1016 hPa
41 %

24 °C
Скопје - Нед, 13.07.2025 22:59
Драгица Јордановска
Теретана
Кога ме оставале сум држела до себеси. До тоа што останало. Со пластови немоќ во желудникот, со правлива слабост во зениците, лигав вкус на предавство во устата, заминував кон теретаните.
Стари патики, крпа, ранец на грбот и купишта тегобност влечкав во моето чистилиште. По повеќечасовна фиксација во масивни огледала, пикната меѓу огромни бицепси и трицепси, го претрчував светот без поместување. Минував денови и денови во лош џубокс, вртејќи се околу сопствената оска до премалување. Со надеж дека кога ќе се премори телото ќе ја ногира бар на кратко душата. И ќе и даде оддишка.
Кога ме оставале сум губела килограми. И само ситни грамови јад.
Единствен
Минаа години откако те видов последно на перонот на железничката станица. Од проклетиот миг кога застана времето меѓу тебе и мене. Нашето заедничкото безвреме. И тогаш престанав да ги бројам деновите. Почнав да не ги скицирам часовите. Ја исфарбав косата црвено додека пламен ми татнеше во срцето.
Не гледав веќе во календарот, немав телефон, заборавив зошто постојат бројаници и серии, не разликуваав јаве од сон. Капев заедно со минливоста на (НЕ) времето, ја газев чергата на притаениот јад и се виткав катаден. Од бол, од болка, од болест. Од скршеници на егото, од изгореници на душата, од врева во срцето.Ме исцрпи лудилото, ме потроши болот на НЕимањето. И непоимањето. Сошив триста рабови со конец блуден за да не заборавам како е. Нуркав во неповратот. И чемреев под татнежот на страста нематеријализирана.
Остана од мене само бол. Кога ли ќе се преболи, кога ќе се преболи, пре, престани… Ги отсонував часовите, ги исплукав деновите, ги изгмечив годините, а не се исправив. И не заборавив. Што те има, но не овде. И што ме има но не таму, до тебе.
Симон Николоски
Приказна
Ќе ви кажам нешто што еднаш една личност ми го кажа мене. Една приказна. Не сум јас толку паметен за да го знам сето тоа.
Запали цигара и започна..
-Само слабците чекаат да бидат сакани.
Започна како што секогаш знаеше, а продолжи уште подобро..
-Тие се плашат. Имаат страв од себеси, полни се со сомнежи за тоа дека не можат да сакаат иако не го признаваат тоа. Секогаш велат дека тие знаат да сакаат, тие секогаш сакаат, секогаш тие се тие кои се повредите, кои патат, секогаш се жалат за нешто.
Никогаш не ,,опрааше'' многу, секогаш беше кратка, па продолжи..
-А пак тие што сакаат се сосем друга приказна, тие се тие храбрите. Тие никогаш не чекаат да бидат сакани, тие сакаат, тие даваат.. СЕ! А за возврат очекуваат.. НИШТО! Па тоа е всушност љубовта, нели? Тие иако се повредени сè уште сакаат, немаат во ништо сомнеж.. веруваат во сè, во сите.. па така, сè
помалку се повредени од луѓето. Го живеат секој момент.. не ги затвораат очите за да го почувствуваат тоа што било вчера или тоа што би дошло утре, ја чувствуваат сегашноста.
Ја угасна цигарата, го дигна погледот накај мене, доста самоуверено ме погледна во очи и заврши во свој стил..
-Сакај, живеј. Почни и ти да веруваш во луѓето така помалку ќе бидеш повредуван.
Школка
Ладна, темна, рапава, недопирлива, неотворлива...тоа си ти !!! ... но велат дека не си таква и внатрен, велат дека нешто во себе чуваш бесценето... нешто големо што блеска, некој бисер.
Не сум го видел тој бисер сè уште, но пак никогаш во животот не сум се откажувал ако сакам нешто навистина... како тебе. Морам да го допрам тој бисер или пак само да го видам... да ја почусвтував таа енергија, но тешко е велат... а и да не беше тешко нема да се обидував.
Мора да се отвориш, ќе чекам ... можеби нема да биде тоа денес, можеби нема да биде утре но пак ќе биде некогаш... некогаш... кога јас и ти ќе бидеме тотално сами на дождот под месечината која одвај ќе се гледа од темните облаци.
Не те сакам заради твојата надворешност туку заради енергијата што ја чуствувам што доаѓа одвантре, од тој бисер ...
Но на крајот на краиштата ти си само школка или пак си нешто друго... некогаш можеби ќе дознаам... можеби.
Кејт
***
Јасна Н. не претпочиташе да излегува на врнежливо време. Прво, влагата е непријател на формата на нејзината коса – непријател! На дожд, косата на Јасна Н. потсетува на грмушка. Засрамувачки! Второ, чевлите. Чадорите (иритантни предмети, патем) воопшто не ги штитат чевлите, а не е пожелно човек да се појави некаде со валкани чевли: луѓето секогаш ги забележуваат нечистите чевли и, сеедно што врне и што е разбирливо да се извалкаат, не наоѓаат оправдување за таквата состојба на обувките. Кога на сето ова ќе се додаде многу веројатната можност капки атмосферска вода од нечистите улици да се пренесат на нејзините панталони, односно хулахопки, Јасна Н., замислувајќи како туѓи очи фиксирани токму на тој, валкан дел од нејзината облека, ја набљудуваат во движење, сметаше дека има сосема оправдани причини, на дожд да не излегува од дома. Јасно, доколку не е апсолутно неопходно.
Денес врнеше и беше апсолутно неопходно Јасна Н. да излезе. Психолошка подготовка е задолжителна во вакви ситуации и Јасна Н. знаеше како се прави тоа. Да, знаеше! Покрај тоа, за да ги минимизира очекуваните непријатности, повика такси. Но, о Боже, сообраќајот! И косата! И чевлите! И панталоните!
Ирена Игњатовска
Страв
Трча. Задишана. Бега како да ја гонат илјада ѓаволи, црни долгоушести, наметнати со модри бессјајни изветвени наметки и се смеат длабоко со глас кој како од бунар да излегува. А сред сончевина која ја блиснала тревата под нејзините нозе. Чекори долги и брзи, петиците чини зад неа се издигнуваат и ја допираат. Подзема воздух, ги полни дробовите како вреќа со зарзават за на пазар, и не го испушта дури не одмине едно чудо пат претсебе. Под табаните чувствува нерамнини кои ги згазнува неправилно па некои камчиња како сечило ја засекуваат одлево и и’ создаваат болка. Ама болката и постои за да боли. А не може да знае каде се, тревата ги покрила и како килим е пред неа. И трча сè уште. Крај овошките кои родиле.. крушки!? Веројатно.. мириса на крушки...некои паднати и изгниени веќе. И и’ стежнува телото, замор и го нагрдува ликот. Рацете кои се нишаат крај половината паѓаат подолу и омлитавуваат. Ама не запира.. мора да побегне. Да се скрие, да го прелаже изгонувањето, да се спаси од застрашувачкото. Ама морници и’ тупкаат и штипат по телото, сенка се надвиснува и го затскрива блесокот на сонцето. Птиците наредени на некоја гранка се разлетуваат една по една. Нечија рака ја допира по рамото...ја стигна, не и’ побегна. Ја повлекува, ја запира...и мора да се заврти..конечно да види од кого бега налудничаво. И во очите и’ заживува ликот толку познат и близок.... сопствениот лик.
Исидор Ивановски
Цената на светот
"Што мислиш Џон што вреди на овој свет", го прашав додека ја поправаше колата. "Да ја намалиме брзината на свелината за универзумот да престане да се шири, а ние по инерција да се треснеме во сонцето." "Го убив заради таа шега." "Навистина?" Да, скокнав врз колата, а тој од помислата дека ке биде смачкан се посра до смрт. Вечерта купи коњак, зашто беше среќен што не се случи некаква несреќа. Се опивме двајцата, а тој на крајот ме праша којa била причината што не ми се допаднал неговиот начин на шегување. Му реков со сериозен израз на гласот: "Џон јас сум вљубен човек и мислам дека светот вреди многу повеќе од твоите шеги." Му реков дека сум вљубен во тебе. Џон нема девојка и сето тоа го разбра многу сериозно. Колку само беше смешен кога ме прегрна и ми ја понуди неговата кола. "Навистина? Ти ја понуди колата?" Кимнав со главата и и се смешкав на нејзините ококорени очички. "Колку се лоши твоите шеги Владимир!" "Дојди и остави ја чашата." Ме прегрна, а голите нозе ги префрли врз мојата половина. Ја плеснав по газето. Нејзините усни беа како сув локум со мирис на вино. "Таа ја знае цената на светот Џон", му реков додека со истиот сериозен израз ја подаваше главата од под колата.
Бел чадор
“Затвори го прозорецот мамо и донеси чадор проклетиот покрив е сè уште скапан-ќе замирисаат чаршафите на мувла! Дојди зошто сам ке ја затнам дупката!”
Зборовите на Јохан ми тинчеа во ушите, додека Клер ме покриваше во нејзината прегратка. Повеќе ми беше жал за неа отколку за мојот син. Нејзините напнати очи гледаа во ќошот, a раката и паѓаше врз мојата брада. "Кажи му дека нема да дојдам денес", и шепнав, "Ричард не ја донел количката и прегледот ќе се одложи за еден месец." "Не, се јави Клара; Tаа е во градот и сака да го види." "Мислиш?" Нејзините суви усни направија мала гримаса, ја фати косата и отиде во собата. Ги допрев нозете; тие беа мои колку што го делев овој кревет со Клер. Замижав.
"Сакам да имам бел чадор во овој долждлив ден и секој под ова сиво небо со мене да биде, под мојот бел чадор", се слушаше од соседната соба. Јохан! "Престани", ми викна Клер, "Сигурно ги покрил ушите." Таа ги стави рацете врз моие гради, додека се обидував да се исправам и ме прегрна. Мирисот на нејзината коса се смеша со здивот со кој сакав да го изговорам името на Јохан. Ме бакна со сувите усни, а нејзините солзи веќе беа на моите образи. Замижав; додека капки дожд паѓаа врз лицето на Јохан.
Креветот на дедо ми
Дедо имаше стар кревет на кој обожаваше да спие. Незнам што се моткаше во главата на овој старец, но федерите на креветот правеа таков звук, што ме вадеше од памет. Еднаш сериозно му предложив да си купи нов кревет и му дадов пари. Овој купил цигари и наредниот ден пушевме цигари на стариот кревет. “Зошто почна да пушиш цигари?” “Зошто уште седиш на креветот”, ми одговори дедо со неговите бели заби(Тој имаше навика да ги мие забите многу често) “Ќе ти пожолтеат забите дедо.” “Па што”, рече дедо и повлече дим. “Вчера мајка ти ја тресна на сестра ти со куклата што и ја купив.” “Навистина?”, реков палејќи цигара, “Но јас ја купив куклата дедо.” Се насмеа, “Оди види во собата, купив гајба пиво, донеси да се напиеме.” “Каде се пивата дедо!”, неможев да му ги најдам пивата. “Во фрижидерот оставив четири-тие донеси ги”. Дедо се беше испружил на кревотот и се смееше. “Ти пречи што крцка креветот?” “Не го ни слушнав”, му одговорив давајќи му го пивото. ”Не лути се, следниот пат ќе го купам креветот. Сега оди ако сакаш, кај рафтот има коњак до чашите.” “Ќе одам .” “Убаво”, повлече дим правејќи смешна гримаса. “Се наоѓаат ли жени Максим?” “Доволно дедо”, одговорив ставајќи му пиво во чашата.
Д. Краљевски
Човекот кој престана да пишува
Мојот омилен писател во еден најубав ден, престана да пишува. Веќе во следниот најубав ден се чувствував како да ми снемало дел од здивот, засекогаш. Оттогаш го прашвав секој ден сосема идентично прашање „зошто?“. Не сакаше да ми одговори, но се обиде да изговори изговор дека го изгубил омиленото пенкало. Но во следниот момент, веќе му ја знаев приказната.
*
Во малиот џеб на човекот кој престана да пишува под изговор дека го изгубил омиленото пенкало, имаше мало згужвано ливче со неколку нотисани реченици кои ги чуваше во случај на инспирација за некоја пишуванка, но никогаш не ги искористи оти му стивнуваше импресијата врз нив, додека да одлучи да пишува.
Eдноставно го изгуби омиленото пенкало и толку. Во него всушност се криеше фактот дека ја изгуби музата, сосе нејзините пријатели, сосе украдените нејзини навики, омилените заедничности, па дури и меморијата од тоа се распадна на фрагменти под дејство на поминатото време.
