Антимакедонската предизборна дипломатија

29.09.2017 07:34
Антимакедонската предизборна дипломатија

Неколку дена примам информации за тоа како дел од нашата дипломатска мрежа работи силно во корист на нашата штета. Повеќе македонски амбасадори и друг висок дипломатски персонал, кадровски решенија на претходната власт – всушност, речиси СИТЕ се кадровски решенија на претходната власт – неофицијално и полуофицијално шират приказни низ земјите каде се испратени службено да ја претставуваат Македонија дека не треба да се брза со странски инвестиции во државава или со политичка и друга поддршка за Владата на Заев, бидејќи состојбите се нестабилни, оти, кај и да е, Груевски само што не се вратил на власт! Тие ги брифуваат своите соговорници дека победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори е сигурна, а дека потоа ќе следува брз распад на сегашнава власт, излегување на нови вонредни парламентарни избори и триумфално враќање на Грујо во Шампитата крај Вардар.

Јас, пак, имам некакви други можни сценарија низ глава: мислам дека е многу извесно ДПМНЕ да ги изгуби претстојниве локални избори, пред сè благодарејќи му на фактот што Груевски е сè уште претседател на таа нереформирана и непоапсена политичка дружина – па, со самото тоа, штета, не ни остава голем избор, туку да гласаме за кој било кандидат понуден од СДСМ!

Дополнително, мислам дека наскоро по изборите нема Груевски да биде тој што ќе се врати на власт, туку дека дузина амбасадори и останати дипломатски гуланфери ќе бидат тие што ќе се вратат во татковинава, пред да им истече регуларниот мандат за правење дополнителни штети на државата за која се платени да работат. И ми велат дека за тоа, кај надлежните во Скопје, веќе постои и список што не е мал, а постојано се шири, што значително ги грее срцата на оние кои за секоја ненадејно испразнета позиција во дипломатијата имаат по тројца спремни нови кандидати, со скромното себе (во прво лице еднина) на водечкото место од предлозите!

На слична, пара-дипломатска, тема е и она за што на времето пишував, а Александар Диневски со право нè потсети деновиве: дека токму Виктор Орбан е човекот по чиј налог – ако се верува на пресудите во случајот „Шпион“! – подолго време се шпионирала Македонија, за што тој, буквално додека се апсеа луѓе низ Скопје осомничени за шпионажа во корист (и) на Унгарија, го доби највисокото одликување од претседателот на Македонија, проф. д-р Фикус. Ете, значи, наредбодавецот на унгарските шпиони, придружуван од Јанез Јанша – осуден, а малку и одлежан, во родната му Словенија на двегодишна затворска казна за примање поткуп, додека беше премиер, од една финска воено-индустриска фирма –дојдоа во Охрид во обид да му дадат меѓународен легитимитет на Груевски во тешкиве политички денови за него; и малку мораа да го причекаат, додека овој им доцнеше на пат од рочиштето во Скопска Единица, каде е обвинет за организирање на банда за тепање градоначалник…

Порка мизерија, каква силна меѓународна дружина, не знаеш кој од кого е поголема мустра! Да имавме среќа завчера судот на Груевски да му го вратеше пасошот, ќе требаше колективно и надпартиски да го молиме Орбан, на враќање од Охрид, да го понесе Грујо со себе, па ни во Будим, ни во Пешта бели очи веќе да не му видиме!

Вака, ќе мора да се трпи уште малку ова лупетање за „новата ера“. Тежок живот македонски.

Извор: civilmedia.mk
Фотографија: Александар Дојранлиев