Пофалби на мојата Франциска

22.09.2017 11:48

На нови струни јас ќе ти пеам,
младенче што ми внесуваш смеа
во срцето кајшто таги тлеат.

Носи на убост венци и слава,
жено со горда, прекрасна става,
ти што за гревови прошка даваш.

Кон заборав како Лета течеш,
бакнежи пијам од текот речен,
кон себе како магнет ме влечеш.

Кога ќе почне порокот рогат
да внесува смут во друмје, поган,
Божество, ќе ми се јавиш тогаш!

Како на оние што се дават
спасувачката ѕвезда над глава...
‒ Срцето на олтар ти го ставам!

Езеро од кое сласти течат,
извору бистар на младост вечна,
глас дај ми фалби да ти речам.

Го фрли злото в оган да гори,
рапавото рамно ти го стори,
на слабото нов му даде порив.

Ти си ми крчма кога сум гладен,
ти си ми ламба штом ноќ ќе падне,
води ме во засолн мене страден.

Сила во мојата влеј ми снага,
водо што миеш, ти водо блага,
леејќи врз сè мирисна трага.

Околу колкови си ми сета,
појас на невиност од скап метал,
попрскан од вода што е света.

Пехару сјаен со елмаз-ниска,
како леб со сол ти си ми блиска,
о божествено вино, Франциска!

Превод: Влада Урошевиќ

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото