Православен тероризам-лајт

25.09.2017 02:02
Православен тероризам-лајт

Сцена од филмот „Матилда“

Пред малку повеќе од една недела, еден (подоцна се покажа) психички болен граѓанин од Екатерингбург влетал со својот камион натоварен со лесно запалив материјал во стакленото фоаје на месното кино, го запалил и се обидел да побегне. Се чинело дека се работи само за „куршлус“ во главата на уште еден наш граѓанин и ништо повеќе. И, иако е познато дека луѓето со неадекватно однесување се привлекуваат едни со други (тоа се нарекува индуктивна психоза), сепак се чинело дека овојпат се работи за таканаречен „поединечен случај“. На мислата за случајниот инцидент наведувал и фактот дека во настраданото кино од оганот никој немал ни намера да ја прикажува „Матилда“. Но, и покрај тоа овој наш незадоволен граѓанин го запалил.

А, потоа, пред канцеларијата на Константин Добрињин, адвокатот кој ги застапува интересите на режисерот на овој филм, Алексеј Учитељ, пред два дена беа запалени два автомобили. И, за да нема забуна, сторителите до изгорените автомобили оставиле порака со следнава содржина. „Сите ќе горите заради Матилда!“ Така, станало јасно дека актуелната руска власт со својата неактивност создала една, досега незабележана појава – православен тероризам. Или, ако некому е помило, православно-монархистички тероризам. И, тоа во слава на никој друг туку Николај Втори Мироточив.

Досега, православието не се истакнуваше како религија склона кон тероризам. До неодамна тоа и не требаше особено да се докажува. Немаше потреба како денес на секој агол да се разгласува дека православието е мирна религија и дека сите оние кои го тврдат обратното се само несреќници кои страдаат од тежок облик „ортодоксфобија“. Беше очигледно дека православието нема врска со тероризмот. Секако, во далечната историја имало повремени жестоки инциденти, како на пример, масовното палење на припадниците на сектата на Шкарија Евреинот (жидовствующие), претходно затворени во железни кафези (на почетокот од 16 век), па теророт на Анастасиј Велики над верските неистомисленици во Египет, па систематското истребување на паганите и рушењето на нивните храмови и споменици кое го вршеле војниците на извесен Кинегиј, десната рака на императорот Теодосиј итн. Но, ќе се сложите, сето тоа е далечно минато време. Во поново време, православието можеше да се подигне само со активисти од типот Ентео, скандал-мајстори кои и не кријат дека се грижат само за сопствената промоција. Пократко кажано, на прв поглед е јасно дека тие луѓе немаат ни трошка желба да ги жртвуваат своите животи за православието и дека ништо од нивните активности никогаш не заличило на исламистичкиот тероризам.

Наталија Поклонскаја со икона од Николај Втори

Уште од одамна е познато дека лудилото е заразно. А, лудилото се разликува од идеологиите така што најпрвин си имаме работа само со еден безумник, а потоа со многу. Кога Наталија Поклонскаја првпат јавно ја изрази својата љубомора кон веќе одамна покојниот император и неговата убава штитеничка (спонзоруша, кажано со денешниот колоквијален јазик), малкумина можеа да претпостават дека оваа нејзина сосема лична емоција може да предизвика толкаво внимание, особено кај машкиот дел од нашето население. Зашто, на крајот на краиштата, сиромавиот покојник речиси во секоја смисла бил навистина крајно безначаен. На нашите мажи вообичаено повеќе им се допаѓаат оние поуспешните и поборбените, разните наполеони, џингис канови и хероите слични на нив.

Но, најсмешно од сè е тоа што филмот „Матилда“ во целост е кремљски проект. The Insider уште во февруари објави непристојни детали за финансирањето на овој филм. Ги објави Владислав Москаљов, еден од продуцентите кој заради некоја причина не успеал да се дограба до слаткото парче од колачот што го замесил Кремљ. Ако може да му се верува на Москаљов, парите за „Матилда“, по молба на Владимир Винокур, биле доделени од некаков кремљски фонд (што значи „каса за заемна помош“ од бандитскиот плен). Главен „добротворец“ бил поранешниот раководител на претседателската администрација Владимир Кожин, кој во присуство на Москаљов се јавил во Гаспромбанка и гласно наредил – „Десет“. Кривулестиот пат на тие пари завршил на некоја за него непозната офшор дестинација, но затоа „со свои очи видел како режисерот Учитељ од кабинетот на Винокур во сина торба изнесува цел милион (долари) во кеш“. Патем, Учитељ во оваа приказна е загрозената страна. Се разбира, тој никогаш не ги украл тие пари, туку ги трошел за снимањето на својот филм. Значи, според Москаљов, Учитељ е чист.

Тешко е да се каже што е вистина, а што не е во приказните кои ги ткаат Владислав Москаљов, но едно е сигурно: ни на Гаспромбанка, ни на Кожин, а ни на сите останати учесници на овој потфат нималку не им одговара целата таа врева која околу проектот „Матилда“ ја крена Поклонскаја. Фактот дека филмот што е снимен со пари од Кремљ предизвика појава на православно-монархистички тероризам, е само уште една потврда дека Кремљ сè послабо ја контролира ситуацијата.

Можело во повеќе наврати да се реагира, да се вмеша и да се запре оваа православна хистерија. Еве, на пример, дури и Рамзан Кадиров по неодамнешната масовна муслиманска „сплетка“ на плоштадот Дворцов во Москва, за цела октава го спушти својот инаку отсечен тон и изјави дека протестите со цел заштита на муслиманите во Мјанмар веќе не се неопходни. Нашите православни активисти се многу почувствителни на незадоволството од власта отколку Чеченците и затоа нема никаков сомнеж дека само со едно движење на нечиј мал прст сета таа православна лакрдија би била запрена.

Меѓутоа, тоа не е направено.

Зошто? Можеби жителите на Кремљ, од страв дека православната јавност ќе ги земе на заб, одлучиле да молчат? Во случај тоа да е вистинската причина за нивното молчење, оваа одлука е чисто промашување. Зашто, без оглед на сиот труд на Поклонска, Милонов и епархијата од Ханти-Мансискиот автономен округ, резултатот од нивната кампања за собирање потписи за забрана на „Матилда“ беше смешен. Поклонскаја и нејзините компањони и покрај сесрдната помош на официјалните медиуми успеаја да соберат едвај неколку стотици потписи. Со други зборови, многу повеќе се оние кои беа исплашени од кампањата против „Матилда“, оддалечени од власта и натерани да се замислат над средновековната темнина која акциите од овој вид недвосмислено ја најавуваат.

Изгореното кино во Екатеринбург

Попрво може да се каже дека на Кремљ едноставно му било сеедно.

Кремљ веќе долго време тивко го подгрева секое насилство кое би можело да биде вперено против опозицијата. Жителите на Кремљ би сакале од Русија да направат нешто како „нашиот Добнас“, ситуација во која носителите на сите облици темнина самоиницијативно ќе газат по секој, па и по најмалиот крик за слобода, за потоа, слегнувајќи со рамениците и немоќно ширејќи ги рацете, невино да изјавуваат: „Ние немаме никаква врска со тоа – тоа е народна иницијатива“. Како и во случајот со југоисточна Украина: „Тоа не сме ние – тоа се рударите и трактористите“.

Но, логиката на историјата функционира поинаку. Власта не е ѕид од кој може да се извади по некоја цигла, а притоа да не се сруши ѕидот. Власта функционира како сфера, а математичкото својство на сферата е дека точката отстранета од еден нејзин сегмент речиси истиот момент може да се концентрира на некој друг. А, кога власта ќе се откаже од монополот на насилството, токму тоа е отстранетата точка.

Сето тоа во последно време можевме да го видиме преку примерот на Чеченија, а потоа и во задкулисните игри кои резултираа со апсење на високо рангираниот чиновник Алексеј Уљукаев, без знаење на највисокото раководство на земјата. Сега тоа го гледаме и преку примерот на православниот тероризам-лајт. Се поставува прашањето колку долго ќе остане само лајт.

Извор: https://www.novayagazeta.ru

ОкоБоли главаВицФото