*
Откако ја сознав приказната, некако случајно почнав да ја пишувам. Ја пишував можеби секој ден, сѐ додека не дојде најубавиот ден кога некако случајно и непознато за мојата свесност, го изгубив омиленото пенкало.
Нова година, во стари патики
Тоа зимско утро на работ на последниот ден од годината, беше единственото во кое заедно се пробудивме во седум часот. Се сеќавам дека беше со некоја посебност, не поради реченицата што ја приметив од книгата на Сартр, ами поради нешто послецијално. „Зимското утриснко сонце топло продираше низ прашината на прозорците“ – ја препишав реченицата од книгата и тивко излегов од собата. Ја оставив да поспие, оти водењето љубов може да измори човека. Чувството е премногу слично како она кога сакаш да одмориш малку од спиење, човек може и од спиење да се умори, па и од што уште не..
- Стари патики, нова година, а јас пијана – рече смеејќи се додека ги врзуваше патиките кои очигледно ѝ беа мали, но немаше други, а згора на сѐ, тоа беше новогодишна вечер!
- Тоа ми личи на хаику, не?
- Еј да, ќе го запаметам.
- Ајде, јас ќе го направам хаику, штом ќе се вратиме. – Реков и заминавме некаде низ не многу густ, но вкусен чад на барут од петарди.
Никогаш не се вративме заедно. Не дека не можевме, туку изгубивме потреба за тоа.
Повторливата приказна
Сите паѓаат. Некој од зграда, некој од умот, некој од љубов, некој од глупост.. Паѓањата никогаш не биле забавни или импресионирачки за паѓачите, а човекот пак паѓа. Човекот е само бедно суштество, кое глуми гордост! Самиот збор „човек“ звучи бедно, чудно е како Горки не го забележал тоа уште одамна кога се чудеше колку гордо звучело тоа. Паѓањата се случуваат поради умирање на бајките, а бајките сјаат како рамна светлина опкружена со мрак, но секогаш знаат да умрат токму пред да ги сфатиш сериозно.
Капката падна врз еден сув лист кој со последните сили се држеше за гранка на едно дрво кое сите листови го викаа „живот“ и започна да се лизга по него, започна да го бакнува, да го љуби страстно! Капката и сувиот лист беа најсреќните нешта во тој момент. Но не и во следниот. Оти тогаш таа се стркала и падна долу во калта.
Десетина метри потаму, длабоко во земјата имаше два мртовечки сандаци во кои лежеа девојката и момчето кои ја одживееја оваа приказна многу одамна. Нивните души сега постојано влегуваа во листовите, капките, потоците, камчињата и сѐ што ги опкружуваше, само за да ја доживеат истата своја приказна повторно и повторно..
Наивен куп хартија
На почетокот на неговите први страници од животот, пишуваше: „Посветата би ѝ била непотребна“. Потаму пишуваше наслов, по кој требаше строго да се придржува за да не се промаши себе си, или поточно кажано – својот, во најголема мера, веќе одамна измасакриран живот.
Нејзините нежни прсти секогаш кога ќе му ги прелистуваа страниците, тој помислуваше дека се во ликвидна форма. Кога конечно нејзините внимателно изгрицкани прстиња, дојдоа до последните страници, таа забрза со топење на страста читајќи го. Тогаш беше најубедена дека го сака и баш тогаш го убеди и него. О, колку беше наивен во тие мигови. Но што можеше да стори, тој беше само книга. А таа – негова читателка, негова дива љубовница. Кога конечно дојде до точката на последната реченица кога случајно го заврте листот од другата страна, а на средината меѓу двете негови бели половинки, срдечно пишуваше: „Посветата иако не ти беше потребна, тајно ти ја препишав тебе“.
Таа затрепери со прстињата и веднаш го поклопи со неговата задна корица. Го врати во празното место на полицата и никогаш повеќе не го отвори. Утре ја немаше книгата на тоа место. Тој куп наивна хартија повеќе никогаш не го виде.
Ѓургица Костадиновска
Дијалог со душата
- Понекогаш се прашувам дали вреди целиот труд. Ајде да анализираме теории, да веруваме во натприродните нешта, да се обидеме да бидеме нешто повеќе од луѓе.
– И што на крајот?
– Па се знае. На крајот смрт.
