Како да се потроши времето

28.09.2017 04:39
Како да се потроши времето

Кога ќе му се јавам на забарот и кога тој ќе ми каже дека цела недела нема слободен термин, јас му верувам. Човекот е сериозен професионалец. Но кога од мене бараат да присуствувам на некој состанок или тркалезна маса, да напишам есеј или да бидам член на некое жири, а јас одговарам дека немам време, не ми веруваат.

„Ма ајде, професоре“, ми велат, „некој како вас секогаш може да најде малку време.“ Очигледно е дека нас, хуманистите, не нѐ сметаат за сериозни стручњаци, ние сме денгуби.

Направив една пресметка. Ги повикувам колегите кои се занимаваат со сродни професии да ми кажат дали сум во право. Една година, која не е престапна, има 8.760 часа. Осум часа сон, еден час за будење и за тоалета, половина час за соблекување и ставање на минералната вода на ноќниот орман, и не повеќе од два часа за оброци се вкупно 730 часа.

Со три предавања неделно од по два часа и едно попладне за прием на студенти, факултетот ми одзема, за двасетина недели колку што траат предавањата, 220 часа за предавањата, 24 часа за испитите, 12 за разговор за тезите, 78 за седниците и разните собранија.

Земајќи ги предвид и петте дипломски трудови годишно од по 350 страници (во просек секоја по три минути), прочитани најмалку двапати, пред и по прегледите, стигнуваме до 175 часа. За писмените работи, со оглед дека многу од нив ги прегледуваат моите соработници, нема да сметам повеќе од четири по испитен рок, триесет страници за час, пет минути по страница, дел за читање дела за дискусија, и ете уште 60 часа. Не сметајќи ги истражувањата, стигнавме до вкупно 1.465 часа.

Уредувам едно списание за семиотика кое излегува трипати годишно на вкупно 300 страници. Не сметајќи ги прочитаните и отфрлени ракописи, посветувајќи десет минути на секоја страница (проценка, преглед, коректура), стигнуваме до 50 часа. Уредувам две едиции врзани за мојот стручен интерес и ако одвојам само десет минути за секоја страница, тоа се уште 300 часа. Моите преведени текстови, есеи, книги, статии, настапи на конгреси, сметајќи ги тука само јазиците кои можам да ги контролирам, прават во просек 1.500 страници годишно: на секоја ѝ посветувам по дваесет минути (читање, контрола, разговор со преведувачот лично, по телефон или писмено), и така стигнуваме до 500 часа. А тука се и оригиналните ракописи. Дури и ако не пишувам книга, со есеите, рефератите за конгресите, извештаите, белешките за предавањата и слично, ете нови 300 страници. Да сметаме дека за размислување, за правење белешки, за пишување на машина и поправки се троши барем еден час по страница, и дека тоа се тие 300 часа. Кога станува збор за белешките на Минерва, за барање на темата, правење белешки, консултирање друга книга, пишување, префрлање во посакуваниот формат, праќање или диктирање, ми требаат, во најдобар случај, три часа; кога тоа ќе го помножиме со 52 недели, ете нови 156 часа (да не ги сметам другите непланирани статии). И на крај поштата, на која, не успевајќи да ја прочитам цела, ѝ посветувам три претпладниња неделно и која ми одзема уште 624 часа.

Направив пресметка за 1987: прифаќајќи само десет отсто од понудите и ограничувајќи се строго на дисциплинарни собири, на промоции на проекти со кои имам раководено јас или моите соработници, неодложните присуства (академски церемонии, состаноци кои ги свикуваат ресорните министерства), стигнувам до 372 часа ефективно присуство (не сметајќи го мртвото време). Земајќи предвид дека многу мои обврски се врзани за странство, додадов уште уште 323 часа кои ги поминувам во патувања. Оваа пресметка покажува дека само делницата Милано-Рим трае четири часа, вклучувајќи го таксито до аеродромот, чекањето, летот, таксито до Рим, сместувањето во хотел и заминувањето до местото на состанокот. Патот од Њујорк трае 12 часа.

Крајниот збир изнесува 8.094 часа. Кога тој број ќе се одземе од 8.760, колку што има часови во една година, ми остануваат 666, односно еден час и четириесет и девет минути дневно за секс, гледање со пријателите и семејството, погреби, лекување, купување, спорт и театар. Како што се забележува, не го споменав времето за читање на печатен материјал (книги, статии, стрипови), тоа го правев за време на патувањата, во 323 часа, пет минути по страница (само читање и прибелешки), што значи дека сум можел да прочитам вкупно 3.876 - еквивалент на само 12,92 книги од 300 страници. А пушењето? На шеесетте цигари на ден, кои треба да се запалат и изгаснат, одат 182 часа. Вака повеќе не може. Ќе морам да го оставам пушењето.

Извор: IL SECONDO DIARIO MINIMO

Слики: Павел Кучински

ОкоБоли главаВицФото