Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (1) - Брехт, Солженицин, Берион, Кангулем, Делез и Гатари

27.09.2017 15:33
Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (1) - Брехт, Солженицин, Берион, Кангулем, Делез и Гатари

БЕРТОЛТ БРЕХТ

Брехт уште во најмладите креативни години сфатил дека општествените и уметничките каузи се неразделно врзани. Во 1920 години, кога имал само 22 години, тој пишува: „Додека ги средувам своите стихови низ главата ми се врти примерот на Роден кој сакаше своите ’Граѓани на Кале’ на пазарот да ги постави на толку ниско постоље за живите граѓани да не бидат пониски... Така и песните, треба да се тука, меѓу луѓето.“

Истата година, наесен, конципирајќи ја драмата „Давид“, Брехт пишува дека е неопходно тесно да се поврзат мотивите и дејствието на драмата со политичките настани. „Целата психологија треба да се раствори во акција ‒ бидејќи политиката е премногу интересна за да биде употребена како додаток.“ Уште тогаш, на млади години, Брехт матно чувствувал дека секоја сфера на човековиот живот стигнала во областа на политиката и дека, според тоа, и самата уметност станува идеологична а законите на општеството сè повеќе го проникнуваат уметничкото дело.
Брехт - мерка против силата

АЛЕКСАНДАР СОЛЖЕНИЦИН

Како еден сеуште незомбифициран човек да се постави среде ова колективно самоубивање?! Ќе спомнам два принципа, две методи на соочување со злото. Првата се нарекува „Принципот на Солженицин“, наречена според рускиот писател и дисидент Александар Солженицин. Во својот говор при доделувањето на Нобеловата награда Солженицин својот принцип го формулира вака:

„Едноставниот чекор на храбриот човек е да не учествува во лагата, да не ги поддржува лажните чинови! Нека лагата влезе во светот, дури и нека завладее со него - но не со моја помош!“ „Принципот на Солженицин“, значи, се сосредоточува на значењето на сопствениот морален интегритет. Злото постои, тоа го знаеме, но какви и да се последиците од моето одбивање да учествувам во него - јас одбивам да учествувам во него. Притисоците да го прифатиме „помалото зло“, да сме свесни за опасните консеквенци од одбивањето да се учествува, да бидеме „практични и прагматични“, можат да го збришат нашиот морален идентитет, т.е. во најбуквална смисла да го уништат нашиот сопствен интегритет.
Ultimi barbarorum!

ЕДГАР БЕРИОН

Судирот на Република Македонија и Република Грција околу античкото наследство ме „фокализира“ на една друга славна „фекална“ тема. Едгар Берион, член на Француската академија на науките, 1915 година пишува дека Германците произведуваат повеќе фекални материи од Французите. Дотолку, според количеството на нивниот измет, може да се востанови патот по кој тие поминале. Тој зборува за полихрезијата на германската раса (полихрезија – хиперактивност на перисталтиката – желудникот, цревата и другите шупливи органи). Ми се чини дека современите Грци и Македонци се во истиот спор – која раса произведува повеќе гомна.
Борат и Ким Џонг Ил (Пошлост и полихрезија)

ЖОРЖ КАНГУЛЕМ

Еве еден конкретен пример кој го надградува „Принципот на Солженицин“ и кој укажува како чесниот човек може да реагира во невреме. Примеров го изнесувам и во слава на убиените француски карикатуристи од „Шарли Ебдо“. Овој историски настан всушност го изнесува Жорж Кангулем во 1980-та, на конференцијата „Мозокот и мислењето“, раскажувајќи како реагирал големиот еврејски филозоф Спиноза на политичкото убиство на својот пријател Јан де Вит, кого го убиле оранжистите. Убиството на пријателот го навело Спиноза да преземе ризик, да излезе на улица и да постави плакат на кој самиот напишал: „Ultimi barbarorum - бранењето на сопствената воздржаност наметнува повремено излегување од таму“.
Ultimi barbarorum!

ДЕЛЕЗ и ГАТАРИ

За денес ќе завршам со соодветните согледувања на Делез и Гатари од книгата „Што е филозофија?“: „Срамот што сме луѓе не го чувствуваме само во екстремните ситуации опишани од Примо Леви, туку и во безначајните околности, пред нискоста и вулгарноста на егзистенцијата одомаќена во демократиите, пред ширењето на тие начини на егзистенција и мислења-за-пазарот, пред вредностите, идеалите и мненијата на нашата епоха. Грдотијата на животните можности што ни се понудени доаѓа однатре. Ние не постоиме надвор од својата епоха; напротив, со неа постојано склопуваме срамни компромиси. Тоа чувство на срам е најсилниот мотив на филозофијата.“
За срамот, вината и одговорноста

Слики: Вася Ложкин