– И каква полза од животот?
– Нема полза, тука си да си ја одиграш улогата како во театар, само што публиката е глува и нема за твоите дела и зборови.
– Која публика?
– Твојата. Онаа што цел живот се обидуваш да ја придобиеш. Да каснеш од поголемото парче слава, алчно се гребеше додека не ти здосадија па им го сврте грбот, зар не?
– Не знам. Можеби. Впрочем зошто не ме оставиш да си ги задржам моите мисли во мојата глава?
– Добро, остави ме да живеам во заблуда. А баш сакав да си ја испитам интелигенцијата, ќе се надоградам можеби ако ги слушнам твоите мислења.
– Тоа ништо нема да смени. Сеедно е.
– Па океј тогаш, што е штосот?
Разговор со сопственото его.
Погледни долу, огледалото е на масата.
До него отворена книга и стихови испишани со крв.
Марјан Алчевски
Панда
Срцка вика дека се вика Панда, а јас и Дени и викаме да не сере зашто панда е име на мечка од Јапан и дур не видиме лична ние ќе ја викаме Срцка.
Утредента Срцка ќе заврши во болница, а Дени и јас нема да се чуеме и нема да искочиме никад више. Сè заради ласерот.
Пред Мусандра батката вика дека нема братучеди од Чаир и нека чекаме ко сите други. После пола саат сакам да си идеме ама Дени има пари за такси и не идеме нигде дур не го видиме ласерот. Срцка искача од Мусандра и прашува дали сме со кола. Дрпнала пола шише Мараскино од шанк па ако сакаме да и правиме друштво. Дени вика не сме ама као да сме.
Кај неа дома испаѓа дека Мараскино е срање од вишни и дека Срцка го дигнала и ласерот. Дени се курчи дека знае да го спои на „обична“ струја. Таман пред да се раздени Дени го пали ласерот и мафта, Срцка вриска и се смее, а мене ми се повраќа од вишните. Не и’ го дава на Срцка туку и’ светка во лицето и целата е зелена.
Две минути после тоа Срцка урла дека е слепа и дека боли, кине и да викаме некој. Дени врти 94. Јас стојам со личната и Дени ми вика дека од брза помош бараат адреса. Срцка вришти и плаче. Дени урла да му ја прочитам адресата. Дени, викам, стварно се вика Панда.
Цветанка Рујан Колева
Вода
Сино со бели облаци. Небото беше. Облици над мене. Секакви. Еден непристоен пливач ми направи бранови. Морав да почнам да пливам. Ќе се удавев. Моето лебдење над водата си го зеде делот. Уживањето никогаш не е доволно долго.
Повторен обид
Беше сето сино. Овојпат небото. Без облици на облаци. Сонцето се давеше на друго место. Еден непристоен пливач ми направи бранови. Еби се! му викнав со капки во очите. Тој безобразно се размавта со нозете.Направи бура. Простотилакот нема мерка. Моето лебдење над водата повторно заврши.
Финале
Се залетав од брегот во ласта стил. Продолжив со класика. Од чист инатет отидов од другата страна. Ми се зеде здивот на крај. Пратија чамец по мене. Само зјапав, а тоа пак, уште беше сино. Горе. Сето. Небото. Лебдеше.
Габриела Стојаноска-Станоеска
Болките на пишувањето
Ја сретнав на педесетина метра од нашите домови.
-Здраво Анушке. Види какви купив...
- Слушај ваму! За книгата што ми ја даде да ја читам: КАКО не ти било срам, на толку години живеачка, да пишуваш такви работи за нашето семејство?
- А кој знае дека е за вас? Само го искористив случајот со болеста. Сè е сменето, имињата, ликовите, местото...
- Сè препознав. Сите муабети што сум ти ги кажувала... Си напишала педесет страни за нас, јас можам да напишам петстотини страни за вас! Ако си писател, треба да си пишуваш за тебе, за твоите...
- Па, има и за татко ми и за мајка ми. А за мене е цела книга...
- За ова можам да те тужам.
- Тужи ме слободно. Ти треба да знаеш какво ми е срцево. Господ ми е сведок...
- Да, господ!
- Тој знае дали ви мислам лошо...
- Ама треба да си пишуваш за тебе!
- Па за мене е, за болката што ја чувствував покрај вашата трагедија...
