1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Османлиското владеење на овие простори оставило траги во нашиот јазик, но јас нема да се занимавам со лаичките зборови како што се пенџере, шербет, џамадан и слично, туку со оние врзани за исламската религија. Причината е во тоа што многу луѓе кај нас несвесно ги употребуваат тие исламски зборови или поими, иако самите не се муслимани и не го познаваат нивното значење, кое сметам дека треба да им се објасни. Јас не сум муслиман, ниту сум стручен за оваа проблематика, но ќе се потрудам да го сторам тоа на најдобар можен начин. Ваквите поими поврзани со религијата нашата наука ги вбројува во турцизми, но тоа е погрешн бидејќи, како прво, тие пристигнале во турскиот јазик од арапскиот или евентуално од персискиот, а како второ, тие не се врзани стриктно за Турците, туку се општоисламски. Нив ги познава секој муслиман, без разлика дали е тој во Турција, Саудиска Арабија, Кувајт, Катар, Оман, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Јемен, Јордан, Ирак, Сирија, Либан, Палестина, Египет, Либија, Тунис, Алжир, Мароко, Мавританија, Мали, Судан, Сомалија, Џибути, Иран, Азербејџан, Чеченија, Ингушетија, Кабардино - Балкарија, Карачај - Черкезија, Адигеја, Дагестан, Татарстан, Башкортостан, Узбекистан, Казахстан, Киргизстан, Туркменистан, Таџикистан, Авганистан, Пакистан, Бангладеш, Ксингјанг, Брунеи, Малезија, Индонезија итн. Во некои од наведениве места Османлиите никогаш не стапнале. Сум забележал и дека понекогаш нашите речници даваат штури или сосема погрешни објаснувања за таквите поими.
„Арам да ти е!“ е една архаична клетва, која можете да ја чуете од постарите, но многу од нив не знаат дека арапскиот збор харам (حَرَام) означува нешто забрането, грешно и бесчесно, според исламското учење. Според него, арам се, на пример: конзумирањето свинско месо и алкохол, апостазата (напуштањето на верата), бласфемијата (богохулството), иконизмот (ликовното претставување на светци или општо на живи суштества), идолатријата, сквернавењето на Куранот, крадењето, коцката, лихварството, неносењето шамии кај жените, разголувањето, предбрачните и вонбрачните полови односи и хомосексуалноста, а некои би го додале тука и одгледувањето кучиња, музичките инструменти, спортот и играњето шах (постојат поконзервативни и полиберални толкувања). Сроден израз на харам, кој вие сигурно сте го чуле, е харем (حريم), што претставува дел од домот на муслиманот, во којшто живеат неговите жени (исламот дозволува полигамија). Се разбира, на еден туѓинец ваквите одаи му се арам, односно забранети. Во арапскиот постои и уште една варијација на зборот харам (حرم), која се толкува како светост или заштитеност, а таа може да се сретне во називот на најбитното место за исламот, Месџид ел-Харам (Светата џамија) во Мека. На немуслиманите влезот во неа им е најстрого забранет, значи тој им е арам (тоа се регулира со проверка на документи, познавања од областа на исламот и слично). Зборот арам може да се сретне и во називот на исламистичката терористичка група од Нигерија, Боко Харам. Според неа, секуларниот, западен тип на образование е во спротивност со исламот (особено ако ги опфаќа и женските деца) и затоа таа смета дека таквите книги (боко, што доаѓа од book) се арам. Концепт близок на арам има и кај Евреите, т.е. во јудаизмот - херем.
Armand-Philippe-Joseph Bera, Портет на Dominique Vivant, Baron de Denon во Египет, 1804
Оној што во Исламскиот свет прави арам испаѓа дека е „арамија“ и тој излегува пред кади (قاضي), што е назив за судија во исламското, шеријатско право. Сигурно вие сè уште ја употребувате народната поговорка „кадија те тужи - кадија те суди“. Зависно од тежината на престапот и конзервативноста на дадената средина, казната може да биде дури и каменување до смрт, сто удари со стап, ампутација и слично. Неа некаде ја извршуваат властите, а некаде самите граѓани. Некои земји со доминантно муслиманско население се теократски и во нив шеријатот се спроведува во целост; во други исламот е официјална религија, но шеријатот се спроведува само во некои сегменти (на пример, при склучување бракови, разводи и слично); трети се секуларни и во нив такви закони нема; а во некои шеријатот се спроведува само во одредени региони или само ако лицето кое се суди е муслиман. На крај, душата на „арамијата“ оди џенем (جهنم), што не е некое „далечно / зафрлено место“ - како што вие мислите, туку тоа е арапски назив за пеколот, и тоа исламскиот.
Спротивно од харам е халал (حلال), што во исламската терминологија значи дозволено. На пример, на вашите блиски вие им велите „алал да ти е“, па испаѓа дека ги фалите за нешто што е подобно од исламска гледна точка, а можеби вие самите не сте муслимани. Веројатно сте забележале дека некои прехранбени продукти во супермаркетите имаат ознака „халал“, што значи дека се соодветни за правоверните муслимани. Халал не значи дека е доволно еден продукт да не содржи свинско или алкохол, туку тој мора да задоволи и низа други критериуми. Еве на пример, доколку се работи за месо: касапот мора да е муслиман, да поседува најостар можен нож и да изрече благослов пред колењето, а животното мора да биде здраво и да биде засечено на точно определено место (за да се засегнат одредени органи и крвни садови, а други да останат недопрени), по што тоа се остава бавно да искрвари до смрт, такаречи до последната капка, зашто конзумирањето крв во исламот е арам. Колку е ова хумано кон животните е контроверзна тема, но процедурата е таа и доколку не се запази, месото нема да биде халал. Тоа нема да добие соодветен халал сертификат од надлежните исламски тела, а правоверните муслимани нема да смеат да го јадат. Слични правила има и кај Евреите (кашрут, кошер). Во исламот сè е регулирано: каква храна муслиманот смее да јаде, а каква не, како да си ја подготви истата, а како не треба, како да ја јаде, со која рака да ја јаде, а со која не, како да се моли, кога да се моли, колку да се моли, на која страна на светот треба да биде насочен кога ќе се моли, како да се измие, кога да се измие, колку да се измие, со каква вода да се измие, а со каква не, како да се истриже, а како не, како да се облече, а како не, како да се ожени, како да се разведе, како да ја третира сопругата, како да води љубов со неа, како да оди во тоалет, како да се однесува во тоалет итн., а на самиот крај, како да се погребе откако ќе умре. Исламот е комплексен систем од верувања, вредности и правила, при што, некои нешта се халал, други се арам, но некои потпаѓаат во „сивите зони“ помеѓу нив (ова е поедноставено објаснување).
Патем, ритуалното колење најчесто се практикува во време на исламскиот празник Ид ал-Ада, кај нас попознат по својот турски назив Курбан Бајрам. Арапското курбани (قربانى) означува принесување жртва кон Алах, а и вие тој збор исто така го употребувате, иако можеби не сте муслимани, на пример кога ќе се пожалите некому дека „парите ви отишле курбан“. Кога веќе ги спомнавме парите, околу нас често ќе чуеме жалби дека државата збирала голем арач или на арапски хараџ (خراج), но тоа не е обичен данок каков што се плаќа во секоја држава (како на пример ДДВ), туку тоа е данок на обработливо земјиште за немуслиманите под исламска власт (земјарина). Сличен данок е џизија (جزية), кој се плаќа по глава немуслиман (главарина). Некои исламски држави ги оставале христијаните и евреите да си ја практикуваат својата вера зашто, според исламското учење, тоа се Луѓе од Книгата или на арапски Ахл ал-Китаб (أهل الكتاب), па како следбеници на Абрахамските религии тие имаат нешто заедничко со муслиманите, но сепак тие морале да плаќаат вакви даноци заради своја заштита и изземање од воената обврска, а врз нив биле наложени и разни ограничувања. Немуслиманите се општо познати под називот каури (неверници), односно кафири (كفّار) на арапски или ѓаури (گور) на персиски, а оние под исламска власт, се димии или зимии (ذمي), што значи „заштитени лица“. Кај нас е познат и терминот раја (رعايا), кој најпрвин се однесувал на сите оданочени поданици на исламските држави, без оглед на нивната религиозна припадност, но подоцна тој се задржал само на немуслиманите. Овој термин сè уште се употребува кај нас, на пример, кога по излегување во град ќе им се пожалите на пријателите дека таму „немало раја“.
