Улицата е за живеење, а не за сообраќајно дивеење

28.09.2017 02:44
Улицата е за живеење, а не за сообраќајно дивеење

На 1 октомври (недела) со почеток во 11:30 па сѐ до 2:30 часот на улицата „4 јули“ во населбата Ѓорче Петров ќе се одржи настанот „Улицата е за живеење, а не за сообраќајно дивеење“.

Улиците како јавен простор биле и треба да останат место за сите граѓани. Особено маалските. Мирни, безбедни и пријатни за живеење, за движење и социјални контакти.

Овој настан е инспириран од проблемите на ул. Борис Сарафов (поранешна 4 јули), но истите проблеми се однесуваат и на многу други делови од градот: брз моторен сообраќај, небезбедност, бучава, скратено право на движење на ранливите учесници во сообраќајот.

Со овој настан сакаме да истакнеме и оживееме две заборавени функции на улиците:

-улиците како место за безбедно пешачење и возење точак за сите генерации, за движење на децата, повозрасните, за детски колички
-улиците како место за социјални контакти, за безбедно среќавање, безбедно преминување, за контакти…

Ќе возиме точачиња со децата на Детска Критична маса, ќе пишуваме пораки за безбедност и ќе слушаме добра музика од легендарни скопски музичари од токму оваа маало.

Ги повикуваме сите комшии од улицата, од Ѓорче и од пошироко да ни се придружат. Да порачаме дека улиците се за живеење, а не за дивеење. Дека нашиот град е наша сцена. Дека улицата сакаме да ја доживуваме како втор, заеднички дом, а не како автодром.

Настапуваат: Мухамед Ибрахими, Милко, Ласт Експедишн, Мугер Фугер и Бла Бла Бла