Тогаш стигнавме пред куќите лепенки. Татко и и мајка ми седеа на заедничката клупа. Пред да им каже „ Добровечер“ и да влезе внатре, ми рече тивко:
- Само ти продолжи да пишуваш.
Срцето ми чукаше силно. Отидов да мочам и да се напијам вода.
Нека се живи и здрави младите – ништо не слушаат
Многу пари фрлаат. Ни малку не штедат- не мислат младите.
Не го облекуваат детето, ќе го разболат - ништо не разбираат младите.
Се вратија во провинција, ја турнаа куќата – си грешаваат младите.
Во сè избрзуваат, ич не поќутуваат и ништо не признаваат – само тие знаат.
Како мислат, така нека прават, нека се живи и здрави, ама ништо не слушаат.
Полоши од Пандора
Не е убаво да се чека. Посебно не пред врата на амбуланта на која пишува: дерматолошка онкологија. Дури ни тогаш кога оној чие име се чека да го изговорат за да влезе внатре не си ти. Подеднакво е неубаво кога тој што седи до тебе и не му е до муабет, го сакаш до крајната мера на љубовта, ако љубовта воопшто има граници. Зошто не напишале само дерматологија? Или попрецизно: дерматоскопија? Нели мајка и ја испратија на дерматоскопија? Но, тој збор, така уредно изрезбарен врз сјајната плочка на вратата не го очекуваше. Дали го прочита мајка и? Најверојатно не. Таа чита само кога мора. Сега не мора. Ќерка и е тука за да ја доведе до вратата број два каде што ги упати сестрата од шалтерот.
Не и се пушташе мајката низ таа крајно неписмена врата. Добро, каде им е барем прашалникот? Не го изоставиле најстрашното, а го пропуштиле најважното. Полоши се дури и од Пандора! Нека бидат, ако сакаат, и доктори за нобелова награда по медицина, нека знаат сè за болестите и смртта, не знаат ништо за животот, ако не знаат за надежта. Не. Не е воопшто убаво да се чека, кога некој ти го затвора просторот за добрата варијанта на одговорот на она тешко прашање: А што ако биде...
Вистински момент
И таткото и синчето се првпат во циркус. Детето не сака да ги гледа ни акробатите, ни жонглерите, ни пудлицата која оди на две нозе и знае да отвора и затвора врати... Само повторува едно те исто:
- Тато, тато! Кога ќе излезе слонот? Кога?
- Сега, само уште малку. Гледај!
-Тато, тато, тато, тааа-то?!
- Кажи сине?
- А кога ќе излезе слонот?
- Види кловн!
- А, ќе ме качиш на слонот?
- Еј колку хулахопи врти теткана! Сто, ко да е во циклон!
- А слонот кога ќе дојде?
- Пссст! Страшно е, ако ја погоди со стрела тетката место балонот што го држи таа со забите...
- Ама јас го сакам слонот!
Конечно, качен на тркало слонот еквилибрира држејќи со сурлата девојче кренато во висините. Таткото уморно и тажно размислува во себе: „Во циркус треба да се оди, никако пред пет години, а задолжително пред да се прочита лектирата со кучето Бак од Џек Лондон. Инаку, овие згодни женски до зебрите и слонот, облечени ко амазонки во порно стил, се клонираат во човекот со црвен џемпер.
Синот му удира шлаканица на таткото.
- Слушаш? Сакам сега да ме качиш на слонот!
Чистотница
Кога умре за неа рекоа: Беше прекрасна домаќинка. Многу чиста жена!
А ретко кој знаеше дека секогаш кога имаше можност никој да не ја види, кваките ги отвораше со измолкнатата блуза на дланките место ракавици; мочаше речиси како маж во полуисправена положба без допир со тоалетната школка, а кога сепак мораше да се задржи подолго на истото место, прво ја редеше со дебел слој хартија, па седнуваше на неа. Плаќаше највисока сметка за вода во цела населба и најмногу пари трошеше на кремови за раце со милк енд хани за многу сува кожа. Не користеше леѓен за миење на интимните делови. Признаваше само комплетно туширање. Никогаш во нејзината долгогодишна сексуална револуција, ама ниту еднаш, не и се случило да води љубов без претходно да се светне целосно. Имаше една паста за заби во бањата и една на фиоката до креветот со чаша вода, а под перница чуваше најлути бонбони со вкус на ментол. Пред спиење практикуваше јога за ментална хигиена, ама никој, дури ни нејзиниот маж, дури ни нејзиниот духовен отец кај кого се исповедаше после секои пости, ама баш никој од овој свет не дозна дека никако не успеа да ја испере желбата да проба валкан анален секс. И во гробот се сврти помешечки.
