Секое зло е помало од нивното

25.09.2017 10:18
Секое зло е помало од нивното

На локалните избори ќе се врати гласањето – „за помалото зло“. Принцип кој, со ретки исклучоци, важел за сите избори во независна Македонија, без разлика дали биле парламентарни, претседателски или локални. Оваа принудна, изнасилена, ограничувачка опција, што може да се сведе на слоганот „изборот е еден“, ја наметна опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поточно нејзиното раководство на чело со лидерот Никола Груевски. Со пораката дека победата на локалните избори ќе биде клучна за тие, осомничени за тешки кривични дела, полесно да ја освојат централната власт.

Тоа значи дека тие општината ја гледаат како платформа што ќе ја прегазат, даска што им фали за да ја прескокнат провалијата што ги дели од единствената цел. Во таа смисла, локалните проблеми се маргинализирани, а потценети (или уценети) кандидатите за градоначалници и нивните амбиции. Сите тие сега ќе се борат за потоа да победат нивните шефови. Може некој да види друга смисла во одлуката на Стевчо Јакимовски (повторно) да се кандидира во Карпош или на хашкиот осуденик Јохан Тарчуловски. Тој не е кандидиран за да ги решава проблемите на жителите на Кисела Вода (ако евентуално победи, тие ќе добијат уште еден, огромен, нерешлив проблем што го немале претходно), туку за да ја отвори општинската врата за да можат осомничените за злосторничко здружување полесно да влезат во владината зграда. Како што направи со собраниските врати во „крвавиот четврток“.

Централното зло што ја снајде државата во последнава деценија е толку големо, што секој глас што ја спречува неговата реставрација – без разлика за кого е – автоматски ќе биде глас за помалото зло.

Извор: Слободен печат
Слика: Небојша Гелевски

ОкоБоли главаВицФото