Левицата не смее да бега од проблемите на работниците

26.09.2017 10:54
Левицата не смее да бега од проблемите на работниците

Еве еден идиотски наслов.

Еве како не треба да изгледа еден наслов во услови кога текстот, па и насловот, го пишува личност на којашто двете семки во тиквата што ги носи, одвреме-навреме треба да му фаќаат „Чак“ (билијардски израз), оттаму мала искра, и цел когнитивен процес на оправдани синтези, па сѐ до најразлични идеи.

Насловот сугерира дека растот на екстремната и популистичка десница е предизвикан од миграциите на бегалците од Блискиот исток, а не поради различни безидејни ситуации во кои навлезе постојнава економска и политичка владејачка класа.

На крај, дали еднаш таа квази среднокласна, ситно-буржујска, (некои наши активисти ја нарекуваат либерална) класа/каста, ќе скопча дека подемот на десницата не се должи на нивната лукавост и на нивниот празен популизам (каков што и е), туку на безидејноста на оваа класа која освен социјалните, ги држи во раце и политичките и економските инстанци на моќта, а сака да се „искупи“ со евтините обвинувања на екстремните десничари: „Тие се идиоти, тие се неписмени, тие се гадни, тие смрдат, тие се вмровци итн“.

Истиот овој слој луѓе се крајно незаинтересирани за економските чинители во државата, индолентни во однос на приватизациите коишто ги прават нивните политички репрезенти, не само во Германија, туку и насекаде низ Европа, па и Америка, онаму кадешто се враќаат на голема врата десните популисти со НЕКАКВИ решенија, какви што немаат постојните социјал-демократи и умерени десничари.

Од друга страна, Левицата е импотентна. Левицата дејствува реактивно и гради постојано секундарен однос на релација кон десниот популизам и фашизам. Левицата дозволува поимот на „левица“ да биде узурпиран од разно-разни палјачовци, луѓе на коишто задниците им фатиле 24 карати павлака од комодитет и зенгинлук. Левицата побегна од проблемите на работниците, изгради арогантен однос кон нив, со што тие „паднаа“ во рацете на десничарите - и сега - оф леле.

Ова е логична последица. Политиката и општеството си имаат своја логика, која често е провидна и доколку се отфрли или потцени, следуваат студени тушеви насекаде.

Извор: Фејсбук профилот на авторот