Jacques-Andre-Joseph Aved, Портрет на Мехмед Саид Паша, Бег на Румелија, Специјален амбасадор на отоманскиот султан Мехмед Први, 1742
Во народната песна „Зајко - Кокорајко“ се среќава зборот ниет (نیّة), цитирам: „Сторил ниет Зајко, Зајко да се жени“ и тој означува нешто како намера, мотив, цел, план, посветеност... - што е битен концепт во исламот. Пред да преземе одредени активности, како на пример молитва, аџилак, пост или стапување во брак, секој муслиман мора да има ниет, но според некои исламски мислители, тоа не значи дека истиот мора да биде изразен вербално, туку тоа може да биде во срцето. Тука го спомнав аџилакот, односно хаџот (حَجّ), што означува поклонение во светиот град Мека, што е еден од Петте столбови на исламот (заедно со верата, молитвата, добродетелството и постот). Аџилакот е задолжителен за секој здрав муслиман кој може да си го дозволи тоа патување, односно ходочестие. Во многу презимиња кај нас е присутен префиксот Хаџи, додуша, меѓу нивните носители има и православни христијани, кои биле на поклонение на Христовиот гроб во Ерусалим или, пак, на Света Гора, но сепак, термините хаџи и аџилак кај нас пристигнале со исламот.
Се прашувам дали е соодветно што ние го употребуваме терминот џамија како место за молитва на муслиманите? Џамија на арапски (جامعة) означува универзитет, додека местото кајшто муслиманите се молат се нарекува месџид (مسجد), а од овој назив произлегле преводите: mecset (унгарски), meczet (полски), mezquita (шпански), mesquita (португалски), moschea (италијански), Moschee (германски), moschee (романски), mosquée (француски), moskee (холандски), moské (шведски, норвешки и дански), moskeija (фински), mosque (англиски), mešita (чешки и словачки), mošee (естонски), mošeja (латвијски), mečetė (литвански), мечеть (руски и украински), мячэць (белоруски), мәчет (татарски), мешіт (казашки), мечит (киргизски), masjid (узбечки), масҷид (таџички), məscid (азербејџански) итн. Како тоа цел свет вели „месџид“ (или варијации на тој збор), а „џамија“ (или варијации на тој збор) употребуваме само ние Балканците, Турците, Курдите и можеби уште по некој? Зборот, инаку, дошол до нас од турското cami.
Зборот „абдал“, пак, некои кај нас го употребуваат како навреда (речниците го дефинираат како „нетокму човек, будала“), а всушност абдалите (أبدال) се мошне важни исламски духовници и испосници, не знам дали е соодветно да се рече светци. Овој назив може да се сретне и кај дервишите.
Исто така, дали е соодветно, ритуалното обрежување на машките деца да се нарече сунет? Сунет или Суна (سنة) е исламско свето предание, во кое се изложени примери кои секој муслиман мора да ги следи. Заедно со Куранот, Сунетот е еден од примарните извори за исламската теологија и закон, а оттаму произлегол и називот за сунитите, најголемата подгрупација меѓу муслиманите (другата по големина се шиитите). Навистина, обрежувањето е практика на муслиманите, но Сунетот не се сведува само на тоа, туку во него се вклучени и многу други норми и обичаи. Инаку, на арапски обрежувањето се нарекува хитан (ختان) или хатна (ختنة), а не сунет. Такво нешто има и кај Евреите - брит-мила, додека во христијанството се слави празникот Обрезание Христово или Господово (14-ти јануари). Овдешниот назив за обрежување доаѓа од турското sünnet, што има исто значење.
„Машала“ - ќе ми рече некој - „се изнапиша“. Ете, повторно еден исламски израз: „Ма ша Алах“ (ما شاء الله), што во превод од арапскиот јазик би значело: „По волјата на Алах“. Тој најчесто се употребува за да се изрази благодарност кон Алах, пофалба или радост за некоја добра вест или успех. Но кај нас овој термин го употребуваат и многу немуслимани без воопшто да знаат што тој значи. Сличен, додуша поредок, израз кај нас е „иншала“, односно: „Ин ша Алах“ (إن شاء الله), што може да се преведе како: „Ако е Божја волја“, „Ако даде Господ“ или така некако.
Giacomo Trecourt, Автопортет во ориентална облека, околу 1842.
Jean-Baptiste Mauzaisse, Арапин го оплакува својот коњ, c. 1812.
vbb.mk