Се сеќавате на „Циганите за уши“?

29.09.2017 13:50
Се сеќавате на „Циганите за уши“?

Во случајот со Ирена Ристиќ која очигледно треба да стане scape goat во однос на дискриминација, јавноста треба да ја увиди сериозноста на секој напишан или искажан збор јавно. Фејсбук со години е многу повеќе од социјална мрежа, медиум на кој граѓаните треба да бидат свесни дека воопшто не е дозволено да кажете буквално сѐ што ќе ви текне, односно можете да кажете што сакате, но потоа морате да сносите и одговорност за кажаното. За тоа како најпаметно да го користите Фејсбук, замислете си една телевизиска камера пред вас и не го пишувајте она што не би го кажале и пред таа камера. Секако, овој медиум е полабав, може да користиме сленг, не мора да пазиме до толку на литературниот речник, но ова е телевизијата на нашата генерација. Нејзиното влијание е огромно, а наскоро дури и во ваква земја ќе биде поголемо од несовременото застарено и ужасно досадно функционирање на поголемиот дел од македонските телевизии, бидете сигурни во тоа. Слободата на говор не подразбира дека имате право да кажете буквално сѐ, туку дека имате право да кажете сѐ што не загрозува некој друг, по било кој основ. Во конкретниот случај, очигледно во наплив на емоции поради смртта на коњот, Ирена претерала во својот израз и имаше стереотипизација на Ромите, може и да се цени дали имало дискриминација, но сепак не може да ја товарат за говор на омраза бидејќи за такво дело таа требала да повика на насилство врз одредена група на луѓе што е сериозно кривично дело. Ви текнува, како што тоа го правеа со години во стотици наврати кон нашите сограѓани Албанци, кон ЛГБТ заедницата, кон новинарите, кон невладините организации, едни познати тогаш провладини водители на кои уште не им стигнале долго посакуваните и заслужени кривични пријави и за кои обвинителството сѐ уште спие. Секако дека и Ирена Ристиќ треба да носи одговорност за нејзините јавно искажани зборови за Ромите, но сепак во вакви услови кога екс министерка за внатрешни работи сѐ уште не одговарала за тоа дека „ги вадела Циганите за уши“ со сила да гласаат, како и безброј други случаи со говор на омраза од претходната власт, навистина ваквиот селективен третман кон Ирена е фарса. А токму селективната правда е идентификувана како еден од главните проблеми во нашето судство во сите меѓународни извештаи.

Извор: Фејсбук профилот на авторката