Нема тука ништо фер

28.09.2017 01:57
Нема тука ништо фер

„Сите учесници во изборите со своите активности го поставуваат фундаментот на демократијата и придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем на Република Македонија“, се вели во почетниот пасус од Кодексот за фер и демократски избори, што го потпишаа кандидатите за градоначалници, а им го испрати Државната изборна комисија.

По сè што се случуваше со изборите во Македонија во изминатава деценија (секоја година-две се потпишуваше таков кодекс), сега е тешко – ако не и невозможно – да се прифати ваквото тврдење на анонимниот автор на текстот. Од проста причина што сите учесници на изборите не се баш со сите. Има премногу меѓу потписниците на Кодексот кои докажано, недвосмислено со своите активности го рушат фундаментот на демократијата и ја разградуваат довербата во изборниот систем на државата. Што подразбира под градење доверба, под демократија и фер избори кандидатот за градоначалник на Скопје од ТМРО, Ванчо Шехтански, кога одбива да се потпише под текстот од Кодексот што бил напишан на албански? Но, неговиот гест е занемарлив, неспоредлив во однос на делата на градоначалниците од старата ера кои се борат за уште еден мандат, овој пат во новата (без пауза меѓу двете ери). Каква доверба кон изборниот систем гради некој што со динамит разградувал капитални објекти, или увезувал човечиња-гласачи, или на полноќ барал печати и менувал партии, или одврзувал вреќи со изборен материјал, расипувал лифтови…

Нивниот потпис уништи многу од иднината и на општините и на луѓето. Мафијашкиот кодекс според кој се однесуваат, нема никаква врска со овој за фер и демократски избори, што го потпишуваат.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња