Војната на Блискиот исток (не) е неизбежна

30.07.2010 13:31
Војната на Блискиот исток (не) е неизбежна

Фуад Синиора, поранешниот премиер на Либан, е мудар човек со големо искуство во блискоисточната политика. Затоа, кога тој вели дека „локомотивата без машиновозач се движи во правец на судир“, како што неодамна изјави на еден приватен состанок во Берлин, заинтересираните страни треба да се подготват за несаканиот развој на настаните. Се разбира, никој во регионот не повикува на војна, но се зајакнува предвоеното расположение.

Четири фактори, од кои ниеден од нив не е нов, но секој е дестабилизирачки, се соединети еден во друг: недостаток на надеж, опасни политики на владите, вакуум на регионални сили и отсуство на активно надворешно посредување.

Може да е ветувачки тоа што повеќето Палестинци и Израелци заговараат решение за постоење на две држави. Помалку ветувачки е тоа дека тие ја губат надежта оти некогаш ќе се оствари таквото решение. Како додаток на сè е фактот дека септември е рокот кога истекува мораториумот на израелската влада за изградба на населбите, а тоа е и периодот кој Арапската лига го постави како краен рок до кога треба да бидат завршени разговорите меѓу Израелците и Палестинците, кои сè уште не ни започнале сериозно.

Мала е веројатноста дека сериозните директни преговори ќе почнат без замрзнување на изградбата на населбите, иако е тешко да се очекува дела израелскиот министер Бенјамин Нетанјаху ќе објави една таква одлука или дека ќе ја примени, имајќи го предвид отпорот во неговата влада. Сирија, која до крајот на 2008 г., со посредување на Турција, беше ангажирана во разговорите со Израел, не очекува обновување на тие преговори со Израел во скоро време. Тоа би можело да биде една од причините зошто сирискиот претседател Башар ал Асад неодамна во Мадрид ја спомена војната како опција.

Иако Израелците и луѓето блиски до Хезболах во Либан разговараат за „втора рунда“, многу аналитичари на Блискиот исток веруваат дека ограничената војна би можела да ја одблокира застоената политичка ситуација. Тие често се повикуваат на војната од 1973 г. која помогна за воспоставување мир меѓу Египет и Израел. Но војните кои следеа и неодамнешните судири во регионото – војната во Либан во 2006 и војната во Газа декември 2008/јануари 2009 – не одат во прилог на овие непромислени тврдења. Иран, чиешто влијание во Левант (назив со кој се опишува источниот Медитеран) не предизвика нерешени проблеми на Блискиот исток, продолжува да им пркоси на новите санкции на Советот за безбедност на ОН. Иранските власти имаат мала доверба во Западот, како и Западот во нив, и растат меѓународните сомнежи во нивните зборови и дела. Зачестените повици на иранскиот претседател Ахмадинеџад за бришење на Израел од лицето на земјата им одат во прилог на оние кои во Израел тврдат дека иранската нуклеарна програма мора да биде спречена со воени средства.

Во арапскиот свет во моментов не постои доминантна сила способна да ја зачува стабилноста вон своите граници. Ќе биде потребно време пред Ирак повторно да ја одигра својата регионална улога. Реформите во Саудиска Арабија главно се однесуват на домашни прашања. Египетската политичка стагнација доведе до намалување на регионалното влијание. Катар, од друга страна, ја преувеличува својата сила.

Единствена регионална сила на Блискиот исток денес е Иран, но оваа земја не претставува стабилизирачка сила. Арапските држави се свесни за тоа. Колку и да не им се допаѓа тоа и да се плашат од можноста за војна меѓу Израел и Иран или САД и Иран, тие знаат дека можат многу малку да влијаат на таквите настани.

Внатрешната регионална динамика на Блискиот исток денес ја влечат три земји: Израел, Иран и сè повеќе Турција. Изминативе неколку години Анкара се обиде да посредува меѓу Израел и Сирија, Израел и Хамас и меѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност плус Германија. Но владата во Анкара премногу си дозволува да биде вовлечена во блискоисточните конфликти, наместо да функционира како чесен посредник.

Администрацијата на Обама имаше многу добар почеток кон Блискиот исток. Една и пол година по претседателствувањето, пружената рака на Обама кон Иран се претвори во тупаница, и неговите напори да ги охрабри израелско-палестинските преговори наидоа на пречки.

Ни од Брисел нема некоја многу активна дипломатија за спречување на кризите, како што нема ни од европските престолнини. Ниеден од премиерите на водечките земји-членки на ЕУ не направи обид да посредува меѓу двата најблиски европски партнера на Средоземјето – Турија и Израел.

Пред две децении, во неделите кои и’ претходеа на ирачката инвазија на Кувајт, многумина аналитичари видоа навестување на кризата која следеше. Таа криза, како и онаа пред неа и онаа после неа, покажаа дека тензиите на Блискиот исток ретко се решаваат со текот на времето. Понекогаш се решаваат со активна дипломатска интервенција на регионалните и меѓународните играчи. А понекогаш и со сила.

Авторот е директор на германскиот Институт за меѓународни и безбедносни прашања во Берлин.

Извор: danas.rs

Илустрации: Paul Blow

ОкоБоли главаВицФото