Патување

28.09.2017 13:00

Времето те прегази во мигот кога тргна.
Во автобусот преку границата
кондуктерот ги избриша седиштата
со заборавена брошура за човековите права.
Врз прозорците на другите патници не врнеше,
само врз твојот капките удираа како камења,
исто како на излезот од едно познато метро
кај што врне без престан
и малите сирачиња дуваат лепак во пластични ќесиња
исполегнати на подвижните скали.
Душата ти трепереше во тампон зоната,
телото ти зјаеше како испразнет шкаф пред селидба,
ноќта беше бесмислата на денската смисла.
Со прекини сонуваше нераскинлив сон:
како деветнаесеттиот век патува наоколу брадосан
божем пијан губитник,
како дваесеттиот век се стрижи и бричи
во градска берберница,
а дваесет и првиот безглаво трча помеѓу нив.
Во првиот град те пречека Клубот Политковскаја,
во вториот – ирскиот паб Џојс,
во третиот – бели куќи со завеси од тантели
и со некролог: денес ќе го погребеме д-р Роберто.
Од балконите на пеколот
висеше долна бела облека.
На балконите во рајот, пак,
одамна снема јажиња и штипки
за сушење испрани мозоци.
Бабичките во ќошињата на квартот
не пружаа повеќе ни рака.
На масата во сопчето на твојот сонародник:
два тома од Капиталот и клуч за тоалетот.
Од лустерот се нишаше слободна јамка.
Ако биде сѐ добро, еден ден овде
ќе станеш и ти поштар
кој со врзопче клучеви
ќе ги отклучува градските гробишта
и на мртвите жени ќе им ги чита
писмата од мртвите мажи.
И тогаш ќе те пресретнат
маалските момчиња
во долги црни капути
и потоа никој повеќе
нема да се сеќава на тебе
ни дека си бил тука ни дека си се родил некаде.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото