No pasarán

23.09.2017 09:53
No pasarán

Во Каталонија де факто е на сила вонредна состојба. Последниве денови сме очевидци на невидено сценарио во Европската Унија: се апсат највисоките функционери на владата во Барселона, полицијата ги претресува седиштата и канцелариите на здруженијата и претпријатијата кои учествуваат во организацијата на референдумот за самоопределување. Министерот за финансии Монторо презеде контрола над сметките и платните списоци на Генералитатот (врховниот орган на владата на Каталонија). Се конфискува материјалот подготвен за најавениот референдум за независност. Претставниците на политичките партии кои го поддржуваат референдумот ја напуштија седницата на парламентот во Мадрид и најавуваат мобилизација на граѓаните на Каталонија против овие антидемократски мерки. Во исто време, претседателот Рахој ги квалификува последните потези на шпанската влада како одговор на непочитувањето на уставот од страна на каталонските индепендисти.

Еден од челниците на Републиканската левица (Esquerra republicana) ги повикува граѓаните собрани пред седиштето на владата во Барселона да се воздржат од каков било вандализам како одговор на полициските мерки. Во последните десет дена, од усвојувањето на Законот за референдум и потоа Законот за транзиција според кој, во случај на успешен референдум, досегашната каталонска автономна покраина би станала самостојна држава, почна офанзива на централната власт преку кибер-напади на информатичкиот систем на каталонските институции, поднесени се пријави против повеќе од 700 градоначалници на кои им се врачени покани за сослушување зашто дале согласност во општинските објекти да се одржи гласање на 1 октомври, наметнати се инструкции на автономната каталонска полиција будно да го следи и оневозможи пропагирањето на најавениот референдум, упатени се закани со затвор кон високите функционери кои ќе учествуваат во неговата подготовка, па дури е издаден налог дека медиумите не смеат да емитуваат индепендистички пропаганден материјал.

Последните репресалии: апсење на 14 високи функционери, конфискување на 9 милиони гласачки ливчиња и друг технички материјал неопходен за гласање, упаѓање во седиштето на индепендистичките политички партии без судски налог - доведоа до индигнација кај повеќето од граѓаните. Уште во утринските часови почнаа масовни собири најпрво во Барселона, а потоа и во други места ширум Каталонија. Работниците денес излегоа од работа, студентите од амфитеатрите, домаќинките и пензионерите од куќите и ги преплавија улиците во знак на протест против кршењето на основните демократски права. Се слушаа повици: Не се плашам! Ќе гласаме! No pasaran! „Сѐ толку болно ме потсетува на времето на франкизмот“, вели една пензионерка. Илјадниците граѓани почнаа да си заминуваат дома дури во доцните вечерни часови.

Официјалната автономна влада ги осуди недемократските мерки на владата од Мадрид со кои де факто ја укина автономијата на Каталонија. Повикани се сите демократски сили во и надвор од Каталонија да се мобилизираат и на мирен начин да застанат во одбрана на човековите права и слободата на говор и мислење. Исто така се огласи спортската федерација на Каталонија, осудувајќи ги недемократските мерки на шпанската влада и бранејќи го правото на граѓаните на Каталонија да одлучуваат за статусот на покраината.

Челниците на ПП (владејачката партија) во Мадрид слават победа над индепендистите зашто, како што тврдат, го оневозможиле одржувањето на референдумот за независност, додека од Каталонија порачуваат дека сега се поодлучни од кога било да гласаат на 1 октомври. Тие велат дека повеќе не станува збор за правото на отцепување, туку правото на гласање без оглед на резултатот на референдумот.

Европската Унија за сега не покажува намера да посредува, што воопшто не изненадува. Но, изненадуваат шпанските социјалисти кои со својата пасивност уште еднаш потврдуваат дека одамна се приклониле кон центарот од кадешто, како што велат, не ги поддржуваат методите на апсење и застрашување, но застануваат во заштита на уставот. И токму тука е точката на раздвојување. Дали се поголеми демократи оние кои го бранат уставот или оние кои го бранат правото на (неуставен) референдум?

Останува еден, не мал дел од Каталонија, кој не се идентификува со идејата за отцепување, но ниту со франкизмот. Доколку и тие излезат на улица, следните денови ќе бидат бурни. Да се надеваме дека сѐ ќе помине без посериозни инциденти. Доколку дојде до насилство, спремни се 4.000 полицајци кои ќе дејствуваат на територијата на автономната покраина која повеќе не е тоа.

Авторката е новинарка од Сараево која од 1994 живее и работи во Шпанија.

Извор: Peščanik.net, 22.09.2017.