Дали го поразивме ропскиот менталитет?

23.09.2017 12:20
Дали го поразивме ропскиот менталитет?

Во изминатите пет години кога бев активна во борбата за рушење на авторитарниот режим во Македонија, бев сведок, а и самата учествував во еден многу напорен процес. Општеството и државата беа во вртеж, вител, негативна спирала. За да се вратиме во „нормала“ беше неопходно неколку пати „да се свртиме“ во обратна насока. Не беа едноставни потезите кои требаше да се изведат, туку комплексни и со многу „точки на прекршување“ во кои постојано требаше да се вложува нов дополнителен напор. Учествуваа многу луѓе кои дејствуваа во синергија. И, успеавме некако да стигнеме до нултата точка, кон движење во позитивна насока.

Секој за себе најдобро си знае дали во изминатиот период, кога се водеше жестоката борба против авторитарниот режим, односно, против ропскиот менталитет во Македонија, ја искористи шансата и самиот да се ослободи, да се избори за лична слобода, слобода како највисок критериум за нормален живот и како предуслов за пристоен, и - зошто да не, убав живот.

Денес, и покрај тоа што целта ни од далеку не е достигната, може да се каже дека сепак постигнавме голем успех. Пред сè, плативме многу скапа лекција за да научиме што значи да се биде роб на лажни авторитети, роб на празни идеологии кои ги наметнуваа самопрогласените водачи на „народот“, а кои се грижеа само за својот комфор и големите апетити, за никогаш повторно да не бидеме робови на заблуди и предрасуди, на инертност и мрзливост – и други продукти на незнаење од секаков вид.

(Нај)нова левица, Длабока екологија и Екофенимизам

Новата левица, длабоката екологија и екофеминизмот беа во сржта на покренувачката сила и искреното чувство во срцата на граѓаните и граѓанките што маршираа по улиците. Во првиот бран протести гласот го кренаа студентите од Студентскиот пленум и нивните професори против законот за високо образование, со чие спроведување власта уште повеќе сакаше да ги скрати ингеренциите на академската заедница, а потоа во огромен број протестираа и средношколците. Во тој бран се и масовните протести на новинарите и хонорарците, стечајците итн. Следеше вториот голем бран како реакција на објавените прислушкувани разговори на функционери од власта со индиции за сторени тешки криминални дела. По неколку години континуиран отпор на граѓанскиот сектор се разви социо-политичко движење кое го донесе третиот голем бран протести кој се крена од револтот што го предизвика одлуката за аболиција на криминалните структури од страна на претседателот. Тој бран го доби името Шарена револуција која прерасна и во културна револуција.

Многубројните протестни собири и маршеви конечно ја формираа критичката маса на граѓанската култура која сега е елан-виталот на промените во ова толку истоштено општество.

Во втората деценија на XXI век (Нај)новата левица, Deep Ecology и Екофеминизмот како струи, движења, теории и политички практики, се комплементарни и се во суштината на насушната потреба од воспоставување поквалитетни односи меѓу луѓето и за живот интегриран во целокупен диверзитет. Екофеминизмот, на пример, се залага за принципите на новата „светска демократија“ (Вандава Шива) „која вклучува подеднакво вреднување на сите видови (човечки и не-човечки), на луѓето и културите, сочувување на културниот и биолошко-еколошкиот диверзитет и сочувување на локалната економија.“ Моралните квалитети како грижа, заедништво, соработка, доверба, солидарност, растеж, подигање, негување, заштита, закрила, нега, сочувство, емпатија, го ткаат новото ткиво на текстурата во односите кои добиваат сè поголемо значење.

Критична маса

Ако се направи пресметка колкава е бројката на редовни учесници на протестите, од студентските до Шарената револуција, се добива некој процент од 0,5-1% од населението на Македонија (10.000 – 20.000 граѓани)! Не е тоа мал процент! Тука се мисли и на активизмот и протестите надвор од Скопје, на пример, масовните еко-протести во Тетово околу проблемот со депонијата и загадениот воздух, потоа во Битола и во други градови како Струга, итн. Заеднички именител на сите овие активности е борбата за поквалитетен живот. Отпорот и активизмот на граѓаните како форма на организирана борба за унапредување на животната средина, против сиромаштијата и против секакви дискриминации и неправди, ја изнедри критичната маса која ќе го турка општеството кон промени. Посакувам никогаш да не згасне нивната позитивна енергија, ентузијазмот и виталноста која се слева во урбаните простори или руралните средини, на планините и полињата, на археолошките локалитети, за конечно, како дух на реформи да се инсталира во институциите на државата, да се преобрази Парламентот, Владата, министерствата, институтите, заводите итн.

Најбитно е да продолжи одржувањето на „критичната маса, знаење и реформска волја, сè друго ќе биде полесно и за сè друго и „пари ќе се најдат“ и во оваа сиромаштија. Но реформска волја заснована на еманципаторска политика и солидарност МОРА ДА ИМА...“ (Љубомир Фрчкоски) Токму така, но не и обратно: ако немаме критична маса – и интелигенција и луѓе со елан-витал, и да имаме пари, мала е веројатноста дека ќе успееме...


Институциите ги прават вработените и пред сè нивните раководители

Од внатре ќе ги боиме институциите! „Ќе го боиме Собранието од внатре!“ (Павле Богоевски) Нашите институции се оптоварени со сешто (меѓу другото и превработеност) и затоа се задушени и/или, парадоксално, недоволно искористени или погрешно користени, нефункционални. Во изминатите години некои од нив се претворија во монструозни креатури, служеа за реализирање на налудничави идеи, за лично богатење. Вработените или требаше да си молчат, да не се интересираат за „политика“ или да се бунтуваат. Ретко кој од нив се бунтуваше во првиот бран протести. Но, како што растеше протестната маса, и посебно во последниот бран што ја зафати Шарената револуција, отпор манифестираа доста вработени во државните институции (многу културни работници!)! Токму тие кои на тој начин се ослободија од стравот и фрустрациите, ја спознаа вредноста на човечкиот фактор, битноста на човекот и дека токму тој ја прави институцијата. Монструмот „институција“ како некоја ирационална „виша сила“, како и монструмот „власт“ се победени на тој начин. Спременоста на луѓето за соочување со проблемите, спремноста за дијалог низ негување на критичката култура, решавање на проблемите со здрав разум, со други зборови, пројавување државотворен капацитет, се потикнуваат од силната желба за промени. Таква енргија ќе провејува низ нашите опустошени институции, нивните канцеларии, сали и ходниците, ако со нив раководат способни, креативни личности со позитивна енергија и широк поглед кон светот, личности кои општото добро го ставаат пред личното. Каков е директорот, шефот или раководителот таква е (енегијата во) институцијата, компанијата, организацијата, заводот, институтот.

Институтот за македонска литература – една од поуспешните приказни во македонското образование

Јасно е дека е многу битно какви кадри ќе се одберат за раководните функции во државата, бидејќи тие, конечно, треба да спроведат професионализација во институциите. Еден начин како да се менуваат институциите на државата (покрај менување на раководството) е од внатре „да се обојат“, да им се вдахне елан-витал. Тоа и беше еден од мотивите да се запишам на трет циклус студии при Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје, на Културолошките студии. Во Институтот за македонска литература, каде што се изведува оваа програма, навистина се чувствува силна динамичност и позитивна енергија (амбиент), а тоа се должи на: доброто раководство (директорката, секретарката) и другите од администрацијата (библиотекарка, книговодителка) и, секако, професорските кадри. Луѓето, вработените, го прават амбиентот на институцијата! Институцијата без вработените (кои треба да се професионалци!) се само празни ходници и канцеларии, ништо повеќе од тоа!

Несомнено, сеопштата криза во културата го погоди и овој институт, и тие повеќе години наназад не добиваа финансиски средства за научноистражувачки проекти. Сепак, успеваат да реализираат постдипломски и докторски студии, а успешно издаваат и три меѓународни научни списанија: Спектар, македонистичко списание за литературна наука, Context/Контекст, списание за компаративна книжевност и културолошки истражувања и Филолошки студии, славистичко списание од областа на хуманистичките науки.

Мостови меѓу академската јавност и пошироката јавност

Во Институтот за македонска литература позитивната енергија и виталноста сепак не беа до крај потиснати и уништени од лошите политики во образованието и културата. Институтот е пример за поуспешна приказна во нашето образование. Значајна активност на Институтот се научните конференции кои ги организираат на годишно ниво, зависно од потребното време за оформување на тематските целини. За секоја конференција се одредува тема која се извлекува од дејностите на Институтот, кој, како образовна и научно-истражувачка институција, веќе повеќе години гради теоретска база за културолошки студии во неколку тематски модули: Културна традиција, Современа култура, медиуми, јавност и Транскултура, интерференции на идентитетите во културата. На конференциите со свои реферати учествуваат соработниците од Институтот и професори од Филолошкиот, Филозофскиот факултет и од националните научни институти при УКИМ, од МАНУ, како и афирмирани гости од странство. Последната конференција се одржа на 7 и 8 ноември 2016 година, а темата беше Критика и молк: Читање на македонската литература и култура. Конференцијата имаше и немаше голем публицитет. Јас поканив некои мои пријатели новинари, но тие тогаш немаа време да проследуваат такви настани. И, навистина тогаш бевме презафатени со следење политички настани. Сега, веќе се ослободува повеќе време за покреативни активности. Можеме повеќе да се посветиме на културата, а, се надевам дека ќе се обезбеди и поголем простор во печатените и електронските медиуми за вести од културата и особено за вакви манифестации и дебати од областа на културолошките студии. Можеби во иднина конференциите ќе треба да се отворат за пошироката културна јавност, па и да се организираат тематски панели, јавни дискусии и конференции за печат. Така би се разбила бариерата меѓу академската и пошироката културна јавност и би се развила нова димензија на креативна проактивност. Со градење на такви мостови би се започнал процес обратен на фрагментацијата која го зафати нашето општество, а најмногу ја погоди културата!

