенд, е една од причините за овој текст. Околу единаесет часот вечерта, Дерас го прегрнал своето момче и брзо го бакнал, а тоа било прелудиум за веста која малку подоцна го заобиколи целиот американски континент. Подоцна, Бејкер објаснил што се случило потоа: „Од никаде се појави една жена (за која подоцна се покажало дека е сопственичка на барот) и ни рече веднаш да престанеме. 'Правете што сакате во своето време и во својот простор, но не овде. Ова не е во ред!'

Оттаму, сè тргнало удолу, иако хронологијата на настаните е нејасна. Според статиите од некои медиуми, Бејкер и Дерас се бакнале повторно тврдејќи дека тоа е нивно право. Потоа веќе споменатата жена, а подоцна се дознало дека се вика Пем Грифин, ги замолила да го напуштат барот зашто прават „луѓето да се чувствуваат непријатно“, додавајќи дека тоа е „стрејт бар“. Момците ја платиле сметката и заминале. Крај на приказната? Не баш.

Случајот на гејовите што се бакнуваат можеби изгледа како ситна општествена аномалија или многу врева околу ништо, но неодоливо потсетува на она што еднаш го напишал Оливер Вендел Холмс Сениор: „Звукот на бакнежот не е гласен како звукот на законот што го забранува, но неговото ехо трае многу подолго.“

Иако истополовите бракови се легални во педесет американски држави, во дваесет и осум недостасува закон кој го одредува односот на јавноста спрема истополовите двојки, и затоа сопственичката на барот имала секакво законско право да бара од двојката да го напушти концертот.

Очигледно дека разменувањето нежности помеѓу истополови партнери погодува некаков стрејт нерв. Неодамна на геј двојка ѝ било наложено да напушти јавен базен во Тексас кога спасувачот им рекол дека бакнувањето не е дозволено, иако стрејт двојките непречено се бакнувале насекаде. Така, пред неколку години, на ѕвездата од серијата „L-Word“, Лиша Хејли, ѝ било наредено да го напушти авионот на компанијата Саутвест зашто ја бакнала својата девојка. Ѝ објасниле дека тоа е „семејна компанија“ и дека бакнувањето не е океј. Подоцна, компанијата Саутвест објаснила дека инцидентот не е полово заснован, причина била однесувањето.

Кога барем тоа би било вистина. „Мислам дека сè што прават геј луѓето е политизирано,“ вели Шенон Гилрит, професор по право на универзитетот Вејк Форест. „Секој нормален акт на нежност се доживува како провокација, конфронтација со мнозинството и доведување во прашање на нивната удобност.“

Истражувањето објавено во списанието American Sociological Review покажува дека иако мнозинството Американци ги поддржуваат законските олеснувања за истополовите двојки, поинаку е кога се работи за размената на нежности на јавно место. Само 55 проценти од хетеросексуалците мислат дека бакнувањето на јавно место е во ред за геј мажите, додека 95 проценти од нив сметаат дека истото е во ред за стрејт двојките. Дури и меѓу геј и лезбејските двојки постојат поделени мислења за искажувањето нежност на јавно место, без разлика дали од страв од насилство или заради автохомофобија. Па, што се случува кога е во прашање оваа тема?

„Постојат двојни стандарди кога се работи за искажување нежност на јавно место“, вели Гилрит. „Станува збор за тоа дека хетеросексуалните личности ја покажуваат и зборуваат за својата сексуалност толку често, што дури и не се свесни дека го прават тоа.“

Можеби не сте свесни ни вие, но секој ден ви го тријат носот со хетеросексуалноста: со семејната фотографија на работната маса, со држењето раце на плажа, дури и со разнополовите бакнежи на масата отспротива. И, никој не ги обвинува дека „мавтаат со својата сексуалност“, но ако на семејната фотографија има двајца мажи или две жени: е, тогаш сте ја преминале секоја граница. И, тоа се нарекува двоен стандард.

Некои би можеле да кажат дека е важен контекстот или каде се наоѓате. Се сложувам. Но, „барот на Лу“? Не во црква, дури ни во „семеен“ (што и да значи тоа) ресторан, туку во бар: место каде луѓето пијат, слушаат музика, флертуваат и повторно пијат. Кога веќе зборуваме за контекстот некој во тој бар рекол: „Видов дека на некои хетеросексуални двојки им недостасува малку за да имаат секс на некоја од масите“. За тоа велам „фуј“, а истото би го рекол и ако станува збор за геј двојка.

Можеби е потребно мнозинството да се едуцира за тоа што претставува размената на нежности и колку е важна. Можеби. Дали бакнежот е следното големо нешто во борбата за ЛГБТК правата?

Слики: Raphael Perez

Извор: https://www.washingtonpost.com/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото