Виктор Орбан е човекот по чиј налог се шпионирала Македонија?

29.09.2017 12:47
Виктор Орбан е човекот по чиј налог се шпионирала Македонија?

Класична политички шизофрена ситуација

ДПМНЕ се наоѓа во една класична политички шизофрена ситуација: пред своите етнички македонски гласачи, Албанците ги третира како Шиптари; а кога, предизборно, се обраќа до Албанците – како тие да живеат во некоја друга, изолирана јавност, со затнати уши и покриени очи за тоа кој, како и што зборува и прави за нив – сака да се прикаже како толерантна и прагматична партија за која, ете, не мора да се гласа, но барем да се воздржат од гласањето за СДСМ! Груевски мисли дека ако тоа убаво, бавно, им го објасни на албанските телевизиски гледачи, тие правилно ќе сфатат дека нема ништо антиалбанско кај него и неговата партија во тоа што СДСМ на Македонците им го прикажува како етнички предавничка формација; што на изборите кандидира и такви ликови како хашкиот осуденик и воен злосторник Јохан Тарчуловски; што измените на Законот за јазиците го претставува како суден ден за македонизмот; што опасноста од мигрантите постојано ја блендира со тивка хистерија против муслиманите и слично.

25.09.17.

Заев се однесува како да му „чади“ од главата

Заев политички се однесува како по малку да му „чади“ од главата: сака процесите да не зависат лично од него, што е еден еманципиран политички пристап, но сметката нему директно ќе му се испорача. Убаво е да се опкружиш со експерти и јавни дебати, ама политичкото лидерство подразбира и самиот да си ги извалкаш рацете, да турнеш, да за’ржеш, да тропнеш на масата кога е време за тоа, оти никој друг нема да го понесе ризикот и одговорноста за реформските одлуки така како што тоа би го направил лидерот. Значи, времето за говори набрзо ќе истече, а оние од крајот на црвените теписи, како и широката македонска јавност, ќе побараат отчет за темелноста, брзината и квалитетот на реформите.

26.09.17.

Сериозни ликови за сериозен нов почеток. На крајот.

Жарко Трајаноски тврди дека креаторот на слоганот „Нова ера“ е генијалец бидејќи, отприлика, успеал на болниот Груевски да му ја погоди месијанската социопатска дијагноза зашто вистинската нова ера стартува од раѓањето на Исус; а и дека сите ние нормалните ќе се израдуваме бидејќи ќе има за што да го заебаваме Грујо до избори. Јас сепак мислам дека некој глупак му ја смислил предизборнава кампања на нереформираново ВМРО, бидејќи уште при нејзината промоција некни, на конвенцијата во „Борис Трајковски“, половина сала стана и си замина. Пусти Грујо, како самиот да е одвеан од ветрот, во полупразната сала мавташе со некаква книшка во рацете, претпоставувам завештанието за доаѓањето на „новата ера“ – тоа ти е, хартија трпи сè! – правејќи провев од кој и Амди Бајрам беше скриен на крајот од редот за да не настине, а само Стевчо и Титовите леви сили, со шалче на вратот, храбро се беа истопориле во првите редови пред налетот на новава ера… Тоа се, богами, сериозни ликови, за сериозен нов почеток. На крајот.

27.09.17.

Груевски како Цезар

Се разбира дека е далеку нашиот Груевски од споредбата со еден од најголемите историски оратори и писатели, генијален римски воен стратег и еден од најхаризматичните политичари во историјата на светот – освен во три работи: титулата „доживотен диктатор“, што за живот ја сподели со Цезар; околноста дека обајцата, во своите владејачки заноси, станаа неодминлива пречка за Републиката; и во фактот што, како и кај Цезар, „убодите“ со кои Грујо ќе ја заврши својата политичка кариера ќе му дојдат од најблиските соработници. Не можам сега да претпоставам дали неговиот политички крај ќе биде со крикот „Зарем и ти сине Мартине?!“ или „Зарем и ти сестро Гордана?!“ – или, можеби, само „Па, ти барем не, куме, вчера вечеравме заедно!“ – но јасно ми е дека, откако Грујо ќе биде поразен на локалните избори, ќе следува брзо свикување на некаков партиски собир во ВМРО на кој ќе се изведе внатрепартискиот политички „атентат“ врз, некогаш, Големиот Лидер. Искрено се надевам дека тој чин нема да биде со насилство од чија било страна, со што е преполна историјата на ВМРО од дамнина до денешен ден. Таму, за жал, ни еден лидер не разбра, додека не се извлечат бодежите, дека му е дојден – и веќе заминат – природниот политички крај.

28.09.17.

Виктор Орбан е човекот по чиј налог подолго време се шпионирала Македонија

Александар Диневски со право нè потсети деновиве: дека токму Виктор Орбан е човекот по чиј налог – ако се верува на пресудите во случајот „Шпион“! – подолго време се шпионирала Македонија, за што тој, буквално додека се апсеа луѓе низ Скопје осомничени за шпионажа во корист (и) на Унгарија, го доби највисокото одликување од претседателот на Македонија, проф. д-р Фикус. Ете, значи, наредбодавецот на унгарските шпиони, придружуван од Јанез Јанша – осуден, а малку и одлежан, во родната му Словенија на двегодишна затворска казна за примање поткуп, додека беше премиер, од една финска воено-индустриска фирма – дојдоа во Охрид во обид да му дадат меѓународен легитимитет на Груевски во тешкиве политички денови за него; и малку мораа да го причекаат, додека овој им доцнеше на пат од рочиштето во Скопска Единица, каде е обвинет за организирање на банда за тепање градоначалник…

29.09.17.

Слики: Свирачиња
Извор:
Цивил