Борис Буден: антикомунизмот впрочем е фашизам

27.09.2017 12:31
Борис Буден: антикомунизмот впрочем е фашизам

„Во Хрватска со кризата дојде до заострување на идеолошката борба која како последица го има подемот на антикомунизмот кој никогаш не бил посилен. А, да не се залажуваме, антикомунизмот, впрочем е фашизам. Суверена Хрватска е воспоставена како производ на суверен националистички режим со обележја на активно и пасивно насилство кое е видливо уште во најраниот период со оглед на тоа дека децата мораат да одат на веронаука. Значи, тие секојдневно се изложени на такво насилство. Луѓето веруваа дека ќе им биде подобро, но дојде до промена на сопственичките односи, но не и вистинско формирање на капиталистичката класа. Во Хрватска, како и во останатите земји на транзициска Европа – освен Русија – нема капиталисти. Имаме богати кои не се формираа во класа. Ние не знаеме од каде им се парите! Примерот на Ивица Тодориќ е доволен. Луѓето им веруваа на ветувањата дека ќе дојде до развој и дека на сите ќе им биде подобро, но тој балон пукна и вистината излегува на виделина. А, вистина е дека луѓето во Хрватска не гледаат никаква перспектива и дека сакаат да си заминат. Ни зборуваат да се насочиме кон иднината, а како да се насочиме кога ја нема!

Вака Борис го заврши предавањето „Октомври: Во самракот на посттоталитарната свест“; одржано на претпоследниот ден од овогодинешниот Фалиш на шибенскиот плоштад Мала ложа кој повторно се покажа премал за сите кои сакаа да слушнат што има да каже познатиот филозоф за нашата реалност.

Наметнатиот крај на историјата

Буден го започна предавањето објаснувајќи ја разликата помеѓу минатото и историјата. Според неговите зборови, пред 50 години можевте да се ориентирате во минатото, сегашноста и иднината, додека денес живееме во постисториско време. Објаснувајќи ја теоријата на Фукујама за „крајот на историјата“, рече дека американскиот филозоф не сакал да каже дека историјата не се создава и понатаму и дека и понатаму нема војни и конфликти, туку дека дошло до крај на идеолошкиот развој во кој либералната демократија од западен тип претставува најдобра и доминантна идеологија.

Затоа, во ова постисториско време, историчарите престануваат да бидат објективни хроничари и повеќе не можеме да се потпираме на нив. „Изреката 'да им ја препуштиме историјата на историчарите' веќе не важи. Историчарите веќе не се компетентни да зборуваат што е вистина, а што не. Историографијата ја замени меморијата“, рече нагласувајќи дека објективниот став за историјата е офанзивен, зашто сега постои плуралитет на историјата – секоја страна излегува со своја страна на историјата.

Потсети на седумдесеттите како „место на сеќавањето“ на Лиотар и почетоците на неолибералната доминација: во Чиле дојде до пуч и доаѓање на власт на Августо Пиноче; во Велика Британија, Маргарет Тачер тргна во борба со синдикатите додека лабуристите сметаа дека ја застапуваат „класната иднина“; во Кина на власт дојде Денг Сјаопинг, во САД, Роналд Реган; се појавија првите нафтени кризи... Седумдесеттите се клучни, тврди Буден, зашто се менува хоризонтот. Во Франција, на пример, попушта левицата и идејата за револуцијата се заменува со нова. Дотогаш, нацијата имаше суштина – дека се создала преку револуција, но со овие промени Франција стана вековна нација, а хоризонтот на револуцијата исчезна.

Во 1986 година во германскиот ФАЗ се појави текст дека германскиот нацизам е претерана реакција на злосторствата во гулазите, па убиството базирано на нацизмот станува резултат на класно злосторство при што првото злосторство е противкомунистичко. Сака да се каже дека Аушвиц е претерана реакција на она што претходно се случувало во Европа и е обид за одбрана од претходното претерано злосторство.