Потребен е обратен процес од фрагментацијата

Зoшто политичко-економската криза во нашата држава најмногу ја погоди културата? Ако се направи подлабока анализа на постпостмодерното време во кое живееме, ќе се откријат причинско-последични моменти кои доведоа до толку големиот пад на културата, пред сè во смисла на култура на живеење и културни вредности, но, и во смисла на современа уметничка продукција и критичка култура.

Со повлекување на интелигенцијата од јавниот живот, како еден вид тивок отпор на современите системи на владеење: неолиберализам, неоимперијализам, а кај нас уште и популистички авторитаризам и новата „религија“ - консумеризмот, растеше моралната криза, дефетизмот и отуѓувањето во заедницата, што негативно се одрази во комуникцијата меѓу луѓето, во општата култура. Интелигенцијата „се повлече“ во својот приватен свет, така бранејќи се од популизмот, кој е непријателски настроен токму кон интелектуалните елити (и сите кои размислуваат поинаку, значи, плурализмот) но и како резултат на процесот на индивидуација (но, и заради немање волја и желба за конфронтирање со власта, конформизам и/или клиентелизам и сл.) Така се создадоа големи дупки во јавниот дискурс. Ние добивме фрагментирано општество, општество во кое најголем дел од стручната, академска јавност, како и уметниците „се повлекоа“ од пошироката јавност, значи, од севкупниот амбиент во општеството.

Така се дозволи на недоволно образовани и култивирани личности да го заземат нивното место и да завладеат со културно– образовната сфера, како и со јавниот дискурс. Сè „се обои“, попрецизно, „посиве“ и „се зацрни“ од идеологијата и политичката пропаганда на владеечката партија. Навистина бевме сведоци на изобилство од културни настани кои власта ги организираше, се реализираа многу изложби, имаше издаваштво и многу „градење“, но сите тие активности беа во сенката на една (не)културна атмосфера која ја ширеше пред сè (раководството во) Министерството за култура, за што многу се пишуваше во изминатите години (а особено и сега). Истовремено згаснуваше и критичката мисла. За ликовната критика сум сигурна дека скоро воопшто ја нема. Критичката култура замре, пред сè затоа што институциите за образование - факултетите не ја негуваа и не создадоа кадри способни за критичка мисла и дијалог (Искра Гешоска).

Во една прилика музичарот Влатко Стефановски кажа: „Зборовите немаат повеќе значење кај нас.“ Тоа беше кажано во периодот кога бевме на дното во морална, културна и секоја друга смисла. Нешто се сосече во нашата култура (или идентитет!) што генерираше чувство на немоќ, и колку и да се критикуваше власта, се имаше претстава дека ништо не може да се промени. Во негативната спирала во која се вртеше нашето општество зборовите немаа значење бидејќи поимите кои ги претставуваат/означуваат се первертираа, се искривоколчуваа (од пропагандата). А, немоќ се чувствуваше затоа што беа потребни темелни промени во нашиот (ропски) менталитет, промени кои ќе се рефлектираат и во културните политики и во културните практики. Дали конечно се случија тие темелни промени, ќе видиме.

Во таа смисла, сакам да верувам и да се надевам дека влегуваме во нова покултурна ера која започна со Шарената револуција, бидејќи „...оваа нова Македонија што се роди од кризата е позрела, има самодоверба, и не ѝ требаат илјадници споменици на плоштадот во Скопје, за да биде горда дека е Македонија.“ (Никола Димитров)

П.С. Желба до Владата од културните работници во Шарената револуција: Само дајте ни ја шампитата - фасада на Владата и уште барем Триум(кене)фалната капија да ги обоиме. После сме спремни и трпеливо да чекаме подобри времиња за темелно третирање на Скопје 2014, секако, откако првин ќе се реализира најавената ревизија. Барем овие две фасади дајте ѝ ги на Шарената револуција, за голема сатисфакција на граѓаните и граѓанките кои ја сочинуваат критичната маса за промени. Па ќе чекаме подобри времиња... се разбира, не пасивно, бидејќи ние веќе почнавме одвнатре да ги боиме институциите!

Слики: Татјана Миљовска, од серијата Ткиво IV, акрил на хартија, 2017

Текстот беше објавен на libertas.mk на 05.07.2017 и делумно во Слободен печат на 07.07.2017.

ОкоБоли главаВицФото