Stari patiki - nova godina
Испратено на 03 август 2010 од MarijanaStari patiki - nova godina ili obratno kako i da e, moj favorit od ovoj krug :) I Panda mora da se spomene, da.
Исидор Ивановски,Габриела
Испратено на 03 август 2010 од МА-ДА-ФА-КАИсидор Ивановски,Габриела Стојаноска-Станоеска и Д. Краљевски!
kratok raskaz
Испратено на 04 август 2010 од LudellaИсидор Ивановски - Цената на светот
другите ми се просечни...
Исидор ми е најјак. некако ми
Испратено на 04 август 2010 од butterflyИсидор ми е најјак. некако ми имаат најмногу шмек расказите кои ги пишува. И Габриела е добра.
na gjurgica i ima epten
Испратено на 04 август 2010 од MaRAkna gjurgica i ima epten poenta, ama smetam deka vo knizevnosta nestata ne se kazuvaat taka direktno. ako bese taka togas se ke kazevme so edna recenica. Da se potrudi da bide poinventivna vo ideite koi se gleda deka gi ima. Od site najizdzan mi e stilot na Isidor Ivanovski. Se glleda deka e iskusen raskazuvac.
Gabriela e najredovna na
Испратено на 04 август 2010 од danielaGabriela e najredovna na konkursot. Lol
ovajput izborot e bolji. Ali
Испратено на 04 август 2010 од Nevermindovajput izborot e bolji. Ali ipak, ima nekoi koi se dvojat od drugite. Na premer, raskazot Bel carod. Vo tolku malku kazano tolku mnogu.
Panda i Bel cador mi ostavija
Испратено на 04 август 2010 од DanielaPanda i Bel cador mi ostavija najgolem vpecatok, kako najdinamicni. Ostanatoto i taka i taka. A kolku tekstovi ke bidat izbereni na krajot,?
Најдобро би било сите
Испратено на 05 август 2010 од НајдоброНајдобро би било сите текстови кои пристигнаа до сега,од почетокот на конкурсот,да се најдат во едно издание,убаво спакувано,бидејќи сите на свој начин се интересни,особено дека станува збор за аматери...Знам дека како и секогаш проблем се парите и спонзорите,ама ете,како идеа...
Ubava mi e iskrenata emocija
Испратено на 06 август 2010 од vracarkaUbava mi e iskrenata emocija na Dragica - samo napred, se podobra si! Stilskite vezbi na Cvetanka Rujan (alijas -Rejmon Keno- taka li bese?)Koleva povtorno me voodusevuvaat, sekoja cest! A na Isidor bi mu preporacala da ne gubi vreme so kratkiot raskaz, onie 4-5 lika vo Bel cador na 1200 znaci so tie "repliki", vnatresni monolozi i silno naslikana emocija mi kazuvaat deka e roden romanopisec!
најинтересна ми е овојпат
Испратено на 06 август 2010 од книжевничканајинтересна ми е овојпат Панда. Габриела си продолжува со својот посебен стил кој е, секако, интересен за оваа наше време.
Инаку сум на истото мислење со врачарка, дека тој исидор ивановски со кратките раскази само си губи време, оти се гледа дека има умешност за раскажување на професионално поле и тоа како!
батката исидор го здробија од
Испратено на 06 август 2010 од анонимен писателбатката исидор го здробија од фалење. Тешко дека ќе се осмели да пушти уште нешто на конкурсот.
Хе, хе, хе. Поздрав
bel cador mi e mnogu jak -
Испратено на 06 август 2010 од palackabel cador mi e mnogu jak - kako roman vo malo. Drugite dva od isidor ne mi se svigaat nesto posebno.
I gabriela ostava vpecatok so svojata vrela postmoderna. i taka nataka
...
Mi se dopacaat kratkite
Испратено на 15 август 2010 од NadaMi se dopacaat kratkite pisuvanki na Cvetanka Koleva: voda, nebo, sinilo...