Според Буден, денешниот историски ревизионизам што го живееме во Хрватска не е ништо друго туку чист провинцијализам кој се темели на тврдењето дека Јасеновац не бил логор, што е одек од седумдесеттите години на минатиот век.

Во тој контекст ја стави и промената на името на плоштадот Trg Republike во Trg bana Jelačića. Либералната интелигенција бараше на плоштадот да му се врати старото име од претходно, зашто комунистите уништуваат сè што постоело. „Дали тоа била невина промена? Името Trg Republike е производ на француската револуција. Наместо него наметнато е Trg bana Jelačića, човекот што ја загушувал револуцијата во Виена. Тоа се ситни промени кои имаат длабоко значење“, тврди тој.

Нè тераат да се одречеме од антифашизмот

Анализирајќи ја фразата дека антифашизмот е европска вредност, се присети дека во 2009 година Европскиот парламент донесе резолуција за злосторствата на тоталитаризмот во кој се повикува на обединување околу препознавањето на сите тоталитаризми, комунизми и фашизми, како заедничко наследство, иако е јасно дека не постои објективен историски наратив и дека Европа нема историја околу која би се сложиле сите. Историографијата ја замени културата на сеќавањето која е германска и постнацистичка и има за цел да завладее со минатото, да ја преработи и да ја обработи. Затоа мора да се постави сериозно прашање што воопшто е Европа денес и на што се темели. Зашто не треба да се заборави дека Европа првпат била обединета под Хитлер и Мусолини кога на рускиот фронт се борела фашистичката интернационала против азискиот варваризам.

Тоа време го спореди со комплетната денешна приказна со муслиманите кои, ете, не ѝ припаѓаат на Европа и предупреди дека поранешните југословенски простори не можат да се интегрираат во тој наратив, зашто кај нас постоеше антифашизам кој не беше ист како во Европа. „Ако сакаат да се интегрираме во таа Европа, ќе мораат да се одречат од нашата антифашистичка борба, инаку за нив таму нема да има место. Локалните усташи се чираци на еден занает, но тој занает е многу посериозен и поширок.

Буден го истакна недостатокот на критичко преиспитување на капитализмот, потсетувајќи на цврстата спрега на нацизмот и капитализмот кога Германија на Хитлер застанала зад капиталот. Денес е нужно да се зборува за капитализмот, зашто кога ќе престанете да зборувате за него се согласувате на одреден класен интерес и на историски ревизионизам. Матрицата до која се држи неолибералниот хуманизам и на кој е заснована денешната политика, а според која војната е лоша, а мирот добар – е интервенција во интерес на сторителите, а не на жртвите.

Дали во тоа има историја? запраша. Дали можат да им се сечат глави на краловите? Јакобинците тврдат дека не може, Хегел вели дека во историјата може и да се биде невин, но тоа може да биде само каменот, а не може ни детето, зашто невиноста е можна само во неизвршувањето. Во моментот кога стапува во општествени односи, човекот престанува да биде невин. Затоа фашизмот секогаш се појавува како насилство во минатото, никогаш во својата актуелизација.

На овие простори дојде до промени во сопственичките односи, до она што некогаш се нарекуваше првобитна акумулација на капиталот за која требаше да бидат создадени одредени предуслови. Во Капиталот, Маркс ги критикуваше толкувањата на Смит според кои некои луѓе се погрижливи и поштедливи и така акумулираат капитал, што е глупост, вели Буден, со оглед на тоа дека насилството кое ги детерминира сопственичките односи е основа на сè. Според него, идеолошката првобитна акумулација на капиталот е извршена кога на луѓето им е одземено правото да бидат активни актери и субјекти на историјата. „Постојано слушаме: да се насочиме кон иднината, но иднина нема, иднина е револуцијата! Ја знаеме иднината, но минатото ни е сосема неизвесно“, потсети Буден на рускиот виц.

Слики: Julius Hofmann

Извор: http://www.forum.tm

ОкоБоли главаВицФото