Афроамериканските фудбалери против Трамп: вечер која ќе биде запишана во историјата на САД!

27.09.2017 15:51
Афроамериканските фудбалери против Трамп: вечер која ќе биде запишана во историјата на САД!

Американската Национална фудбалска лига во неделата се обедини во одговорот на тирадата на Твитер на американскиот претседател Доналд Трамп, кој со остри и навредливи зборови ја осуди постапката на некои играчи, кои за време на интонирањето на химната клекнаа во знак на протест против насилството над Афроамериканците, и се заложи за нивно исфрлање од тимовите.

Осудувајќи ги играчите кои одбија да стојат за време на изведувањето на химната и клекнаа придружувајќи се на искажувањето протест против полициската бруталност кон Афроамериканците, Трамп повика на бојкот на лигата и исфрлање на играчите.

Во американската лига неколку стотици играчи во неделата клекнаа и ја наведнаа главата за време на интонирањето на химната, изразувајќи солидарност со оние кои Трамп ги осуди поради протестот.

Трамп на Твитер, меѓу другото, напиша дека играчите, ако сакаат високи плати, треба „да станат додека се изведува химната. Ако не, ОТПУШТЕН СИ. Најди си некоја друга работа“. Во сабота, на републиканскиот собир во Алабама, Трамп рече дека секој играч кој не ја почитува химната е „кучкин син“ и треба „да се избрка“.

Роџер Гудел од НФЛ, одговарајќи на претходните напади на играчите на американскиот фудбал, рече дека неговите твитови покажуваат „недостиг на почит“ кон НФЛ и играчите.

Малку по коментарите на Трамп на Твитер, десетици играчи клекнаа за време на изведувањето на химната на натпреварот во НФЛ кој се играше на англискиот стадион Вембли, помеѓу Џексонвил Џегуарс и Балтимор Рејвенс. Кај двата тима играчите стоеја држејќи се за рацете, заедно со тренерите и персоналот, а им се придружи и сопственикот на Џегуарс, Шакид Кан, американски државјанин роден во Пакистан, кој е сопственик и на лондонски Фулам.

Слични сцени се повторија во Америка.

Движењето „Клекни“ го покрена поранешниот играч на Сан Франциско, Колин Каперник, кој предизвика поделени реакции во 2016, кога не стана на химната, туку наместо тоа клекна во знак на протест против полициското насилство над Афроамериканците. Истото пред своите натпревари го направија уште неколку играчи.

По примерот на Каперник и останатите спортисти, и славниот пејач Стиви Вондер клекна во саботата навечер на сцената на концертот во Њујорк. „Клечам на колена за нашата планета, нашата иднина, нашите водачи и целиот свет“, додаде.

Трамп предизвика дополнителен бес кај спортистите кога во саботата изјави дека тимот кој е шампион во НБА, Голден Стејт Вориорс, повеќе не е добредојден во Белата куќа, откако главните ѕвезди на тимот не покажаа волја да се сретнат со него.

Извор: Јутарњи лист