Jазикот и неговата околина

26.09.2017 09:39
Jазикот и неговата околина

Веројатно никогаш не би одлучила да потпишувам некаква изјава или петиција за јазик и јазици, затоа што сум лингвист според основното академско усовршување: во овој случај, праксата ми покажа дека потпишувањето е неопходно како политички и граѓански чин, па тоа и го сторив.

Станува збор за Декларацијата за заеднички јазик, за која во хрватската Википедија можете да прочитате само дека била жестоко нападната, а потоа цела редица имиња на оние што ја нападнале: малку податоци се дадени за тоа кој ја иницирал и како настанала. Звучи како недвосмислена денунцијација. Само тоа би било доволна причина, но имав и своја причина. Неодамна, еден свој текст преуредував за хрватско издание, односно го „хрватизирав“. А бидејќи не бев сигурна за некои формулации, направив експеримент и фрагменти од текстот на „српски“ јазик ги ставив на Google Translate, за да добијам превод на „хрватски“. Во текстот го имаше и името на Вук Караџиќ, кое беше „преведено“ како Динко (Доминик) Златариќ, големиот филолог, поет и преведувач од Дубровник. Тоа беше јасен знак дека е премината секаква мерка, односно дека процесот на идеолошко касапење, по наивното менување и измислување на термини и изнасиленото национализирање на јазикот, дошол до втората фаза на кулурен изолационизам. Потпишувањето на Декларацијата стана неопходен морален чин, како што југословенството денес, според Виктор Иванчиќ, е политичка и морална определба.

Какви шанси има Декларацијата? Сите нови држави набавија не само продадени души и стручњаци и нестручњаци за јазик, туку и гломазен бирократски апарат, прописи и, се разбира, голем број лудаци подготвени со кирилица или со латиница да нападнат сè што е нивно за да одбранат сè што е наше. Не можете на некој државен службеник, што зема плата врз основа на осамостоениот јазик, да му кажувате за непостоечката разлика меѓу јазиците и дијалектите, за арбитрарното позајмување, не само на зборови, туку, да речеме и на цела синтакса, не може да му кажувате за креолизацијата, пиџинизацијата и конечно, за тоа дека лингвистиката условно им припаѓа на хуманистичките дисциплини, но не потпаѓа под нивните закони, дури ниту под формалната логика. Вашиот слушател слуша само три тонови: својата плата, својата расипаност и својот кукавичлук: вие ќе зборувате за дијалект, тој за народниот идентитет, потврден во Уставот и во триста илјади совршено бесмислени законски прописи. Тоа е само надворешниот, рамковен доказ дека станува збор за исклучиво морално и политичко прашање и тука единствената вистинска цел може да биде само уривањето или темелното менување на таквите власти. Значи, Декларацијата за заеднички јазик е само нежна верзија на основниот текст на мирната, но револуционерна промена на едно општество, но не само тоа. Се работи за еден од основните текстови на новото југословенство.

На почетокот на процесите на осамостојувањето на националните јазици, односно нивното втерување во неудобните кафези, со својот либерален став, бев подготвена, пред сè, лудо да се забавувам на сметка на новоговорите, па така, гласното читање на „речниците на разлики“ беше стандардна забава во нашиот мал свет на исклучените, бегалците и трајно избезумените. Се потсетив на своето враќање во цврстите рамки на лингвистичкото размислување, кога неодамна, некој грубо и без никакво знаење посегна по сеќавањето на еден пријател, кој ми помогна во тоа враќање. Тоа беше Дубравко Шкиљан. На почетокот на 1994 година се најдов во Америка. Институцијата што се формираше во тој момент, ИСХ или љубљанскиот постдипломски факултет за хуманистика, уште немаше ниту средства, ниту цврста структура, но се договаравме за имињата на луѓето што би можеле да ги привлечеме во оваа институција. Прв на кој помислив беше Дубравко Шкиљан, колега од класичните студии, пријател од седумдесеттите години, кога се среќававме по конгресите за класични студии и уредник на „Latina&Graeca“, каде беше објавен мојот превод на рецептот на легендарниот римски готвач Апикиј. Во 1989-90 година често се среќававме заради моите предавања на неговото одделение на Филозофскиот факултет во Загреб. Кога почна војната, Дубравко Шкиљан, извонреден лингвист и истовремено хуманист, не можеше да проголта ништо од новиот национализам на универзитетот, а особено новиот јазичен ексклузивитет и поради сето тоа, нужното газење на лингвистиката и нејзините закони.

Последиците за него беа предвидливи. Од колегите добив налог да му се јавам на Дубравко со нашиот предлог, зашто единствено јас лично го познавав. Му пишав од Америка и добив одговор од него, уште го чувам писмото, со реченицата: „Извадете ме од овде“. Ги направив првите две верификувани програми на ИСХ, антропологија на античките светови и антропологија на родовите и кога на крајот на 1995 година, се вратив, веќе имаше и формални услови и за моето и за вработувањето на Дубравко. Тој предаваше и на другите уште неверификувани програми, но првенствено беше професор на одделот за антропологија на античките светови. Со години седевме во иста соба, имав можност и да ја слушнам и да ја прочитам неговата аргументација за заедничкиот јазик; моравме да се занимаваме со исти административни глупости, реформата од Болоња, постојаните нови потврдувања на програмите, со прописи и дописи, па разговорот беше нужна терапија за да преживееме. Како да не му пречеше неговиот напорен распоред, патувањето од Загреб до Љубљана и назад, зголемениот број часови: тоа навистина беше најплодниот период од неговата кариера. Требаше да поминат повеќе од 10 години за Дубравко Шкиљан да доживее да се врати на својот универзитет со сета слава: неговиот живот траеше само малку подолго.

Склона сум најмногу да ја почитувам работата на Дубравко Шкиљан во областа на изучувањето на антиката: во светската академска продукција сè уште немам најдено студија во која делото на Аристофан би било обработено со толку продлабочен теориски увид и книжевно општествено толкување, како што тоа го направија таткото на Шкиљан, Младен (воведите) и синот Дубравко (преводи и коментари).

Според него, прашањето на јазикот беше решено. Можев само да заклучам дека тоа прашање, навистина, веќе не нуди големи можности за лингвистичка љубопитност, но дека е исклучително важно политичко и морално прашање. И за тоа Дубравко Шкиљан беше подготвен да ја жртвува својата кариера и дел од својот живот. Потписниците на петицијата би требало да знаат дека потпишале нешто, што и од нив може да бара нешто слично.

Извор: Pescanik, 19.09.2017

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото