Години на бербатење

25.09.2017 23:18
Години на бербатење

Глутницата мршојадци која лажно се претставуваше како лустрациска комисија престанала да постои? Нема гајле, тие се толку употребливи што набргу ќе ги видиме во некој совет, управен одбор или комисија, како што е вообичаено кај нас. Томе и неговата банда ги извршија сите нарачки од автократот Груевски, избербатија и живи и мртви, патем си ги лечеа комплексите на пониска вредност, сеиреа над несреќата на луѓе на кои не им се ни до колена, унесреќија цели семејства. Со тој лов на вештерки во детали раководеше Груевски од/во својата канцеларија, ентузијастички поддржан од „експертите“ од врвот на партијата, владата и парламентот... Сигурен сум дека СЈО располага со тонски записи од телефонски разговори пострашни од објавениот разговор во кој Антонијо Милошоски нарачува лустрирање.

Во 2000 година, кога на власт беа ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, врз основа на законот кој на граѓаните им овозможи да извршат увид во личните досијеа кои за нив ги водела УДБ/СДБ од идеолошки и политички причини, побарав и добив фотокопија од досието што државната безбедност го водела за мене од 1976 до 1987 година, под сомнение дека сум анархолиберал, односно припадник на граѓанската десница и дека на репертоарот на МНТ сум сакал да протуркам драми од македонски националист. Ме следеле, од своите соработници прибирале изјави за мојата театарска и политичка активност, ми ги прислушувале телефонски разговори и ми го озвучиле станот. Единаесет години подоцна, Груевски, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кому очигледно му бев трн во окото, му наложил на својот подопашник Томе Аџиев по секоја цена, па и по цена на фалсификат, да ме прогласи за соработник на „службите“. Врз основа на истото досие кое било затворено откако „службите“ констатирале дека не успеале да ме врбуваат за соработник!

Во мојот случај, ниту еден од четирите услови од законот за утврдување дека некој е соработник не бил исполнет, но тоа не им пречеше на судиите од Управниот суд и од Вишиот управен суд да ми пресудат во мое отсуство. Раката на Груевски беше долга, неговата тупаница го здроби законот. Откако во 2011 година Уставниот суд го укина законот предложен од Стојан Андов, во 2012 година стапи на сила вториот закон. Се разбира, „Милчин и компанија“ беа првите за вториот отстрел. Милчин требаше да се мавне како извршен директор на Фондацијата отворено општество. Во 2011 година, судовите беа невообичаено брзи, но во 2012 година им требаа повеќе од две години, иако законот наложува итна постапка. Со тоа ја одложуваше мојата апликација до судот во Стразбур, кој прифаќа да разгледува предмети само откако се исцрпени сите судски инстанци во земјата.

Сè на сè, наместо прочистување, лустрацијата ни донесе бербатење. Соработниците продолжуваат да соработуваат, списокот на носители на јавни функции кои биле соработници на службите што го доби Аџиевски од УБК го изеде темницата, исто како и никогаш необјавениот Регистар на соработници на УДБ/СДБ, а народот си зборува за неоткриени удбашки структури кои ја разнебитуваат Македонија. Време е за лустрација на лустрацијата!

(Објавено во Фокус, 22.09.2017)
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото