Пирова победа на Ангела Меркел

25.09.2017 15:24
Пирова победа на Ангела Меркел

Иако го освои четвртиот последователен мандат, германската канцеларка Ангела Меркел нема причина за славје, зашто нејзиниот конзервативен блок, односно партијата ЦДУ на чие чело се наоѓа и нераскинливиот пакт врзан за ЦСУ, на овие германски избори го достигна историското дно - најлош резултат од 1949 година.

Поради тоа, идната германска влада сигурно ќе биде плод на коалициски договори помеѓу партнери кои по природата на нештата не би требало да бидат тоа, како начелно либералните ФДП-овци и Зелените, но за тоа нешто подоцна.

Меркел се навикна на импотентна опозиција

Уште нешто ја врати Германија на овие избори во временската рамка од Втората светска војкна.

Резултатите од изборите покажуваат дека Алтернатива за Германија (АфД), мрачна и опасна десничарска партија со изразита антимигрантска политика, стана трета политичка сила во земјата, а воедно и прва десна популистичка партија чии пратеници ќе седат во германскиот парламент (Бундестаг) по Хитлеровите националсоцијалисти.

Канцеларката Меркел, пишуваат медиумите, ќе биде во ситуација со каква што не се соочила досега во дванаесетте години владеење. Политичарката која досега порази четворица многу моќни ликови на германската и светската политика (интересно, на сите презимето им почнува на Ш - Меркел ги порази Шредер, Штајнмаер и Штајнбрук, а сега и лидерот на СПД Мартин Шулц), првпат ќе мора да ја креира политиката во соработка, без можност за независни одлуки и без стварна политичка доминација. Имено, Меркел досега имаше моќно мнозинство и импотентна опозиција, а тоа би требало радикално да се промени со влегувањето на АфД во Бундестагот.

Антиисламизам и неонацизам

Станува збор за партија чиишто истакнати политичари секојдневно шокираат со изјави за кои се веруваше дека на Германија не можат да ѝ се случат. На пример, Бјорн Хеке тврди дека споменикот на Холокаустот поставен во германската престолнина Берлин е „срамен споменик со кој се обидуваат да го уценат германскиот народ“, а друг АфД-овец, Александар Гауланд, суверено тврди дека Германија би требало да биде горда на постигнувањата на Вермахтот.

И додека умерените аналитичари велат дека се депласирани тезите за враќањето на Германија во мрачните времиња, зашто станува збор за земја со многу развиена демократија, со економска стабилност како кохезивен фактор кој најчесто ги одбива луѓето од радикализмот, многумина во Германија (како 700-те демонстранти кои синоќа спонтано се собраа на берлинскиот Александарплац) спремни се да се заколнат дека нема поголема разлика помеѓу денешната АфД и злосторничките националсоцијалисти.

Но, иако не баш таква, вистинската опасност од АфД постои, а се одразува најмногу во тоа што сега и Бундестагот ќе го чуе гласот на радикалната, речиси екстремна десница, која се залага за протерување на мигрантите, бара силна национална држава, кокетира со антиисламските движења и неонацистичките ќелии... Претседателот на Светскиот еврејски конгрес Роналд Лаудер изрази загриженост поради 12,6 отсто германски гласови кои отидоа за АфД, велејќи дека тоа е „срамно реакционерно движење кое потсетува на најлошите моменти од германската историја“. Неговото мислење го дели и претседателот на Централното собрание на Евреите во Германија, кој изјави дека АфД „досега подбуцнуваше против муслиманите и бегалците, а утре може да се сврти и против нас“.

Треба да се истакне дека за успехот на АфД на некој начин е заслужна и самата Меркел, која со својот повик до блискоисточните бегалци во 2015 година го предизвика најголемиот бегалски бран во поновата историја, што последично доведе до затворање на границите долж Европската Унија, нарушување на добрососедските односи на земјите на бегалската рута, но и ја воведе Германија во состојба да биде принудена да се занимава со околу еден милион бегалци на својата територија, некои велат и повеќе.

Пропаст на планот за спас на ЕУ

Пировата победа на Ангела Меркел и (не)очекувано добриот изборен резултат на екстремната десница ја воведоа Германија во нова ера на политичка и општествена фрагментираност, а допрва ќе се види како тоа ќе се одрази врз Европа. Ангела Меркел досега беше дна од најмоќните жени во ЕУ, а со неодамна избраниот француски претседател Емануел Макрон требаше да ја оствари визијата за нова Европа. Ширењето на ЕУ и особено на еврозоната беа идеи-водилки на француско-германското проевропско политичко партнерство кое сега е доведено во прашање, зашто најизгледната коалиција освен ЦДУ на Меркел и Зелените ја содржи и ФДП, која јасно се противи на каква било интегративна експанзија во рамки на Унијата. Поради тоа, Меркел за прв пат ќе мора да донесува одлуки со партнери кои имаат дијаметрално спротивни ставови, што сигурно нема да биде лесна задача.

Секако, речиси е сигурно дека политичката ситуација ќе се одрази и на економијата. Уште првиот ден по изборите од Германија стигаат вести за „претпазливост на инвеститорите“, што е само благ термин за падот на трговијата на берзите. Инвеститорите, јасно е, го чекаат развојот на ситуацијата, зашто допрва треба да се види во колкава мера ваквата слаба и потенцијално кршлива коалиција ќе ги (де)стабилизира приликите во Германија, како политичките, така и економските, чиишто текови се неделиви од случувањата во Бундестагот.

Сето ова доаѓа во време на голема нестабилност и криза во ЕУ, која сѐ уште ги лиже длабоките политички рани нанесени со Брегзит и на која слабата Ангела Меркел и силната десница во Германија во моментов ѝ се крајно штетни и непотребни.

Извор: 100posto.hr