Пијан комичар атракција во минхенска пивница

29.09.2017 09:41
Пијан комичар атракција во минхенска пивница

1921

Минхенските љубители на пивото и добрата забава изминатите недели одлично си поминуваат со необичните говори на пијаниот неафирмиран сликар и комичар Адолф Хитлер, кој речиси секоја вечер ги забавува посетителите на пивницата „Биргерброкелер“.

Колку овој пијан комичар е забавен најдобро говори податокот дека од вечер во вечер се зголемува бројот на посетители на оваа пивница, кои со овации го поздравуваат по завршувањето на стенд-ап настапот. „Бескрајно е забавен“, смета Уве Месенхолер, еден од посетителите. „Паѓа во транс додека зборува, се тресе, вреска, плука на сите страни, а има неверојатно исечкана гестикулација. Го слушав скоро десет пати, но и понатаму умирам од смеа кога ќе се појави на бината, како да го слушам првпат. Дури и кога ќе повтори некои финти, како онаа дека Евреите се најголемо зло на планетата, луѓето се смеат, зашто секој пат внесува некоја нова луда гестикулација.“

Еден од редовните гости на пивницата, Енис Флум, вели дека секој пат кога Адолф ќе го почне говорот, со пријателите на својата маса се обидува да утврди колку пива испил пред тоа.

„Најчесто претпоставував дека испил седум-осум пива, додека моите пријатели главно ме убедуваат дека испил барем десет. Еднаш дури некој ни рече дека тој и воопшто не пие, што е невозможно, како некој што е трезен би можел да зборува такви работи. Ама нема врска, сѐ додека е смешен, нам ни е супер“, вели Флум.

Тој додава дека има впечаток оти некои луѓе во пивницата дури веруваат во она што го зборува Адолф, што ја прави целата ситуација уште позабавна.

„Зборува за некакво идно германско царство, за Евреите, за националната гордост. Дури го спомнува и Вагнер, човекот е бескрајно смешен и забавен, штета што нема повеќе вакви добри комичари, можеби тоа повеќе би ги мотивирало луѓето да посетуваат стенд-ап комедии, наместо да губат време одејќи на кабаре“, заклучува Флум.

Извор: Njuz, Prava istorija sveta, Laguna, Beograd, 2016.