1004 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 18.04.2024 00:59
Во земјата што сонува во мирисен почин,
каде што над лозниците сонцето се жари
и од палмите в око мрзеливоста се точи
запознав креолка со непознати чари.
Плотта ѝ е топла; знае, волшебничка темна,
да го држи вратот со отменост на родот;
смели, небаре кај ловец, очите ѝ демнат,
мирна ѝ е насмевката, лесен ѝ е одот.
‒ Да дојдовте во земјата на славата стара,
на брегот на Сена или на бистра Лоара,
вашата убост секој би можела да вџаши;
во ваша чест илјади би бликнале сонети
во замоци, од срцата на многу поети
што попокорни би ви биле од црнците ваши.
Превод: Влада Урошевиќ