Доба на невиност

22.09.2017 16:21
Доба на невиност

 Првпат се ебев на дваесет и пет години и ужасно долго ми беше срам заради тоа.

Сè уште се сеќавам на ситуацијата во која пријател еднаш во кантина директно ме праша дали сè уште сум девица. Имав дваесет и една година и првпат ми се случи некој да ме праша нешто такво толку директно. И наместо да бидам искрена, самоуверено му одговорив дека не сум и мирно продолжив да ги јадам своите лазањи болоњез. Но, однатре бев исплашена. Најмногу зашто ми беше јасно дека „ме прочита“. Инаку, бев убедена дека немаше да ме праша за нешто такво.

Имено, дотогаш своето сексуално неискуство успешно го сокривав што, навистина, не беше особено тешко зашто никогаш не бев разговарала со никој на таа тема, како што веќе пишував во својот текст за автохомофобијата. Така што, со оглед на тоа дека за тие нешта пред другите толку упорно молчев, впрочем најмногу се срамев од својата невиност – пред себеси.

***

Првпат имав секс на дваесет и пет години и таа бројка дефинитивно ме сместува меѓу late bloomers во смисла на сексуалното созревање. Имено, истражувањата главно се сложуваат околу тоа дека „просечната“ возраст за губење невиност спаѓа во периодот по шеснаесеттата, а пред дваесеттата година, плус-минус една година. Значи, „доцнев“ пет-шест години. И заради тоа доцнење долго се чувствував лошо, долго се срамев од својата невиност. Впрочем, сè додека не „исчезна“ или, подобро да кажам, „престана“.

А, потоа за својот срам се одлучив да напишам текст, овој текст. Така сфатив дека впрочем не ни знам кога точно ја изгубив невиноста.

***

Се покажа дека, иако на прв поглед се чини дека невиноста е „приватно, природно и очигледно“ нешто, на втор поглед станува јасно дека станува збор за „јавен, конструиран и невидлив“ феномен, како што наведува Тамар Џеферс Мекдоналд, уредничката на книгата Virgin Territory, за претставувањето на невиноста на филм и една од ретките теоретичарки кои теоретски се знаимавале со темава. Тоа последично значи дека не постои една, единствена и егзактна дефиниција на невиноста, туку тие се разликуваат во зависност од полето во кое се зборува за неа. Така невиноста во медицинскиот дискурс не е иста со невиноста во правниот, а двете невиности се разликуваат според начинот на кој се поимаат, на пример, во популарната култура. Понатаму, дури ни во рамки на поединечните дискурзивни области често не постои консензус за она што ја конституира невиноста односно нејзиното губење.

***

Имено, иако крвта на чаршафите како последица на (наводна) руптура на хименот остварена со пенетрација на пенис во патријархалниот универзум предолго време важеше како главна маркација на половата зрелост и прекин на невиноста (барем кога е во прашање женската физиологија), денес е јасно дека нештата сепак се малку покомплицирани од тоа. Во меѓувреме, во приказната за невиноста влегоа некои други и поинакви сексуалности кои го оневозможија нејзиното едноставно, еднострано дефинирање. И така историјата на невиноста (најпосле) престана да биде потполно хетеросексуална.

Timoteo Viti, „Девственост (девица и еднорог)“ Сите илустрации: Muf

Денес токму на тој начин се води дискусијата за тоа дали се сметаат и непенетративните облици на општење, како на пример, оралниот секс, заемната мастурбација или лезбејскиот сизоринг, во чиновите со кои исто така се губи невиноста или, во малку порадикално гледиште, предвид се зема само вистинскиот оргазам, без оглед на средството за негово постигнување. Секако, и пред тоа, малку поблискиот поглед на природата на хименот ги закомплицирал нештата зашто, како што се покажало, некои жени воопшто немаат химен, кај некои други тој со текот на годините атрофира и исчезнува без оглед на половите односи, а кај трети, исто така без оглед на односите, не исчезнува никогаш. Кај некои жени доаѓа и до кинење на хименот со посредство на „елементи“ кои воопшто не се пенетративни, што вклучува разни опции – од болести до гимнастика. Освен тоа, спротивно на спомнатите митови, неговото кинење не е причина за крварење за време на првиот сексуален чин, туку почесто станува збор за некој од другите фактори: недоволната навлажнетост или грубоста на партнерот. Понатаму, прашање е што е со аналниот секс, што со неконсензуалниот, и што кога прстите се тие кои вршат пенетрација наместо пенис?

Се разбира, сите тие дискусии неизбежно се поврзани и со прашањето што е сексот воопшто и кои активности се квалификуваат како водење љубов (намерно провоцирам), но во случајот на невиноста тие прашања добиваат дополнителен твист.

***

Малку парадоксално, пријателот од почетокот на текстот наскоро стана мојот прв љубовник, првата личност со која „ја разбив“ својата невиност, ако земеме предвид една од алтернативните дефиниции, се разбира. (Што исто така, зависно од тоа како го дефинираме сексот, значи и дека впрочем сум имала секс пред дваесет и петтата година.) Сепак, со оглед на тоа дека нашиот секс се сведе на еднократна авантура, имав чувство дека по прашање на мојата невиност нештата не се сменија многу. Особено зашто во „техничка“ смисла сè уште се сметав за девица зашто предвид ја земав само традиционалната дефиниција за невиност. Така што и натаму се срамев од мојот „статус“, и натаму избегнував да разговарам со другите на таа тема.

Со девојката во која се заљубив после него се повтори истото сценарио. Но, овојпат не лажев. Сè уште се сеќавам на моментот кога ѝ ја соопштив таа своја „мрачна“ тајна која долго ја криев. Јас сум девица, ѝ реков и пропаднав од страв во земја. Тоа беше првпат да го кажам тоа на глас. А таа, секако, не се згрози, не ме исмеа, не ме избрка, не направи ништо од ужасите што од некоја причина ги очекував; не, само ме прегрна и рече, Па што?!

И така, со неа, во својата дваесет и петта година, по втор, трет и четврти пат престанав да бидам девица. Иако, се разбира, според „основната“ дефиниција сè уште бев тоа.

***

Концептот на повторна, односно секундарна невиност и таканаречената повторно родена девица е посебно популарен во современите конзервативни движења. Хименопластиката, односно хируршката реконструкција на хименот (која укажува на прифаќање исклучиво на традиционалните, хетеросексуални дефиниции за невиноста) е рамо до рамо со ивентите како американските пјурити болс на кои ќерките на татковците им даваат ветување дека нема да практикуваат секс пред брак, апстиненциските клубови на Ivy League универзитетите чии членови се воздржуваат од секс или картичките наречени virginity vouchers кои сведочат за невиноста на нивните сопственици и воедно ги потсетуваат на зачувување на тој статус.

Rafael, „Млада жена со еднорог“

Тоа се само некои од популарните методи за кои во својата книга The Purity Myth (според која е снимен истоимениот документарец) пишува Џесика Валенти, анализирајќи го растечкото virginity/chastity/abstinence движење во Америка чиј домашен пандан можеме да го пронајдеме во реинкарнациите на Жељка Маркиќ и нејзините здруженија, иако тие, за волја на вистината, повеќе се фокусирани на правењето деца отколку на девиците, но нивната реторика е идентична: нација и прокреација!

(Најзабавните делови од книгата се однесуваат на укажувањата на парадоксалностите на наведените движења кои, погодувате, ги има многу, а од кои можеби најдраг ми е слоганот Virgins are hot кој една од организациите што промовира апстиненција го печатеше на своите маици. Џесика Симпсон и Бритни Спирс беа, на пример, буквално олицетворение на концептот девиците се секси во кој невиноста се „продава“ така што се сексуализира.)

***

Секако, концептот на повторна невиност во нивна интерпретација значително се разликува од моето гледање на повеќекратното раздевичување и во принцип се темели на вообичаениот христијански концепт за „давање втора шанса“, во чија позадина, впрочем, се наоѓа демонизирањето на сексуалните активности кои не резултираат со деца. Секој секс чија цел не е прокреација така станува „валкан, погрешен и опасен“, а жената која се впушта во тоа - накусо и во лошата смисла на зборот - е курва. Секако, освен ако не се покае – во тој случај ѝ се простуваат минатите гревови.

Иако наведените движења пропагираат неколку радикални мерки, тие се темелат на концепт одамна присутен во нашата култура, до таа мера што просто се подразбира, а се однесува на изедначувањето на сексуалноста и моралноста. Во таквото „читање“ степенот на нечие сексуално искуство станува маркер за грешност, а невиноста, последично, станува ултимативна индикација за „светост“. Други опции -на пример, кога нечиј став за сексуалноста е знак за нечија слобода – не постојат.

И додека е можно спомнатата перспектива примарно да се поврзе со „постарите генерации и конзервативните институции“, од седумдесеттите години и со „сексуалните револуции“ во јавниот дискурс се појави и малку поинаков, „поиновативен“ наратив кој на одржувањето на невиноста надвор од етаблираните возрасни граници гледа мошне негативно. Секако, тој сексуален „пресврт“ не го избриша конзервативниот, пуритански дискурс, но во приказната за сексуалноста воведе други можности. Една од нив беше да се спомне и наративот кој најчесто може да се пронајде во адолесцентските peer pressure приказни со кои јасно се дава до знаење дека „не е кул да бидеш невин“, а го поддржуваат и малку дискутабилни текстови како овој кои укажуваат на проблематичните последици на доцното „кинење на црешата“.

William-Adolphe Bouguereau, „Будење на срцето“

Но и надвор од тинејџерските муабети, денешниот степен на сексуална софистицираност доведува до тоа на „задоцнетата“ невиност често да се гледа како на аномалија и облик на патолошка девијација, наместо на „природна состојба“ од аспект на традиционалистичката перспектива. Секако, оној дел од сексуалниот пресврт од седумдесеттите кој се однесувал на повторното барање на правото за женска сексуалност истовремено се покажа како посебно значаен за укинување на бројните стигми чиј носител била (особено женската) сексуалност/а и во таа смисла не треба да се отфрла заради неговото „кооптирање“ кон практиките кои довеле до креирање негативен имиџ за невиноста. Меѓутоа, истовремено треба да се препознае и новиот сет притисоци, додаден на адолесцентските години.

***

Таквите притисоци многу добро ги почувствував на сопствена кожа. Иако денес знам дека невиноста впрочем не постои, таа за мене долго време беше мошне, мошне реална, толку реална што се обидував со сите сили да ја скријам од другите. Имав чувство дека, иако молчат за тоа, заправо сите редовно имаат секс, и дека истото се очекува и од мене. Во филмовите и сериите постојано гледав (повеќе или помалку експлицитно прикажани, но секогаш хетеро) полови односи, читав за нив во книгите и така заклучив дека тоа е нешто што на мои години веќе одамна требало да биде дел од секој нормален живот. Но, не успевав да ја постигнам таа „нормалност“. И така тие зборови (НИКОГАШ НЕ СУМ ИМАЛА СЕКС) кои толку вешто ги криев од другите почнаа сè посилно да одекнуваат во мојата глава и да создаваат притисок од кој не можев да се ослободам.

Сите девојки со кои сум била, „невиноста“ ја изгубиле многу порано од мене. (Невиноста ја ставам во наводници за барем малку да посочам на претходно опишаната лажливост на нејзината појавност.) Така, моите партнерки првите сексуални искуства главно ги стекнале во средно училиште и додека бевме заедно, во доцните дваесетти или раните триесетти, имаа далеку поголем број партнер(к)и од мене, што не е чудно со оглед на тоа дека јас станав сексуално активна „дури“ во дваесеттите и никогаш не ја сфаќав, ерго ни практикував, логиката на one night stand-от.

И покрај нивното уверување дека нема зошто да ми биде непријатно и опишувањето на сопствените, понекогаш луди, а понекогаш лоши искуства, јас повторно таа „разлика во бројките“, тој искуствен дисбаланс го толкував како сопствен недостаток. Никако не сфаќав дека моето искуство е подеднакво легитимно, го гледав само својот минус. Конзервативниот дискурс за невиноста како позитивна вредност никогаш, фала богу, не беше особено убедлив, но затоа отидов во сосема друга крајност и сосема ја прифатив приказната колку е лејм да се биде љунфер и се уверив дека сум помалку вредна зашто имам помало искуство, сосема несвесна дека се чувствувам непријатно заради нешто што впрочем – го нема.

***

Иако не го именувам како таков, Џеферс Мекдоналд јасно го опишува „парадоксот на невиноста“ наведувајќи дека „одржувањето на невиноста често се перцепира како подеднакво проблематично како и откажувањето од неа“. И, навистина, во јавниот дискурс таа секогаш се перцепира како вредносно обоена – или се глорификува и почитува како некое божество или се демонизира и означува како нешто срамно.

Jacques-Louis David, „Весталска девица“

И, така, повеќето девојки денес се принудени да размислуваат за својата невиност во рамки на високо парадоксалните термини кои, во секој случај, доведуваат до самоосудување – заради прерано или премногу доцно впуштање во сексуални односи, односно губење на невиноста. Така срамот уште еднаш е потврден како основна хетеропатријархална стратегија со која се обезбедува морална инфериорност и послушност кај жените кои никогаш не можат да ги исполнат неговите високо наметнати очекувања зашто и во конзервативниот и во либералниот дискурс на жените им се ускратува можноста за сопствен избор, сопствено темпо. (Не-толку-интересен-факт: таа стратегија влече корени од дамнешни времиња, па така во средновековната анатомија женските полови органи се нарекувале пунденум, од латинскиот пундере, срамење.)

Важно е да се напомене дека и либералниот наратив често се извртува самиот против себе што и довело до познатата изрека светица и курва. Зашто од патријархална перспектива трета опција – нема.

***

Кога велам дека невиноста не постои, мислам дека таа впрочем е општествен конструкт, концептуална творба создадена од нашата култура. Слично како и полот и расата, но истовремено и многу побуквално од нив зашто во овој случај, како што веќе објаснив, не постојат физиолошки разлики врз основа на кои недвосмислено може да се повлече линија на разграничување помеѓу девиците и недевиците. (Секако, и во случајот на полот и расата постојат физиологии кои внесуваат збрка во основниот систем, но тие се поретки отколку што е случај со означувачите на невиноста.) Секако, подеднакво како и со полот и расата, тоа што не постои невиноста, не значи дека таа не е реална, дека не може да се зборува за неа.

На општествената конструираност на невиноста укажуваат речиси сите авторки кои се занимавале со оваа тема, а освен тоа, она што заеднички го истакнуваат е нејзината хронична подрепрезентираност во теорискиот дискурс. Додека девиците одамна станале општо место во денешната поп култура, бројот на современи студии за наведениот феномен, без разлика дали од културолошка или социолошка перспектива, е зачудувачки мал. А, материјали за истражување има многу. Имено, девиците не се само омилен топос на современата култура, нивната „неизвалканост“ била подеднакво „популарна“ уште во средниот век.

Во студијата Virgin: The Untouched History на Хана Бленк може да се прочитаат случаи како оној на света Агата, на која наводно со клешти ѝ ги искорнале градите бидејќи, чувајќи ја својата невиност, одбила да му се предаде на некој римски цар; или познатата унгарска благородничка Елизабет Батори која, како што вели приказната, својата младост ја чувала капејќи се во крв од девици. Тука е и фамозниот мит кој бил популарен во Европа во 18 век, а и денес носи дел од заслугите за епидемијата на ХИВ во некои африкански земји, а кој се однесува на верувањето дека сексуалниот однос со девица има лековити својства. Такви легенди има многу, а со појавата на популарната култура тие се размножиле повеќекратно и на тој начин дополнително придонеле за зголемување на моќта на митот за невиноста и за сите негови контрадикции.

Pompeo Girolamo Batoni, „Чистота на срцето“

Меѓутоа, нејзината многу позначајна теза се однесува на експлицирањето на тенката црвена нишка која невиноста ја поврзува со, drum roll, патријархатот. Докази за тоа соучесништво има премногу.

***

Првиот е веќе спомнатата хетеросексуалност на невиноста, а веднаш потоа следи она што, верувам, многумина од вас го искусиле на сопствена кожа, а се однесува на фактот дека таа доминантно се поврзува со женскиот идентитет. Иако и мажите се девци, дискусиите за статусот на невиноста се позачестени кога се во прашање жените, подеднакво како и осудата во случај на нејзиното рано „губење“. Така, како што наведува Валенти, прашањето за сексуалноста често се смета за интегрален дел на женскиот идентитет што доведува до тоа жените да се дефинираат токму преку својата сексуалност, а прашањето за невиноста во таа перспектива често зазема централна улога. Таа одлучувачка улога на невиноста директно е поврзана со нејзината комодификација.

Како што истакнува Бленк, одгледувањето „квалитетни ќерки“ речиси до половината на минатиот век беше еден од легитимните модели на „производство“, подеднакво вреден и важен како и, на пример, одгледувањето овци. Иако тој гест денес главно е симболичен, во некои делови од светот и натаму сведочиме на обичајот во кој таткото ја „дава“ својата ќерка за мажење. Таа практика била / е можна зашто жената се смета за сопственост на таткото и подоцна на мажот, а за нејзиниот „квалитет“ во тој облик на економија гарантирала токму нејзината невиност. Тоа, покрај што било директно средство за контрола над женската телесност, било и гаранција за „чистокрвноста“ на децата кои ќе следат по склучување на бракот. Помалиот број партнери и немањето партнери значело, освен тоа, помалку полово преносливи болести и намалена можност за зарази. А „стоката со грешка“ (читај: недевиците) во таа смисла не поминувале добро.

Иако денес јавниот дискурс за невиноста е поларизиран, одеците на наведените практики и натаму ги гледаме во начинот на кој се размислува за женското, односно за машкото раздевичување. Љунферот главно им се „кине“ на девојките при што тие се во пасивна позиција на објект, додека мажот во двата случаи, и кога е невин и кога раздевичува, во тоа има активна улога. Исто така, додека на машкиот промискуитет се гледа пофално и се толкува како знак на машкост и успех, женскиот, „само дискурзивно“, се санкционира и дефинира со негативни атрибути од кои, се разбира, најпопуларен е веќе споменатата курва. (Како добра илустрација за оваа теза може да послужи холивудската „комедија“40-Year-Old Virgin која ѝ крева споменик на хетеро дефиницијата на невиноста.)

Louis Janmot, „Песна на душата (11): Невиност“

Размислувајќи за тоа како да ѝ пристапам на оваа проблематика, заклучив дека, барем за сопствената невиност, треба да размислувам како за некаква верзија на Шредингеровата мачка. Таа перспектива го оневозможува црно-белиот поглед и потсетува дека во прашањата за сексуалноста не би требало да има ни императиви ни срам, дека сите искуства се подеднакво легитимни и дека мојата доба на невиност, на некој начин, никогаш нема да престане, дека впрочем истовремено сум и не сум невина зашто не можам да бидам сигурна кога, и дали воопшто, сум престанала да бидам тоа.

Имено, според „традиционалната“ дефиниција во која машкиот полов орган има централна улога во раздевичувањето, јас сè уште сум девица. Но, кога ќе ги земеме предвид останатите дефиниции, контурите на мојата невиност полека почнуваат да се топат и тоа престанува да биде цврсто фиксирано во мојата дваесет и петта година. Иако и натаму неминовно спаѓам во фиоката late bloomer, кога ќе се земат предвид перспективите на другите дефиниции, мојата невиност станува многу пофлексибилна.

Истото важи и за оние туѓите, а истото важи и за невиноста општо.


Извор: MUF

Слични содржини

Квир / Книжевност / Теорија
Живот / Култура / Теорија
Книжевност / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото